Штох победник на првата скокалница од Новогодишната турнеја

Полскиот ски скокач Камил Штох е победник на првата скокалница од Новогодишната турнеја што се одржа денеска во германскиот град Оберсдорф.
Тој освои 279.7 поени со два скока со должини од 126 и 137 метри.

Второто место му припадна на Германецот Рихард Фрајтаг кој освои 275.5 поени (скокови 128.5 и 127 метри).

Третото место му припадна на Давид Кубачки од Полска со 270.1 поени и скокови со должина од 126.5 и 129 метри. Ова за Кубачки е прв пласман на победничкиот пиедестал, додека за Штох ова беше 23-та победа во Светскиот куп.

Денешниот победник Штох е лидер на Новогодишната турнеја „Четири скокалници“, додека во Светскиот куп по осмиот натпревар на водечката позиција е Фрајтаг со 630 бодови, а втор е Андреас Велингер (Германија) со 425.

Следниот натпревар од Новогодишната турнеја ќе се одржи на 1 јануари во Гармиш - партенкирхен. /MИА

СП 2018: Се запали авионот на Саудиска Арабија

Авион во кој се наоѓаше експедицијата на фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија се запали на нивното патување кон Ростов.

Пламен се појави на едно крило, но за среќа авионот слета безбедно во Ростов и трагедијата беше избегната. Огнот беше предизвикан од технички проблем со моторот на рускиот Ербас.

Од раководството на Фудбалскиот сојуз на Саудиска Арабија потврдија дека никој не е повреден и дека фудбалерите и стручниот штаб се безбедни.

- Фудбалската федерација на Саудиска Арабија сака да ве увери дека членовите на репрезентацијата се апсолутно безбедни по малиот дефект на моторот на авионот, се вели во соопштението.  /МИА

СП 2018: Кејн во финишот и донесе победа на Англија против Тунис

 Англија со гол во судиското надополнување го совлада Тунис со 2:1 во вториот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Англичаните во првиот дел ја оправдаа фаворитската улога и доминираа на теренот, при тоа имаа неколку сериозни шанси за погодок.

Англија со голот на Хари Кејн во 18-та минута поведе со 1:0. Меѓутоа, Тунис иако потешко доаѓаше до контрола на топката успеа во 35 минута со гол од пенал, кој успешно го реализираше Ферјани Саси, да израмни на 1:1.

Англиската репрезентација и во вториот дел продолжи со притисокот врз голот на Тунис, но изостануваше реализација се до 91-та минута кога Кејн повторно беше прецизен и донесе победа од 2:1.

Во првиот натпревар од оваа група Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0. 

СП 2018: Белгија убедливо ја совлада Панама

Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0 во првиот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Белгиската репрезентација доминираше на теренот во текот на целиот натпревар и без поголеми проблеми дојде до победа.

Првиот гол во 47 минута го постигна Дрис Мертенс, а потоа Ромелу Лукаку прво во 68 минута зголеми на 2:0, а седум минути подоцна беше прецизен за конечни 3:0.

Во вториот натпревар од оваа група во Волгоград ќе се соочат Англија и Тунис. /МИА

притисни ентер