Средба на претседателот на СДСМ Заев со словачкиот амбасадор Безак

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево се сретна со амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, Мартин Безак.
Тема на разговорот, како што соопштија од СДСМ, била потребата од деблокирање на демократските процеси, со коишто ќе се овозможи стабилност и развој на Република Македонија кон ЕУ и НАТО и квалитетен живот за граѓаните.

- Решение мора да има низ почитување на демократските принципи. Граѓаните на кредибилни избори се изјаснија за промени. Легитимно е формирано новото парламентарно мнозинство од 67 пратеници избрани од околу 700.000 граѓани. Продолжуваме кон избор на нов претседател на Собранието и нова Влада, според мнозинската волја, рекол Заев на средбата.

На неа било нагласено дека е неопходно сите институции, партии и поединци да овозможат мирен трансфер на власта. На состанокот се разговарало и за итните реформски приоритети што е подготвена да ги реализира новата Влада, која, како што посочуваат од партијата, ќе биде посветена на потребите на сите граѓани и на државните интереси преку развој на Република Македонија во демократска и современа земја со евро-атлантски перспективи.

Најавени нови протести во Грција за името Македонија

Во повеќе градови во Грција најавени се нови протести на 6 јуни против разговорите за спорот со името.

Организатори на протестите се истите кои ги организираа протестите во Солун и во Атина, но овој пат такви собири нема да се одржат во двата најголеми грчки градови, туку во неколку други, кои засега не се објавени.

Организаторите на протестите велат дека сакаат да ги потсетат властите дека грчкиот народ е против каква било отстапка за името Македонија и бараат да ја почитуваат волјата на народот.

 Како што соопштија денеска, веќе стапиле во контакт со локалните власти каде што треба да се одржат протестите и побарале поддршка од нив.

Илјадници грци во јануари протестираа во солун, а во февруари во Атина со порака “Македонија е Грчка„, осудувајќи ги разговорите за компромисно решение на спорот со името.

Две сопатнички повредени во судар на патничко и товарно возило

Две сопатнички се повредени во сообраќајната несреќа што утринава во 2 часот се случила на крстосницата од улиците „Панајот Гиновски“ и „Борис Сарафов“ во Скопје.

Како што информира МВР, во сударот на патничкото возило „Опел Астра“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ј. (60) од Гостивар и товарното возило „Опел Виваро“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.С. (64) од скопското село Сарај со повреди се задобиле сопатниците во возилото „Опел Астра“, Ф.А. (51) од Дебар и Б.С. (54) од Гостивар.

Тие со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“, каде им била укажана лекарска помош. Кај Ф.А. биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на лекување, додека кај Б.С. биле констатирани телесни повреди и била пуштена на домашно лекување.

Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. /МИА

Таксист синоќа нападнат во Керамидница

Таксистот Љ.С. (37) од Скопје синоќа околу 1 часот  бил физички нападнат од три непознати лица на улицата „519 во скопската населба Керамидница.

Како што информира МВР, Љ.С. добил дојава да земе патници од улицата „519“  и кога пристигнал ги прашал трите непознати лица дали се тие лицата што повикале такси по што бил физички нападнат.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот. /МИА

притисни ентер