12-те милиони евра на Мишковиќ во самиот светски врв на платена кауција

Си ја купи слободата и влезе во историјата на српското правосудство. 12 милиони евра кауција, плати српскиот тајкун, сопственикот на Делта Холдинг, Мирослав Мишковиќ.

Тој утре ќе го напушти Окружниот затвор во Белград, каде мина седум месеци и 10 дена – одземен му е пасошот и има обврска секој месец да се јавува во полиција.

- Станува збор за многу моќен човек. Кога велам моќен, не е во игра само тој. Во прашање е цела номенклатура од претходната власт, вклучувајќи и добар дел министри и пратеници од оваа власт. Тие беа дел и во претходната влада и беа на неговиот платен список, изјави Петар Лазиќ, аналитичар.

68-годишниот Мишковиќ е осомничен дека преку приватизација на различни градежни фирми без да плати данок ја оштетил земјата за околу 33 милиони евра. Се смета за најбогат Србин, чие богатство никој не успеа точно да го преброи, а за кого со години се зборуваше дека има моќ да урива и да формира влади, се до лани, кога на власт дојдоа екс радикалите Николиќ и Вучиќ. По апсењето, Мишковиќ му порача на вториот дека нема да го дочека телевизиското интервју закажано истата вечер. 

- Знам каква пресуда си потпишав себе си, со тоа што дозволив полицијата и обвинителството да си ја работат работата. Државата ова еднаш мораше да го направи, изјави Александар Вучиќ, вицепремиер на Србија.

Неговите 12 милиони евра кауција го ставаат Мишковиќ на самиот врв во светски рамки. Помалку од него, 8 милиони евра плати еден Бернард Медоф, брокерот кој ја предизвика најголемата финансиска измама во САД тешка 65 милијарди долари, а за која доби 150 години затвор. Колку за споредба, Џорџ Зимерман, плати скромни милион долари во случајот со 17-годишното момче Трејвон Мартин. Недостижни и за Мишковиќ, сепак се титанот од Вол Стрит, Мајкл Милкен со вртоглави 250 милиони и британскиот брокер Џулиус Меинл со 133.
притисни ентер