Анкета: Еден од тројца демократи смета дека Бајден треба да се повлече од претседателската трка

Околу 32 отсто од демократите се изјаснија дека Бајден треба да се откаже од кандидатурата за реизбор.

Еден од тројца демократи мисли дека американскиот претседател Џо Бајден треба да ја прекине својата кандидатура за реизбор по минатонеделната дебата со републиканецот Доналд Трамп, но ниту еден истакнат демократ не поминува подобро во хипотетичка пресметка со Трамп, покажуваат резултатите од најновата анкета на Ројтерс-Ипсос.

Дводневната анкета покажа дека и Трамп (78) и Бајден (81) имаат поддршка од 40 отсто од регистрираните гласачи, што укажува дека Бајден не ги изгубил гласачите по дебатата.

Меѓу имињата на водечките демократи кои се најдоа на листата на испитувачи, само Мишел Обама, сопругата на поранешниот претседател Барак Обама, постигна подобар резултат од Бајден и имаше 50 отсто наспроти 39 отсто во хипотетички судир со Трамп. Мишел Обама, авторката на хит книгата „Мојата приказна“ во неколку наврати изјави дека нема намера да се кандидира за претседател.

Околу 32 отсто од демократите во истражувањето рекоа дека Бајден треба да се откаже од својата кандидатура за реизбор по дебатата во која немаше енергија да одговори на нападите на Трамп.

Како што наведуваат странските агенции, демократските гласачи долго време се сомневаат во кандидатурата на Бајден. Во јануарската анкета на Ројтерс/Ипсос, додека трката за номинација на партијата сè уште беше во тек, 49 отсто рекоа дека Бајден не треба да се кандидира во 2024 година.

Бајден изјави дека останува во трката. Но, анкетата покажа дека хипотетичките демократски замени, доколку Бајден се повлече, ќе постигнат исти или полоши резултати од Бајден против Трамп.

Потпретседателката Камала Харис, на пример, заостанува зад Трамп за еден процентен поен, што би ја направило нејзината кандидатура статистички подеднакво силна како онаа на Бајден.

Само 18 отсто од демократите веруваат дека кандидатурата на Бајден би била поатрактивна.

Педесет и девет отсто од демократите сметаат дека Бајден е премногу стар за да работи во владата, што е слично на резултатите анкетата во јануари.

Во истражувањето, кое било спроведено онлајн, биле опфатени 1.070 возрасни Американци.

Белата куќа во вторникот соопшти дека когнитивниот тест „не е неопходен“ за Џо Бајден, чие здравје е предмет на жестока дебата по лошата расправа на демократскиот лидер против Доналд Трамп.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер изјави дека американската извршна власт „апсолутно не ги криела информациите“ за здравствената способност на претседателот. /МИА

Орбан и Путин на заедничка прес конференција во Москва, лидерите на ЕУ разлутени

Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан одржаа заедничка прес-конференција по средбата што ги налути лидерите на ЕУ.

Премиерот на Унгарија, која што од понеделник претседава со Европската унија, денеска ја посети Москва и се сретна со Путин. Тој потег ги разбесни лидерите на ЕУ, кои го осудија и рекоа дека Орбан не разговара со Путин во име на Унијата, туку исклучиво како унгарски премиер, објави Индекс.

Откако Путин и Орбан се сретнаа во Кремљ, двајцата лидери излегоа пред новинарите и одржаа заедничка прес-конференција.

Унгарија го смета своето шестмесечно претседавање со Европската унија за мировна мисија, рече Орбан на прес-конференцијата.

„Потребни се многу чекори за да се стави крај на војната, но ние го направивме првиот чекор за да го обновиме дијалогот“, рече Орбан, додавајќи дека „позициите во Киев и Москва се уште се многу различни“.

Путин рече дека Орбан го информирал за неодамнешната средба со украинскиот претседател Зеленски во Киев и за предлогот на Унгарија за итен прекин на огнот, што ќе овозможи почеток на преговорите. Рускиот претседател веднаш додаде дека Украина нема да се согласи на тоа бидејќи „Зеленски сака да продолжи вонредната состојба бидејќи сака да остане на власт засекогаш“.

Путин додаде дека Русија сака „целосен и конечен крај на конфликтот“, а клучот за завршување на конфликтот треба да бидат, како што рече, руските предлози. Тој додаде дека му е благодарен на Орбан што се обидел да го обнови дијалогот меѓу Русија и Европа.

