Андреј Петровски од клубот „Вело М Термалифт“ Куманово е победник во категорија сениори на вчерашното државно првенство на Македонија што се одржа во организација на општинскиот сојуз на спортови Куманово, клубот од Куманово, под покровителство на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Второ место го освои Никола Левков од „Вело-М Термалифт“ Куманово, а трето Јане Трифуновски од „Енерџи Скопје“, информираа денеска организаторите.
Во категорија јуниори прво место го освои Александар Чавлевски од „Енерџи“ Скопје, второ, Ивица Гацовски од „Вело М Термалифт“ и трето место даниел Мојсовски од „Спид Бајк“ Кичево.
На државното друмско првенство во Македонија учествуваат 55 велосипедисти од осум клуба од Македонија. Велосипедистите возеа на релација Куманово-Крива Паланка-Куманово со должина од 130 километри.
- Велосипедистите беа придружувани од екипи на МВР, на Црвениот Крст и помина во одлична атмосфера. Кумановските велосипедисти постигнаа убедлива победа во однос на конкуренцијата, изјави спортскиот директор на велосипедскиот клуб „Вело-М Термалифт“ Куманово, Марјан Петровски.
Државното првенство во друмски велосипедизам се смета за најпрестижна трка во рамки на една нација, а победникот на трката добива титула државен првак на Македонија и бодови за светската ранг листа.
Секоја држава организира првенствство во друмски велосипедизам на ист датум и на првенствата се постигнуваат поени за светската ранг листа.