Анкета на Пју: Трамп без поддршка од мнозинството Американци за одлуки поврзани со Русија и Украина - Канал 5

Анкета на Пју: Трамп без поддршка од мнозинството Американци за одлуки поврзани со Русија и Украина

 Повеќе од половина возрасни Американци немаат доверба дека претседателот Доналд Трамп може да донесе „мудри одлуки“ во врска со војната меѓу Русија и Украина, покажува нова анкета на Истражувачкиот центар Пју, објавена синоќа.

Анкета на Пју: Трамп без поддршка од мнозинството Американци за одлуки поврзани со Русија и Украина

Резултатите од анкетата доаѓаат во пресрет на билатералната средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, закажана за денеска (во 21.30 по македонско време) во воената база Елмендорф-Ричардсон во Анкориџ, Алјаска. Цел на средбата е да се разговара за можен прекин на огнот во Украина, како и за пошироки прашања меѓу САД и Русија, вклучително и соработката во Арктикот.

Според анкетата на Пју, спроведена од 4 до 10 август меѓу 3.554 возрасни Американци, со маргина на грешка од 1,8 отсто, 59 отсто од испитаниците „не се премногу уверени“ или „воопшто не се уверени“ во способноста на Трамп да носи мудри одлуки за војната. Од друга страна, 40 отсто изразиле одредена доверба во неговите способности.

Анкетата открива и значителни партиски разлики. Дури 66 отсто од демократите сметаат дека САД имаат одговорност да ѝ помогнат на Украина, во споредба со 35 отсто од републиканците, што е зголемување од 23 отсто во споредба со мартовската анкета. Во однос на американската поддршка за Украина, 29 отсто од испитаниците велат дека САД не обезбедуваат доволно помош, 18 отсто сметаат дека помошта е прекумерна, додека 50 отсто веруваат дека САД имаат обврска да ѝ помогнат на Украина да се одбрани, а 47 отсто се противат на ова, пренесува Њузвик.

„Сите сакаме Русија да ја запре агресијата и војната во Украина да заврши. Но, Трамп постојано му дава победи на Владимир Путин. Средба во САД, без присуство на Украина на преговарачката маса, е токму она што го сака диктатор како Путин“, напиша на платформата Икс демократскиот конгресмен од Колорадо Џејсон Кроу.

Од друга страна, Трамп во средата на платформата Трут Соушл напиша: „Неправедните медиуми работат против мојата средба со Путин, цитирајќи отпуштени губитници и глупави луѓе како Џон Болтон, кој вели дека, иако средбата е на американска почва, ‘Путин веќе победил’. Што значи тоа? Ние победуваме во сè! Лажните вести работат прекувремено (без данок за прекувремена работа!). Дури и ако ги добиеме Москва и Ленинград бесплатно, како дел од договорот со Русија, лажните вести би рекле дека сум направил лош договор! Но, сега се фатени. Погледнете ги сите вистински вести за нивната корупција. Тие се болни и нечесни луѓе, кои веројатно ја мразат нашата земја. Но, тоа не е важно, бидејќи победуваме во сè!!! МАГА“.

На оваа тема се огласи и заменик-портпаролот на Белата куќа, Ана Кели преку изјава за Њузвик. - Претседателот Трамп беше убедливо избран од мнозинството Американци за да воспостави мир преку сила. За разлика од Џо Бајден, кој ја започна оваа брутална војна со својата некомпетентност, овој претседател има храброст да погледне секого во очи за да донесе мир – што веќе го направи шест пати, ставајќи крај на конфликтите меѓу Ерменија и Азербејџан, Демократска Република Конго и Руанда и многу други, тврди тој.

Набљудувачите истакнуваат дека исходот од средбата може да влијае врз односите на САД со сојузниците, преговарачката позиција на Киев и подготвеноста на Конгресот за идна помош за Украина. Разговорите за ставање крај на војната во Украина, која трае четврта година, често се отежнати поради различните толкувања на условите меѓу вклучените страни.

