Мицкоски се сретна со шефот на чешката дипломатија , Петричек

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски придружуван од секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски остварија средба со Чешкиот министер за надворешни работи, Томас Петричек.

На средбата се разговараше за стратешките приоритети на државата и актуелната општествена и политичка состојба, се наведува во партиското соопштение.

Мицкоски го нагласи недостатокот на владеење на правото и правната држава како суштински елемент во функционирањето на власта.

Владата се занимава со политички прогон наместо со решавање на проблемите на граѓаните, а растечката корупција е присутна во сите сегменти во општеството. Новата матрица на исклучително самоволие на заевизмот ги уништува надежите за исчекор во било која област значајна за граѓаните, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува европската интеграција на земјава и членството во НАТО, и напредокот треба да биде резултат на реформи и минат труд.

Прес конференција во СЈО на Катица Јанева

Откако минатиот понеделник даде оставка која коинцидираше со објавувањето на аферата рекет, специјалната обвинителка Катица Јанева денеска дојде во СЈО.

Таа ќе се обрати  на јавноста на прес конференција на која како што е најавено ќе даде само изјава.

Повеќе во видеото.

И од септември упис во градинки само со уреден вакцинален картон

Родителите на дечињата кои од септември ќе се запишуваат во градинките мора да достават и уреден вакцинален картон како што е пропишано со законот, дури и да заврши епидемијата на морбили.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска изјави дека Владата е конзистентна во почитување на законите, кои и до денеска пропишуваат дека невакцинираните деца не треба да одат во училиште, ниту во градинка бидејќи, како што посочи, индивидуалното добро неможе да биде пред колектоивното.

– За да можеме да ги заштитиме сите деца важно е тие да се вакцинирани и тоа е светска пракса и сметам дека треба да продолжи. Ние како Влада само ги почитуваме законите кои се многу години пред нас донесени, истакна Царовска. /МИА

Трибина на ДОМ во Крушево: Придобивки од развојот на еко-туризмот

Зелената партија ДОМ одржа трибина во Крушево за придобивките од развојот на еко-туризмот. На трибината присуствуваа претставници од институциите, граѓански здруженија и угостителскиот сектор.

Во своето воведно обраќање, претседателката на ДОМ, Маја Морачанин зборуваше за значењето на еко-туризмот кој за разлика од масовниот туризам, истовремено овозможува заштита на животната средина и биодиверзитетот и економски бенефит, особено за локалното население.

"Со раст од 50% на бројот на туристи во мината година Крушево е добар пример како еко-туризмот може да придонесе за економски бенефит на локалното население. Тоа пред се, се должи на подемот на параглајдерството, алпинизмот, планинскиот велосипедизам и други форми на активен туризам"-рече Морачанин.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски ги истакна позитивните резултати од поддршката која Агенцијата ја обезбедува за развој на еко-туризмот. Особено значајни се финансиската помош за полетувалиштето за параглајдерство, ознаките за велосипедски и планинарски патеки, како и промоцијата на Крушево како туристичка дестинација на голем број меѓународни саеми за туризам.

Државната секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска говореше за значењето на управувањето со отпадот за квалитетот на живот на граѓаните, но и како предуслов за развој на туризмот. Таа го презентираше планот за управување со цврст отпад во Пелагонискиот регион, што ќе овозможи затворање на дивите депонии и изградба на регионална санитарна депонија во Суводол.

Претставникот од општина Крушево, Сотир Габелоски ги презентираше веќе реализираните и проектите кои општината ги планира за следниот период, со цел изградба на туристичка инфраструктура, подобрување на јавната хигиена и промоција на туризмот. Еден од најголемите предизвици е решавањето на деценискиот проблем со водоснабдувањето на Крушево.

Претставничката од параглајдерскиот клуб Хели ХЦ, Кристина Пејчиновска истакна дека во тек на петмесечната сезона, околу 2000 параглајдеристи престојувале во Крушево. Таа се осврна на потребата за постојано присутна спасувачка екипа, наплата на такса за летање, комуникација со контролата на летање, обезбедување на паркинг на полетувалиштето, како и слетувалиште за параглајдеристите и туристички мапи за посетителите.

Во текот на двочасовната конструктивна дискусија присутните истакнаа дека евидентни се позитивните  резултати од реализираните активности и ги дефинираа потребните мерки кои институциите треба да ги преземат за понатамошен развој на еко-туризмот во Крушево./МИА

притисни ентер