Кои се причините за автобуската несреќа во која живото го загубија 14 лица скопското обвинителство се уште истражува. Со оглед на тоа што се работи за обемна истрага за која се нарачани повеќе вештачења, официјална информација од обвинителството засега не споделуваат. Дали возачот ја загубил контролата над автобусот или пак возел со неприлагодена брзина треба да покаже мислењето на Бирото за судски вештачења и експертизата на Машинскиот факултет. Според неофицијални информации моменти пред несреќата автобусот се движел со брзина од 80-85 километри на час, но обвинителството не потврдува дали е тоа реалната брзина бидејќи треба да се утврди дали уредот за мерење на брзината бил исправен или не. Освен тоа треба да се утврди и здравствената состојба на возачот а со тоа и можноста за негово внимание. Засега се останува само на изјавите на преживеаните околу тоа што се случувало во моментите пред автобусот да излета од автопатот.
Но има и сведоштва на патници дека му помагале на возачот да го задржи правецот откако воланот на автобусот се блокирал.
,,Бев на третото седиштето и станав кога почна да се тресе автобусот. Мислев дека на возачот му се слошило, но беше добар и се обидуваше да го исправи автобусотот откако изгуби контрола, но му се блокираше воланот. Се се случи многу брзо, се обидов да му помогнам и заедно го вртевме воланот, но не успеавме.
Официјално обвинителството претходно соопшти дека по првичниот разговор со возачот релевантни податоци не се добиени. Роднини на повредените велат дека и денеска имале помали незгоди со автобус на Дурмо Турс.
Дурмиш Белули, сопственикот на компанијата Дурмо Турс пак во изјава за медиумите рече дека поради здравствена состојба возачот ја изгубил контролата над автобусот. Инаку автобусите на Дурмо Турс технички преглед поминувале во Авто Мото Гостивар, фирма чиј сопственик е исто така Дурмиш Белули.