Клучни прашања за дискусија

На средбата во Анкориџ, неколку клучни концепти се очекува да бидат на масата, анализира ДПА. Линијата на фронтот меѓу украинските и руските сили се протега на над 1.200 километри, а евентуален прекин на огнот би покренал прашања за ефективно мониторирање на толку долгата граница. За разлика од линијата на фронт, линијата на контакт може да вклучува области каде што спротивставените сили се соочуваат без активни борби.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц неделава истакна дека линијата на контакт меѓу Украина и Русија не треба автоматски да се смета за трајна поделба на територијата. - Остануваме посветени на принципот дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила. Тековната линија на контакт треба да биде почетна точка за преговори, рече тој во средата по средбата на европските лидери со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Пред самитот, Трамп спомна можност за „размена на територии“, сугерирајќи дека Русија би можела да се повлече од некои окупирани делови на Украина во замена за контрола врз други региони што сè уште се под контрола на Киев. Руските предлози, пак, се фокусираат на целосно повлекување на Украина од делови на Донбас, каде Москва веќе контролира околу две третини од територијата. Зеленски доследно ги отфрла идеите за територијални отстапки.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја нагласи разликата меѓу „де факто“ (практична контрола) и „де јуре“ (законска признаност) на териториите. „Де факто“ значи контрола на теренот без формално признавање од други држави, додека „де јуре“ подразбира законска признаност според меѓународното право. Русија може да контролира одредени територии во пракса без Украина или нејзините сојузници да ги признаат како руски. Секоја територијална отстапка од страна на Украина би барала уставна промена.

Европските лидери го повикаа Трамп да не покренува територијални прашања на самитот. За Украина, безбедносните гаранции се сметаат за единствен начин за долгорочна заштита од руски напади, но Русија категорично се противи на присуство на европски сили на украинска почва. Безбедносните гаранции би вклучувале обврзувачки ветувања од држави или меѓународни организации за заштита на земјата од надворешни закани, слични на клаузулата за колективна одбрана на НАТО. Европските земји ветуваат силна воена поддршка за Украина во случај на договор.

Меѓународното право разликува привремен прекин на огнот (примирје) од формален договор за прекин на војната. Привремениот прекин на огнот може да биде проследен со продолжување на борбите, да се продолжи на неодредено време или да прерасне во формален договор.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трагнал да вози Ферари, па се заглавил во тесна уличка- сите му се смеат (ВИДЕО)

Тесните улици на историскиот центар на Севиља станаа „стапица“ за црвен луксузен автомобил со португалски регистарски таблички.

Трагнал да вози Ферари, па се заглавил во тесна уличка- сите му се смеат (ВИДЕО)

Возачот на скапиот автомобил се нашол во незавидна ситуација откако се обидел да сврти, а потоа се соочил со сериозни тешкотии при маневрирањето низ тесен премин, објавува „Ел Дебет“.

Во видео кое се појави на мрежите, снимено од очевидец, можете да видите како Ферарито се заглавило откако се обидело да сврти на улицата Бамберг, на аголот со улицата Арготе де Молина.

Минувачите се обиделе да го насочат возачот за да избегне оштетување на каросеријата.

Од друга страна, корисниците на социјалните мрежи биле помалку љубезни кон возачот на Ферари. Многумина потсетиле на ризиците од возење низ најтесните и најпрометните делови на Севиља.

„Кој би возел автомобил вреден 250.000 евра низ стариот центар на градот?“, прашал еден од нив.

Медиумите известуваат дека пристапот до овој дел од градот е ограничен на станари, сопственици на гаражни простори и возила на јавниот сервис, токму поради тесните улици и недостатокот на простор за непречено движење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Полицајци во САД пукале во автомобил и убиле едногодишно бебе, обвинителката смета дека било оправдано (ВИДЕО)

Главниот обвинител на американската држава Мисисипи пресуди дека полицијата оправдано употребила сила кога пукала во автомобил за време на истрага за кражба во која загина едногодишно момче. 

Полицајци во САД пукале во автомобил и убиле едногодишно бебе, обвинителката смета дека било оправдано (ВИДЕО)

Коен Вајли беше убиен во јуни додека седел во скутот на неговата мајка. Полицијата тврди дека возачот го возел автомобилот кон полицајците, пишува Би-Би-Си.

Пукање по пријава за кражба

На 14 јуни, полицијата била повикана во продавницата „Волмарт“ во Сенатобија за пријава за кражба на пелени и детска облека. Според Бирото за истраги на Мисисипи, полицајците пронашле две жени и едно бебе како се приближуваат кон автомобил на паркингот. Тие се обиделе да го запрат возилото, но според официјалната верзија, тоа тргнало кон еден од полицајците и речиси го погодило.

Потоа еден полицаец отворил оган. Куршумот го уби момчето и сериозно ја повреди жената-возач, Латоја Ферел.

Мајката на Коен, Велесија Вајли, која седела на совозачкото седиште со своето дете во скутот, негира дека таа или Ферел украле нешто. Таа рече дека го држела својот син кренат за полицајците да можат да го видат непосредно пред да биде застрелан. Не се поднесени кривични пријави против ниту една жена.