Да потсетиме, Путин на 14 јуни на средба со раководството на руското Министерство за надворешни работи ги претстави своите, како што рече, „услови за почеток на мировните преговори со Украина“.

Неговиот ултиматум гласи - Украинските сили мора да се повлечат од територијата на сите четири региони кои Путин ги прогласи за дел од Русија (Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон). Треба да се запомни дека руската армија не контролира целосно ниту еден од тие четири региони.

Заедно со повлекувањето на украинските сили од четирите украински региони, Путин постави и услов како дел од ултиматумот Киев да вети дека нема намера да влезе во НАТО.

За потсетување, Унгарија во понеделник го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со Советот на Европската унија. Во вторникот Орбан го посети украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, а сега одлучи да замине во Москва во „мировна мисија“, само неколку дена пред самитот на НАТО.

„Со таква средба, унгарското претседателство завршува пред навистина да започне. Се чини дека Унгарија не ја сфати својата улога. Скептицизмот на земјите-членки на ЕУ, за жал, беше оправдан. Се работи за улогата на промовирање на интересите на Будимпешта “, изјави еден европски дипломат за Ројтерс.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека Орбан во Москва „на ниту еден начин не ја претставува ЕУ“. Финскиот премиер Петри Орпо веста за посетата ја опиша како вознемирувачка. „Неговата посета ќе покаже непочитување на должностите на претседавачот и ќе ги поткопа интересите на Европската унија“, напиша тој вчера.

Павел Хавличек, истражувач во Чешката асоцијација за меѓународни работи, рече дека посетата на Орбан е злоупотреба на слабоста на Брисел за време на формирањето на новиот состав и опасно поткопување на заедничката европска позиција.

Орбан вели дека му е јасно дека нема право да преговара во име на ЕУ, но дека мирот не може да се склучи „од удобна фотелја во Брисел“. „Не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме војната со чудо да заврши“, рече тој.

Јаневска: Одложување на дел од концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение

„Денес со одлуката на Влада почнуваат позитивните промени во образованието во нашата држава.“

„Се става одложување на имплементацијата на дел од концепцијата што се однесува за седмо, осмо и деветто одделение во однос на наставните планови и програми без да бидат засегнати изборните предмети за кои сметаме дека се добро решение во идниот процес на образование кај младите.

Ова решение всушност ќе овозможи да надминеме еден сериозен проблем наталожен долги години. Веќе наназад неколку години вие знаете на недостаток на учебници. Секојдневно макотрпно работевме на изнаоѓање решение за овој проблем, дадовме максимални напори. Секојдневно бевме во комуникација, се среќававме со Бирото за развој на образование за да изнајдеме решение и конечно тоа и се случи и со силни барања, со силни напори, успеавме да обезбедиме всушност учебници за децата и оваа година.

Станува збор за седмо одделение, нагласувам и оваа година учениците во Македонија ќе имаат учебници за разлика од претходните години, кога процесот на креирање, печатење, одобрување на учебници од за нас навистина непознати причини, а претпоставувам повеќе познати на јавноста причини беше неодржлив, променлив, со бројни промени во повиците со грешки во учебниците и така натаму.

Да не должам многу, после одлуката на оваа влада ние почнуваме со позитивните промени, и да, децата оваа година на 1-ви септември ќе имаат учебници.“, рече министерката за образование Весна Јаневска на попладневната прес конференција.

Тројца загинати во Њујорк- камион влета во парк за време на прославата на Денот на независноста

Три лица загинаа, а осум се повредени во САД кога камион влета во група луѓе кои го славеа Денот на независноста во Њујорк, соопштија властите, пренесе Бета.

Од осумте повредени, тројца се во животна опасност, тројца се здобиле со тешки телесни повреди, а двајца со полесни повреди.

Несреќата се случила синоќа, кога камион со голема брзина поминал низ раскрсница, иако имал знак за стоп, и влетал во парк на Менхетен, соопшти полицијата.

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс рече дека истражителите не веруваат дека инцидентот е терористички чин.

Полицијата соопшти дека на возачот на камионот му било извршено тестирање на алкохол, што се верува дека придонело за несреќата.

притисни ентер