Пукањето се случило во вторникот во 08:00 часот по локално време во Индијантаун, Флорида, а пет други деца биле во куќата за време на инцидентот, пишува Би-Би-Си.
Според полицијата, наставничката на девојчето слушнала расправија на Зум и ја прекинала наставата пред напаѓачот да пука. Осомничениот, Доналд Вилијамс (27) е уапсен откако избегал од местото со велосипед.
Марибел Росадо Моралес (32) е убиена пред нејзините четири деца и двете млади роднини, соопшти полицијата.
Девојчето, кое посетувало основно училиште во Ворфилд, го имало првиот ден на онлајн часови. Флорида е една од најтешко погодените држави во САД, со пријавени над 542.000 инфекции на ковид-19.
На прес-конференцијата, Шериф Вилијам Снајдер изјави дека Вилијамс отишол кај неговата поранешна девојка Моралес за да разговара за објавата на Фејсбук со неа.
„Учителката рече дека го исклучила звукот на часот и потоа ја видела 10-годишната ученичка како ги покрива ушите со рацете“, рече Снајдер, додавајќи дека куршумот удрил во компјутерот.
Вилијамс прво избегал од сцената со велосипед и потоа се качил во градски автобус. Тој го убедил возачот да ја смени рутата за да го однесе во неговата населба, по што возачот на автобусот повикал полиција.
Штом полицијата го уапсила, Вилијамс веднаш признал што направил. Тој е обвинет за убиство, како и за неколку други кривични дела.
Социјалните служби во Флорида ќе се грижат за децата, на возраст од 10 до 17 години и ќе се обидат да им најдат нов дом.