Манифестацијата „Поетско пладне“, како што јави МИА, ја отвори Веле Смилевски кој годинава го напиша посланието по повод денот на поезијата. Во својата стихувана порака тој вели дека отсекогаш бил убеден оти кориците на книгите се отвораат ако се направени по мерка на нејзината идеја.
- На почетокот беше зборот и гревот наш со зборот. И потоа беше само допирање на значењата по течението на реката на нашето умеење, да го претвориме каменот во збор и зборот во камен..., рече Смилевски.
Поетски творби прочитаа Гордана Михаилова-Бишњаковска, Влада Урошевиќ, Србо Ивановски, Радован Павловски, Иван Чаповски, Димитар Башески, Тодор Чалоски, Санде Стојчевски, Раде Силјан, Бранко Цветкоски, Весна Ацевска, Олга Арбулјевска, Иван Џепароски, Биба Исмаил и Владимир Мартиновски.
Поетското пладне го организираа НУБ „Св. Климент Охридски“ и Македонскиот ПЕН Центар. Претседателот на ПЕН Ристо Лазаров рече дека годинава манифестацијата е посветена на 85-годишнината од раѓањето на писателите Србо Ивановски, Милан Ѓурчинов и Мето Јовановски.
Во светската порака по повод денот на поезијата, генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова повика на разновидност во дијалогот, слободен проток на идеи преку збор, креативност и иновација.
- Светскиот ден на поезијата е покана да се размислува за моќта на јазикот и целосен развој на креативните способности на секој човек, напиша Бокова. Таа истакнува дека овој ден значи поддршка на поезијата, враќање на усната традиција на поетски рецитали, промоција на едукацијата за поезијата, обновување на дијалогот меѓу поезијата и другите уметности (театарот, танцот, музиката, сликарството), поддршка на малите издавачи и создавање атрактивна слика за поезијата во медиумите така што, вели Бокова, поезијата веќе нема да се смета за застарена форма на уметност.
Одлуката 21 март да се прославува како Светски ден на поезијата беше усвоена во Париз во 1999 година, на 30. сесија на УНЕСКО. Оттогаш денот на поезијата се празнува со книжевни собири низ цел свет и поетите од сите континенти праќаат пораки во чест на стиховното творештво.