Прв пат по девет години, столчето на унгарскиот премиер Орбан на Самитот на лидерите на ЕПП во Брисел остана празно, откако вчера неговата Фидес беше суспендирана од најголемата политичка партија во Европскиот парламент. Членството на Фидес останува замрзнато на неопределно време, партијата ќе биде под надзор на три член тим, кој во иднина ќе одлучи дали Орбан го подобрил антиевропското поведение, од што ќе зависи и дали ќе се врати во друштвото на десниот блок.
-Практично, тоа значи дека Фидес нема да може да кандидира лица за слободни позиции во партијата, нема да можат да гласаат на состаноците и нема да присуствуваат на средбите. Додека суспензијата е на сила, Фидес нема да има никакво влијание врз политиките на ЕПП, изјави Манфред Вебер, лидер на пратеничката група на ЕПП
И покрај тоа што суспензијата е јасен политички пораз, Орбан се обиде да ја ублажи тежината и рече дека доброволно го ставил членството во мирување.
-Во мојата десна рака за време на состанокот имав писмо каде што веќе беше кажано дека ќе заминеме. Значи, ако го немавме овој компромисен предлог, денеска ќе заминев од Европската народна партија, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија
Одлуката синоќа беше донесена со 190 гласа „за“ и 3 против. Од сестринската ВМРО-ДПМНЕ, која традиционално има добри односи со „Фидес“, експлицитно не потврдуваат дали застанеле зад мнозинството да се суспендира партијата на Орбан.
-Најдобро ќе биде да причекаме денеска, утре да се врати делегацијата и ќе ви дадеме одговор на сите прашања и точно за што се гласало. Веќе пуштивме соопштение и наведовме детално за што се разговарало, вели Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Во вчерашното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека делегацијата на партијата, која присуствувала на Парламентарното Собрание на ЕПП, го поддржала компромисот, според кој, посебна Комисија треба да ја мониторира имплементацијата на забелешките на ЕпП и да ги утврди фактите.