Осум претстави во конкуренција на МТФ „Војдан Чернодрински", се воведува и награда од публиката

Осум претстави на македонските театри ќе бидат во официјалната конкуренција за награди на годинашниов, 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински" кој ќе се одржува од 7 до 15 јуни во Прилеп. 

Фестивалот ќе донесе и неколку новини, а добитници на наградата за животно дело се режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку. Ова денеска во Прилеп го соопшти уметничкиот директор на фестивалот, Катарина Коцевска.

Во официјалната програма на фестивалот се претставите: „Макбет" во режија на Нела Витошевиќ, во продукција на МНТ од Скопје; „Странци" во режија на Нела Витошевиќ на Драмски театар-Скопје; „На отворено" во режија на Андреј Цветановски на Театар Комедија; „Смртта на Дантон" во режија на Дино Мустафиќ на Албански театар-Скопје; „Физика на тагата" во режија на Милош Андоновски на Кумановскиот театар; „Бакхи-краток преглед на распадот" во режија на Вук Торбица на Битолскиот театар; „Животинска фарма" во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на Струмичкиот театар и претставата „Пиреј" во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на Прилепскиот театар.

Според уметничкиот директор Катарина Коцевска, фестивалот има осум претстави и смета така да биде и во иднина, бидејќи, вели, не е ревијален. Првпат годинава се воведува наградата од публиката – мермерна статуетка на Чернодрински.

– Прилепската публика, тврдам одговорно, е најдобрата која знае да следи театар и од оваа година ќе има можност да гласа за претставите и ќе се гласа по секоја претстава. Начинот и деталите за гласање ќе бидат објаснети на почетокот на фестивалот. Фестивалското жири доделува бронзена статуетка на патронот Војдан Чернодрински, а наградата од публиката, за тоа разговаравме со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, ќе биде статуетка од мермер, по кој е препознатлив градот и ќе имаме спој со овој голем театарски настан што, пак, е одлика на градот. Уште една важна новина е враќањето на разговорите за претставите, т.н. разговори на тркалезната маса. Ќе се одржуваат веднаш по одигрувањето на претставата и ќе учествуваат еминентни критичари, а секако свој удел може да има и публиката. Ова, всушност, е враќање на разговорите кои се одржуваа порано на фестивалот, објасни Коцевска.

Фестивалот ќе понуди и богата придружна програма со претстави на театрите што не се во официјалната програма и претстави на студентите од Факултетот за драмски уметности. Придружната програма е во фаза на дефинирање. Со која претстава ќе биде отворен МТФ „Војдан Чернодрински" засега не се открива и се чува како пријатно изненадување.

– Фестивалот ќе добие своевидна електронска верзија. Од годинава како новина, сите настани на фестивалот ќе бидат достапни на социјалните мрежи и на веб-страницата на Фестивалот. За ова веќе со месеци разговараме и го правиме тоа на начин како што прават студентите на ФДУ кај професорот Игор Венцоски, рече Коцевска./MИА

Мицотакис: Грција нема да испрати во Украина системи С-300, ниту „Патриот“

Грција нема шанси да испрати во Украина ниту С-300 ниту „Патриот“, тие се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис .

Грција нема шанси да испрати во Украина ниту С-300 ниту „Патриот“, тие се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата „Скај“, демантирајќи ги написите во медиумите дека Атина ќе му помогне на Киев со противвоздушни ракетни системи, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис откри дека било побарано од Грција, но објасниле зошто не можат да го сторат тоа.

Грција ја поддржа Украина на различни начини со одбранбен материјал. Но, од првиот момент рековме дека не можеме да ги отстапиме оружените системи кои се клучни за нашата способност за одвраќање. Имавме вишок материјал со кој можеме да ја поддржиме Украина и го направивме тоа и сметам дека тоа е правилно. До степен до кој можеме да најдеме таков материјал, ќе продолжиме да го правиме тоа. Сепак, системите за противвоздушна одбрана се клучни системи за заштита на грчкиот воздушен простор и нема да и бидат доделени на Украина, објасни Мицотакис.

За односите со Турција и во пресрет на средбата со турскиот претседател во Анкара на 13 мај, грчкиот премиер рече дека целта на посетата е да се направи „чекор напред во грчко-турскиот пристап, кој даде некои важни мерливи резултати“.

Како пример спомена дека над 12 месеци нема прекрушувања на грчкиот воздушен простор, но и дека постои екстремно намалување на мигрантските бранови.

Истакна дека иако постојат различни ставови за одредени прашања, „тоа не значи дека нема да разговараме, дека нема да го препознаеме подобрувањето на односите и дека нема секогаш да се трудиме да ги градиме позитивните работи, наместо да се фокусираме само на негативните и нашите несогласувања“.

Во однос на европските избори на 9 јуни, рече дека другите партии „сакаат да ги сведат на референдум против Владата“, истакна дека го прифаќаат овој предизвик и политичката порака од евроизборите треба да биде „стабилност, сигурност и континуитет“.

Дополнително посочи дека не станува збор за национални избори на кои се одбира влада и мерката за споредба, според него, треба да бидат претходните европски избори.

Нова демократија на евроизборите во 2019 година освои 33,12 отсто од гласовите, додека пак на ланските парламентарни избори победи со 40, 56 проценти.

Столтенберг: Украина и натаму може да ја добие војната против Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека сојузниците ќе мора повеќе да се ангажираат за Киев да ја добие поддршката што ја вети Алијансата.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека сојузниците ќе мора повеќе да се ангажираат за Киев да ја добие поддршката што ја вети Алијансата.

На состанокот на непрофитната организација „Атлантски мост“ вчера во Берлин, Столтенберг рече дека членките на НАТО сега треба да го претворат она што и го ветија и обврзаа на Украина во итна испорака на оружје и муниција, објавија украинските медиуми.

– Во последните месеци членките на НАТО не ја дадоа поддршката што ја ветија, рече Столтенберг.

Месечното одложување на американската помош доведе до влошување на ситуацијата на украинскиот фронт, а градовите низ земјата се изложени на руски беспилотни летала и ракетни напади поради недостаток на воздушна одбрана, пишуваат украинските медиуми.

Американскиот Конгрес оваа недела усвои закон со кој се одобрува пакет помош за Украина, а европските земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Данска и Холандија, исто така неодамна ветија дека ќе испратат воена помош за Украина.

ЛШ во ракомет: Барселона на чекор до полуфинале

Ракометарите на Барселона направија голем чекор кон пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите со победата од 30-22 (11-14) на гости кај богатиот ПСЖ во првиот четвртфинален натпревар.

Екипата на Барселона направи „брејк“ на гостувањето кај најскапиот клуб кој настапува во Лигата на шампионите и со една нога е меѓу учесниците на завршницата во европската ракометна елита. Шпанскиот шампион на првиот четвртфинален натпревар против ПСЖ извојува голема победа од 22-30. Парижани одиграа одлично прво полувреме и имаа сигурна предност, но во второто на изненадување на сите и на разочарување на фановите во салата се распаднаа и доживеаја тежок пораз од осум гола разлика.

притисни ентер