Арапската лига престана да го означува Хезболах како „терористичка организација“

Помошникот генерален секретар на Арапската лига, Хосам Заки, соопшти дека Лигата престанала да го означува Хезболах како „терористичка организација“, пренесува Анадолија.

„Во претходните одлуки на Арапската лига, Хезболах беше означен како терористичка организација, а таа ознака беше одразена во резолуциите, што доведе до прекин на комуникацијата врз основа на тие одлуки. Државите членки на Лигата се согласија дека ознаката на Хезболах како терористичка организација повеќе не треба да се користи“, изјави синоќа Заки за египетскиот канал „Ал-Кахера Њуз“, ден по неговата посета на Бејрут.

Тој рече дека „означувањето на Хезболах како терористичка организација повеќе не се применува“, истакнувајќи дека „Арапската лига не води списоци на терористи и не настојува активно да ги одреди ентитетите на таков начин“.

Арапската лига на 11 март 2016 година го класифицираше Хезболах како „терористичка организација“, со резервации од Либан и Ирак, и повика „да престане да го промовира екстремизмот и секташтво, да се воздржи од мешање во внатрешните работи на земјите и да ускрати каква било поддршка на тероризмот и терористите во регионот.“

Класификацијата беше направена набрзо откако земјите од Советот за соработка на Персискиот Залив го прогласија либанскиот Хезболах за терористичка организација на 2 март 2016 година.

Во петокот, либанскиот дневен весник „Ал-Ахбар“ објави дека Заки го посетил Бејрут и одржал состанок со Мухамед Раад, шеф на блокот Лојалност кон отпорот поврзан со Хезболах. Ова е прв контакт меѓу Арапската лига и Хезболах во повеќе од десет години.

Според соопштението на Арапската лига во петокот, Заки за време на својата посета која започна во вторникот, одржа состаноци со либанските функционери, како и со различни политички и парламентарни лидери кои претставуваат разновиден политички спектар на Либан.

Напнатоста се зголеми долж либанската граница со Израел за време на прекуграничните напади меѓу Хезболах и израелските сили, додека Тел Авив ја продолжува својата смртоносна офанзива во Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година се убиени повеќе од 37.800 луѓе. /МИА

Реакција на МАН по заканите врз новинарот Видиновски

Продолжуваат заканите од Бугарија, и тоа од политички активисти кои имаат забранет влез во Македонија.

Последната е против новинарот на Канал 5 Александар Видиновски по објава на неговата репортажа со соговорници, Македонци од Мала Преспа во Албанија, во врска со пописот во Албанија во кој за прв пат се појавуваат како Бугари, и тоа од редовите на граѓани кои на претходните пописи се изјасниле како Македонци.

Според изјавите на Македонците од репортажата на Видновски тоа е резултат на силна бугарска пропаганда во Албанија како и негрижа на државата Македонија за одржување културен идентитет на Македонците во Албанија.

Во својот коментар на репортажата бугарскиот политички активист Виктор Стојанов му се заканува на новинарот Александар Видиновски со кривичен прогон и со притвор. Да потстетиме, спомнатиот активист Виктор Стојанов, политички и финансиски е поддржан од бугарските власти и подолг период е поддржувач на бугарската пропаганда и во Македонија, каде што веќе една година му е забранет влезот во државава.

Заканата со кривичен прогон и притвор за македонскиот новинар Александар Видиновски од Канал 5 воопшто не е само вербална писмена закана затоа што во минатото таквите закани навистина предизвикале и правни последици.

Македонската Асоцијација на новинари, МАН, повикува на поддршка од страна на јавноста но, и на новинарската струка во Македонија, за новинарот Александар Видиновски и телевизијата Канал 5 во одбрана на неговите професионални права и поддршка за крајно професионално однесување во изработка и објава на спомнатата репортажа од Мала Преспа во Албанија.

Воедно, Македонската асоцијација на новинари МАН, во оваа прилика, дава поддршка за ваквите новинарски трудови, најценетите во новинарството, како што се репортажите и аналитичките осврти.

МАН

ССНМ ги осудува заканите кон колегата Видиновски и бара негова заштита

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги осудува директните закани кон колегата од Канал 5 Александар Видиновски и бара од надлежните да постапуваат по очигледната закана по безбедноста на новинарот.

Под објавата на својот Фејсбук профил на неговата репортажа од Пустец, Албанија, Видиновски доби сериозни и застрашувачки закани од лицето Виктор Стојанов кое има забрана за влез во Македонија на неопределено време поради дејствија насочени против македонската држава. Тој го обвини Видиновски дека лаже и му се закани со притворање.

ССНМ смета дека “слободата“ секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, па и во лична комуникација, добива на интензитет и затоа, брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивање на веќе востановената пракса. Ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници претставуваат и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите која е од јавен интерес.

Во исто време ССНМ бара од Министерството за надворешни работи да реагира до бугарското МНР бидејќи според договорот за добрососедство двете страни се обврзани да регистрираат и постапуваат по акти со говор на омраза кон другата страна.

Косовски институт за правда: За 6 месеци косовската Влада усвоила само 15 % од планираното

 За шест месеци косовската Влада усвоила само 15 отсто од законодавниот план.

Косовскиот институт за правда денеска соопшти дека косовската Влада усвоила 8 од 52 нацрт-закони планирани за усвојување во првата половина на 2024 година, односно „само 15 отсто од планот е исполнет“. Институтот наведува дека на Владата и недостига јасна и доследна стратегија.

Се додава дека е проблематично што законските предлози произлезени од пресудата на Уставниот суд, Националниот развоен план и владината програма за 2021-2025 година не биле вклучени во законодавната програма.

„Овој постојан недостиг покажува неспособност во спроведувањето на јавните политики, што ме натера да се сомневам во ефикасноста на управувањето и способноста да се одговори на потребите на граѓаните. Дополнително, оваа негрижа може да ги поткопа демократските стандарди и да ја ослаби довербата на граѓаните во државните институции“, се наведува во извештајот.

Институтот соопшти дека има неколку министерства кои немаат донесено закони во роковите предвидени во законодавната програма, а тоа се министерствата за одбрана, за земјоделство, шумарство и рурален развој, за индустрија, претприемништво и трговија, за здраство, за економија и за надворешни работи и дијаспора.

Институтот оцени дека Владата на Курти не ги исполнила „клучните ветувања“ и дека го одложила спроведувањето на пресудите на Уставниот суд.

притисни ентер