Премиерот Заев се сретна со египетскиот амбасадор Фатхаллах ел – Далие

По Договорот од Преспа и интеграциските перспективи, отворени се можности за унапредување на економската соработка со Египет, било речено на средбата.

Премиерот Зоран Заев, се сретна со Моајад Фатхаллах ел – Далие, амбасадор на Арапска Република Египет за Република Северна Македонија, кој го завршува својот мандат.

На средбата е констатирано дека нашата држава напредува по Договорот од Преспа и отворените интеграциски перспективи и со тоа отворени се можности за унапредување на билатералната соработката, посебно на економски план, помеѓу Арапска Република Египет и Република Северна Македонија.

Разговарано е за иницијатива за трговски можности во областа на земјоделството, со оглед дека нашата држава има потенцијали во земјоделството, како и за можностите за охрабрување на египетски бизнисмени да инвестираат во нашата земја.

„Градиме пријателства со сите држави, а НАТО и ЕУ перспективите создадоа можности за поинтензивен развој на економските односи со државите во светот. Во очекување сме на историската одлука за шансата да почнеме преговори со ЕУ. Ги заокружуваме НАТО интеграциите коишто значат стабилност. Поради сето ова, зголемен е интересот на странските инвеститори, коишто со поволните бизнис услови што ги овозможува државава кон инвеститорите, гледаат перспективи за инвестирање овде. Се надеваме дека тие можности ќе ги препознаат и египетските компании“, рече премиерот Заев.

На средбата се споделени искуства од Египет за развојот на туризмот и изградбата современа инфраструктура, а разговарано е и за промовирањето на културните вредности, се наведува во соопштението од Владата.

Туристичките работници пред банкрот, бараат итна помош од државата

5 илјади семејства ќе останат без работа, а туристичките агенции ќе банкротираат, ако не продолжат економски мерки, алармира секторот. 

Повторно испратија листа на барања до министерството за економија. Бараат субвенциите за плати да продолжат до крајот на годината, да се ослободат од даночните давачки, а враќањето кредити да се одложи до септември идната година.

„Наш апел е дека во август месец првиот удар ќе биде со 5 илјади отпуштени луѓе и 5 илјади семејства бидејќи се фамилијарни бизниси, ќе бидат во Завод за вработување, а тоа ќе продолжи... Наша цел како сериозна комора е тоа да биде спречено и на време да се делува, во спротивно ќе бидеме ние носени од ветерот, освен што имаме проблеми со непредвидливиот вирус, сега не ни треба и во економијата да имаме непромислени потези.“ истакна Емил Димитриевски, од туристичката комора.

Од туристичката комора имаат забелешки и во однос на протоколите за патување. Бараат капацитетот за пополнетост во автобусите наместо 50 да биде 70%, а зелените картони да важат и следната година.

„Во овој случај кој ќе им ги доплати на превозниците празните седишта и веднаш цената на чинење на билетите се покачува.“/ „Доколку патуваат семејство ако тие може во хотел да се сместат во иста соба, како тогаш да не може да патуваат и да седат на исто седиште. Тоа од страна на Комисијата за здравство не е земено во предвид од практичен аспект.“ вели Билјана Пејковска Ристовска, од туристичката комора.

Од комората сметаат дека туристичките ваучери од 100 евра, граѓаните треба да ги искористат исклучиво преку туристичките агенции. Комората вчера ги доставила барањата во министерството за економија, од каде чекаат позитивен одговор.

Во земјава работат неколку илјади туристички агенции кои што од почеток на Корона кризата седат без работа.

Шекеринска: Курбиново е силен печат на македонскиот идентитет

Курбиново беше болната точка на нашата држава.

Заменик-претседателката на Владата на РепубликаМакедонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска беше во работна посета на Курбиново, каде што во тек се интензивни конзерваторски зафати со цел заштитување на нашето културно богатство. По посетата таа даде изјава за медиуми која интегрално ви ја пренесуваме:

„Курбиново беше болната точка на нашата држава. Додека се трошеа парите на граѓаните на безвреден стиропор и споменици, нашиот вистински споменик на културата, традицијата и македонското средновековно сликарство, црквата „Св. Ѓорѓи" во Курбиново која опстојува 9 века, беше на работ на уништувањето. Додека целиот свет се восхитуваше на црквата во Курбиново, на фреската Ангелот од Курбиново, на фреската која е на банкнотата од 50 денари, додека се пишуваа книги и научни статии за нивната оригинална вредност, влагата го подјадуваше фрескоживописот и црквата чекаше подобри времиња.

И ова се тие времиња. Го спасуваме и овој важен, вистински автентичен споменик на културата.

Започнаа темелни конзерваторски зафати на средновековната црква во Курбиново. Ова е нашата традиција со која се гордееме пред светот. Експресивните и уникатни фрески се спасени.

Милиони евра беа фрлени на стиропор, ниту денар за Курбиново. Милиони, пари на граѓаните, беа фрлени во ветер, ниту денар во македонското автентично културно наследство. Тоа време заврши.

Ја вративме државата на вистинскиот пат, ја поврзавме со светот, ги вративме парите на граѓаните и го зачувавме идентитетот. Курбиново е силен печат на македонскиот идентитет, а грижата за него е силен доказ за вистинскиот автентичен патриотизам".

Чулев: Штипјанец уценувал и поткупувал сограѓани за да гласаат за СДСМ

Сопственик на продавница во Штип ветувал дека ќе им избрише долг на повеќе лица од ромска националност, доколку на изборите гласаат за СДСМ, објави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. 

Сопственик на продавница во Штип ветувал дека ќе им избрише долг на повеќе лица од ромска националност, доколку на изборите гласаат за СДСМ, објави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој напиша дека дуќанџијатата со иницијали Д. А. ги поседувал нивните патни исправи и лични карти кои биле држени како залог за долговите кои ги имале во неговата продавница за прехрамбени производи..Откако СВР Штип добило информации за ова со судска наредба извршило претрес во домот и продавницата на сопственикот, по што утринава го известило и Основното јавно обвинителство.

„При извршениот претрес во прехранбената продавница на лицето биле пронајдени четири тетратки во А4 формат во кои имало список со имиња, 69 биометриски лични карти, 18 биометриски патни исправи, 18 стари патни исправи, шест стари лични карти, една дозвола за престој и една здравствена легитимација, за кои постои основано сомневање дека се предмет на кривично дело “Поткуп при избори и гласање“, напиша Чулев на „Фејсбук“.

Пронајдените предмети полицијата привремено ги одзела, а со сопственикот на продавницата е извршен разговор.

Но, по повод објавата на Чулев се огласи неговата заменичка Славјанка Петровска. Таа вели дека во известувањето на полицијата до ОЈО никаде не се споменува ниту една политичка партија и дека Чулев со ова сака да влијае на истрагата и да ја злоупотреби за партиски цели.

„ Мојата реакција е во насока на вистинито информирање нa јавноста од она што досега е утврдено, а тоа е дека се сослушани дел од лицата чии што лични документи се најдени во објектот и истите изјавиле дека немале влијание од ниту една политичка партија и дека станува збор за економски долг кон лицето, што исто така е кривично дело но не е поврзано со изборите. “, вели Славјанка Петровска – Заменик министерка за внатрешни работи.

Од обвинителството велат дека работат во насока на проверка на фактите и се сослушуваат сведоците.

притисни ентер