Македонија втора на мотокрос трките „Гран При Македонија 2013“

Репрезентацијата на Македонија го освои второто место во рамките на Источно-Европскиот шампионат во мотокрос кој викендов се одржа на патеката Милци крај Гевгелија.

Натпреварот „Гран При Македонија 2013“, како што информира МИА, се одржа по дождливо време. На калливата патека се појавија вкупно 91 натпреварувачи Македонија, Хрватска, Унгарија, Турција, Албанија, Црна Гора, Романија, Бугарија, Србија и Македонија поделени во шест класи.

Во класата ЕМХ85 убедлива победа во двете возења однесе Роберт Томпа од Романија, пред Лука Црнковиќ од Хрватска и Ивелин Господинов од Бугарија. Македонските претставници Христиан Станковиќ и Андријан Ристевски беа на 11. односно 13. место во конкуренција од 20 натпреварувачи.

Во класата ЕМХ65 победи Димитар Петров од Бугарија. Бертото заврши втор, а Ковач трет во вкупниот пласман од Европскиот и отворениот Источно-Европскиот шампионат. Нашиот Лука Ристевски во втората трка одлично се снајде на тешката патека и заврши на 6.место што му беше доволно за вкупно 8-мо место во конкуренција од 19 натпреварувачи.

Романски претставник, Георг Кабал со атрактивно возење беше најдобар од 22 натпреварувачи во класата МХ2. Тој победи пред Јанко Ташев од Бугарија и Тамаш Чашар од Србија кој настапува со унгарска лиценца.

Чашар се искачи уште еднаш на подиумот беше прв во МХ2 јуниор. Од тројцата наши претставници најуспешен беше Никола Гулевски кој заврши како 13-ти во МХ2, односно 6-ти во МХ2 јуниор.

Во најсилната класа МХ1 победи Тодор Тотев од Бугарија пред Бранко Антиќ од Србија и својот сонародник Георги Гочев. Гоце Томовски беше најдобар македонски натпреварувач освојувајќи го 8-мото место.

Во класата МХ иако се појавија седум Македонци, сепак на подиумот се пласираат само натпреварувачи од Бугарија. Победи Мартин Тодоров, пред Јулиан Раичев и Васил Стојанов. Николче Тодоров победи во македонскиот шампионат пред Мирче Ќорнаков и Борче Костов.

Кај репрезентациите најдобри беа Бугарија, пред Македонија и Романија.

Следниот натпревар од отворениот Европскиот и Источно-Европскиот шампионат ќе се одржи во Зарнешти, Романија на 19 мај.
притисни ентер