Спорна одлука на обвинителството

Државната обвинителка Лин Фич го објави заклучокот од истрагата во кратка изјава во понеделник. „Во овој инцидент, канцеларијата на државниот обвинител утврди дека употребата на сила била оправдана“, напиша таа. Полицијата не ги објави снимките од пукањето, ниту оние од камерите што ги носеле полицајците на нивните униформи, ниту снимките од камерите за надзор од паркингот. Сепак, некои беа протечени на интернет, според кои се гледа дека полицајците пукаат во автомобил што бега од нив.

Адвокатот на семејството Вајли, Бенџамин Крамп, се спротивстави на одлуката на обвинителот. „Како некој може да прифати таков заклучок додека на семејството на Коен и на јавноста сè уште не им е дозволено да ги видат снимките од полициските камери?“, рече Крамп. „Ако видеата ја потврдат одлуката на државата, објавете ги. Нема да се откажеме од борбата додека ова семејство не ја дознае вистината“, рече тој.

Мартин Зумах, адвокатот на полицаецот што пукаше, за Асошиејтед прес изјави дека возачот „се обидел да го убие“ неговиот клиент. „Тој немаше друг избор освен да пука“, рече Зумах.

Смртта на момчето се случи на американскиот празник Џунтинти, кој го означува крајот на ропството, што предизвика протести во Сенатобија. Демонстрантите тврдат дека расата играла улога во полициските акции. Коен и двете жени во автомобилот се црнци, додека полицаецот кој пукал наводно е бел, како и државниот обвинител. Минатиот месец, градот го отпушти својот началник на полицијата, кој е бел, откако еден весник откри негови СМС-пораки во кои тој постојано користел расни навреди.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тринаесетгодишната ќерка на Ким кардашијан и Канје Вест шокира со новиот изглед (ВИДЕО)

Норт Вест објави ново видео на TikTok во понеделник во кое покажа уште една промена во својот изглед. 

Тринаесетгодишната ќерка на Ким кардашијан и Канје Вест шокира со новиот изглед (ВИДЕО)

Тринаесетгодишната ќерка на Ким Кардашијан и Канје Вест се појави со нов детаљ на вратот што личеше на пирсинг, а видеото набрзо предизвика бројни реакции. Норт експериментираше со изгледи и претходно, особено со шарени перики, драматична шминка и лажен накит.

@northwest ♬ original sound - North West

Во новото видео, таа покажа многу изразена шминка, долга светло сина перика и екстремно долги црни вештачки нокти. Ги нагласи очите со темна шминка, ги обои усните во црно и покажа црни украси на забите. Сепак, детаљот во средината на вратот што личеше на пирсинг привлече најголемо внимание.

Норт ја движеше камерата навнатре и нанадвор за да го покаже својот нов изглед додека во позадина се слушаше „The Reason“ од Hoobastank. Неколку часа претходно, таа објави уште едно слично видео, во кое носеше розова маска за очи, а околу вратот можеше да се види и накит.

@northwest ♬ original sound - North West

Ким Кардашијан не се појави во ниту една од тие објави.

Следбениците изненадени од нејзиниот изглед

Трансформацијата на Норт предизвика бројни реакции од корисниците на социјалните мрежи. „Пирсинг на грло?!“ напиша едно лице. „Ова е толку тажно...“ коментираше друг корисник, додека трет напиша: „Нема шанси да има 13 години“.

Норт претходно објасни дека пирсингот е лажен

Порано овој месец, Норт разговараше во живо со својата мајка за нејзиниот накит, а потоа разјасни дека пирсингот што го носи не е вистински. „Луѓе, овие пирсинг не се вистински“, рече таа. „Ги менувам толку често што мислите дека се вистински“. Ким се согласи со својата ќерка, додавајќи: „Да, како луѓето некогаш можат да помислат дека се вистински? Тие секогаш се различни“.

Сепак, Норт не крие дека еден ден би сакала вистински „мост“ пирсинг на мостот на носот. Нејзините родители засега не се за идејата. „Можеби ќе ризикувам кога ќе бидам постара“, рече Норт, додека Ким ја затресе главата во позадина. Како компромис, таа предложи: „Засега, можеме само да ги залепиме“.

Нејзиниот изглед веќе предизвикуваше контроверзии

Норт претходно беше критикувана поради начинот на кој експериментира со својот изглед. Следбениците реагираа на нејзините објави со лажни пирсинзи на образите и бутовите, како и со фотографија од неа со тетоважи на лицето.

Канје Вест, исто така, реагираше на нејзиниот изглед претходно, кој ја критикуваше својата поранешна сопруга за тоа што, според него, ѝ дозволува на нивната ќерка да се облекува и дотерува посоодветно за нејзината постара возраст.

Ким и Канје имаат четири деца - 13-годишната Норт, осумгодишниот Чикаго и синовите Сеинт (10) и Псалм (7). Поранешните сопружници го делат законското и физичкото старателство над децата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер