Уште една соседна земја го забрани коцкањето

По Албанија, и Косово го забранува коцкањето со усвоен нацрт-закон со кој се забрануваат сите игри на среќа во следните десет години. 

Владата во Приштина ги допушта само игрите на среќа организирани од Државната лотарија на Косово. 

Се очекува да биде усвоен од собранието и да стапи во сила 15 дена по објавувањето во Службениот весник на Косово. 

Активностите на коцкање и обложување веќе се прекинати со усвоена резолуцијата од страна на мнозинство пратеници во косовскиот законодавен дом.

Ваквата реакција ја поттикна и неодамнешните две убиства во коцкарници во Липљан и Сува река, а во акцијата 35 објекти беа затворени како илегални.

Премиерот Заев во четврток ќе учествува на годинашниот Самит во Солун

Претседателот на Владата , Зоран Заев, ќе учествува на годинашниот Самит во Солун, кој под покровителство на претседателот на Република Грција, Прокопиус Павлопулос, ќе се одржи на 14 и 15 ноември.

Премиерот Заев, на овој самит е поканет заедно со претседателите на владите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов за да земат учество на дискусијата „Југоисточна Европа: Иницијативи за регионална соработка и реформи", која ќе се одржи во четврток навечер на 14 ноември.

Самитот во Солун оваа година се одржува по четврти пат, во организација на Федерацијата на индустриите на Грција, во партнерство со Конфедерацијата за трговија и претприемништво, и Американско-грчката стопанска комора, се наведува во соопштението од Владата.  

Министерот Спасовски во посета на ГП Јажинце, СВР Тетово и општина Брвеница

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ги посети Граничниот премин Јажинце и Секторот за внатрешни работи Тетово, а оствари и работна средба со градоначалникот на општина Брвеница Енвер Пајазити, како и со граѓани од оваа општина.

На средбата со колегите во Полициската станица за гранични работи Јажинце и во СВР Тетово министерот Спасовски се запознал со актуелните состојби од разни области во надлежност на овие организациони единици при МВР, за обемот и квалитетот на работа, но и за постигнувањата и очекуваните резултати.

Спасовски, како што иформираат од МВР, на средбите бил запознаен дека ГП Јажинце месечно го минуваат меѓу 5.000 до 7.000 домашни и странски патници, а годинава таа бројка, заклучно со октомври, изнесува вкупно 577.856 лица кои го минале овој граничен премин, што говори за релативно зголемен проток на луѓе и стоки надвор и во нашата држава.

Во разговор со надлежните во СВР Тетово, на министерот Спасовски му биле презентирани и состојбите во разните области од криминалитет на подрачјето на овој Сектор за внатрешни работи. Притоа, особено било нагласено дека процентот на откривање на кривичните дела изнесува 71 во однос на вкупниот број евидентирани кривични дела, за период од почетокот на оваа година,  заклучно со крајот на месец октомври, што претставува респектабилна бројка, споредбено со истиот период минатата година. Односно, во вкупно евидентираните 1.564 кривични дела, за 1.070 сторители се поднесени соодветни пријави. Покрај ова, особено бил истакнат падот на кривични дела од областа на класичниот криминал, пред сè кај тешките кражби и кражби, потоа падот на кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје, како и намалувањето на бројот на сообраќајни несреќи.

Спасовски, информираат од министерството, ги нагласил консинуираните напори што актуелното раководство ги прави, особено во сферата на подобрување на материјално-техничките и социјални услови за работа на полициските службеници, потенцирајќи дека примарно мора да биде професионалното работење согласно законите, што во голема мерка ќе влијае на генералното подигање на стандардите и квалитетот на работата на полицијата.

На средбата, пак, со градоначалникот на општина Брвеница, министерот Спасовски разговарал околу интензивирањето на соработката меѓу локалната власт и полицијата, односно за досегашниот квалитет на таа соработка и мерките што треба да се превземат за нејзино унапредување, со една цел – поголема сигурност и безбедност на сите жители на општината. Во тој контекст, министерот Спасовски и пред претставниците на локалната самоуправа и пред жителите на Брвеница го нагласи значењето на концептот за полицијата како сервис на граѓаните, неговото натамошно развивање, особено во делот на меѓусебна комуникација и заедничка превенција од сите предизвици што се важни за жителите на општина Брвеница./МИА

Боливијците бараат привремен претседател по заминувањето на Моралес

Боливиските пратеници ќе се соберат за и формално да ја прифатат оставката на претседателот Ево Моралес , кој пребега во Мексико , со цел да се распишат нови избори.  

Моралес денеска замина во Мексико со владин авион , каде доби азил од „хуманитарни причини“ и затоа што „му се заканувале по живот и интегритет“, се вели во соопштението на мексиканскиот министер за надворешни работи Марсел Ебрардо.

Поранешниот лидер вчера на својот профил на Твитер објави дека ја напушта земјата, велејќи дека тоа е „од политички причини“, но дека „секогаш ќе ја следи ситуацијата“ и дека „наскоро ќе се врати со поголема моќ и сила“.

Моралес ја објави својата оставка по 13 години владеење за да стави крај на насилните протести што избувнаа откако резултатите од изборите беа оспорени поради наводните бројни нерегуларности. Тој се смета себеси за жртва на државен удар.

Пратениците ќе се состанат за официјално да ја прифатат неговата оставка. Владата на Моралес падна откако Организацијата на американски држави (ОАС) објави извештај за изборните нерегуларности.

Голем дел од неговите заменици и претседателот на парламентот поднесоа оставки , а се очекува привремениот лидер да стане опозицискиот политичар и втор потпретседател на Сенатот, Џeанин Анез. Таа најави дека ќе ја прифати функцијата.

Моралес, 60-годишниот поранешен одгледувач на кока дојде на власт во 2006 година како прв домороден претседател на Боливија. Откако стана претседател, боливиската економија порасна за 4,6 проценти на годишно ниво, двојно поголема од остатокот на Јужна Америка.

Тој ги национализира резервите на природен гас во земјата и вложи пари во социјалните програми што од сиромаштија извлекоа скоро два милиони луѓе, скоро една петтина од вкупното население на Боливија.

Со измени на Уставот во 2009 година го смени името на државата во Мултинационална држава Боливија за да ја одрази различноста на нејзините етнички групи кои со години биле граѓани од втора класа.

Неговиот пад беше на извесен анчин најавен на референдумот во 2016 година, кога  тој побара измени на Уставот за да му се овозможи повторно да се кандидира за претседател оваа година. Боливијците го отфрлија со 51 процент од гласовите референдумот за промена на сутавот , но тој потоа правно го поништи решението.

притисни ентер