Јункер: Западен Балкан ќе чека за членство најрано до 2019 година

Ветерот повторно дува во едрата на Европа, рече претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер на годишното обраќање во Европскиот парламент.

Вети јасна перспектива за земјите од Западен Балкан, но не пред 2019-та година, кога завршува овој мандат на Европскиот парламент. Владеењето на правото и фундаменталните европски вредности остануваат приоритет за идните членки.

- Ако сакаме стабилно соседство мораме да им понудиме кредибилна перспектива за проширување на земјите од Западен Балкан. За време на мандатот на Европската комисија нема да има ново проширување зашто условите за прием не се исполнети. Секоја нова земја членка ќе мора во потполност да го воспостави правото и темелните вредности на ЕУ; изјави Жан Клод Јункер, претседател на Европската комисија

Во обраќањето, на кое се осврна на 16-месечните планови на Брисел, Јункер се заложи за проширување на Шенген зоната и за брз прием во неа на Бугарија и Романија. Во однос на напуштањето на Британија на Унијата, тој посочи дека Брисел жали, но оти има поголеми приоритети од Брегзит.

- Ја почитуваме волјата на Британците, но ние се стремиме кон прогрес. Најпосле, Брегзит не е се, тој не е иднината на Европа, рече Јункер

Иднина на Европа, барем во догледно време според Јункер, нема да биде ниту Турција, за која повтори дека со џиновски чекори се оддалечува од унијата. Тој побара од Анкара да ги ослободи новинарите од затвор и да престане со европските челници да ги нарекува фашисти и нацисти.


Пендаровски: Во Крушево дојдов за да ви кажам дека и тука и во цела Македонија ќе победиме

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ја продолжи кампањата со средба со жителите на Крушево.

„Борбата почнува од нула, како да немало прв круг“, рече Пендаровски пред крушевчани негирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

„Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ни 2019-та, ни 2016-та, ни оваа 2024-та нема да бојкотирам. Тие нека му ја мислат за крајниот резултат. Ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме’, истакна Пендаровски денеска во Крушево,соопшти неговиот тим.

Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ - нов мурал во Прилеп

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.

− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.

Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.

– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.

„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, соопшти Министерството за култура.

Блинкен на средба со Си Џинпинг во Пекинг: Кина и САД би требало да бидат партнери, а не ривали

Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со Ентони Блинкен, државен секретар на САД и му порача дека Кина и Америка треба да бидат партнери, а не ривали.

Како што јави Би-Би-Си, ова е втора посета на Блинкен на Кина за помалку од една година, а претходно денеска, се сретнал со Ванг Жи, министер за надворешни работи на Народна Република Кина.

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни како „три основни принципи“ за односите меѓу САД и Кина.

- Две земји треба да постигнуваат достигнувања една за друга, а не да си нанесуваат штета. Кина и САД треба да бараат заедништво додека ги надминуваат нивните разлики - рече тој, пренесува новинската агенција Ксинхуа.

Си Џинпинг го отвори состанокот велејќи дека Кина и САД не треба да се впуштаат во злобна конкуренција.

-Треба да останат верни на своите зборови, наместо едно да кажуваат, а друго да прават. Можно е Кина и САД да се развиваат заедно и да напредуваат одделно - додаде Си Џинпинг, повторувајќи ги неговите претходни забелешки:

- Кина е среќна што гледа самоуверени, отворени и просперитетни САД. Се надеваме дека и американската страна позитивно ќе гледа на развојот на Кина. Има многу прашања кои треба да се решат.

Си Џинпинг потсети дека посетата на Блинкен била договорена за време на неговиот неодамнешен телефонски разговор со Џо Бајден, претседателот на Соединетите Американски Држави, и дека се надева дека ќе биде исплатлива.

Си Џинпинг и Ентони Блинкен последен пат се сретнаа во ноември минатата година во Сан Франциско за време на состанокот на Азиско-пацифичката економска соработка. Тоа беше нивна втора средба откако Бајден беше на чело на Белата куќа.

притисни ентер