Илина Арсова по Монт Еверест ќе ги освојува сите врвови над 8.000 метри

Десет минути на покривот на светот ја запишаа Илина Арсова во историјата на планинарството во Македонија. По Димитар Илиевски во 1989 година, Глигор Делев во 2007, Сашко Кедев во 2009 и Здравко Дејановиќ во 2010 година, таа е петтиот македонски планинар и прва Македонка која се искачи на Монт Еверест.


- Бев два месеца на планина од кој месец и половина на над 5.000 метри надморска висина кои не се баш нормални услови за живот на кој ние сме навикнати, особено кога доаѓаме од подрачје што не е алпско или хималајско, телото функционира поразлично а и условите се ограничени, рече Арсова на денешната прес конференција по повод нејзиниот подвиг.

Искачувањето на врвот, рече таа, е само последните 20 часа, а пешачењето бара голема психофизичка подготвеност.

- Што и да се случи таму е опасно бидејќи си оддалечен на 4-5 дена од првото безбедно место. На врвот се задржавме 10 минути а стигнавме во 3 часот наутро, вели Арсова.

Најави повеќе нови проекти како искачување на седум највисоки врвови од седум континенти, но и искачување на сите врвови над 8.000 метри, и предизвикот да се искачи на таков врв без кислород.

Арсова е првата жена од Македонија која минатата година се искачи на Матерхорн (4.587 метри), а во досегашната кариера се искачи и на врвовите Ама Даблам (6.856 метри) и Аконкагва (6.963 метри), што во моментов е највисок дострел од страна на Македонка кога е во прашање високогорското планинарење.

Успехот на Илина Арсова денеска и го честитаа претставници на Агенцијата за млади и спорт и на Федерацијата за планинарски спортови

Кривична пријава против велешанка за употреба на исправа со невистинита содржина

Велешката полиција поднесе кривична пријава против М.В.(44) од Велес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. 

Како што информираат денеска од МВР, пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца - детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Бугарија.

Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата.

Учениците од понеделник на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта  во Македонија од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен од оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Миовски фудбалер на годината на Абердин

Репрезенативецот на ѐмакедонија, центарфорот Бојан Миовски (24) е избран за фудбалер на годината на Абердин на свечена церемонија која синоќа ја одржа шкотскиот премиерлигаш.

Фудбалскиот клуб Абердин го прогласи македонскиот напаѓач Бојан Миовски за најдобар играч во тимот за сезоната 2023/2024.

Ова и не е толку големо изненадување ако се знае дека штипјанецот се најде и во идеалниот тим на сезоната во шкотската Премиер лига. Покрај тоа, Бојан е прв стрелец на Абердин, незаменлив е во првиот состав и главен адут на тимот.

Македонскиот репрезентативен напаѓач Бојан Миовски (24) е избран за фудбалер на годината на Абердин на свечена церемонија која синоќа ја одржа шкотскиот премиерлигаш.

притисни ентер