АЛКАЛОИД со раст на консолидираните продажби од 16 %, инвестиции од 28,3 милиони евра - Канал 5

АЛКАЛОИД со раст на консолидираните продажби од 16 %, инвестиции од 28,3 милиони евра

232 нови вработувања во земјава во периодот јануари – декември 2023.

АЛКАЛОИД со раст на консолидираните продажби од 16 %, инвестиции од 28,3 милиони евра

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2023 година продажбите достигнуваат 12.261.902.275 денари, што е за 16 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 16.512.977.886 денари, што е за 16 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 13 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 17 %. Од вкупните консолидирани продажби 31 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 69 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 17 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај поголемите извозни пазари, во споредба минатата година, бележат продажбите остварени во Канада, кои се зголемени за 62-пати; потоа во Италија, каде што се зголемени за 35-пати; во Јужна Африка за 5-пати; во Чиле повеќе од 4-пати, како и во Чешка и во Велика Британија, каде што се зголемени за повеќе од двапати. Потоа следуваат оние во Монголија (раст од 87 %), во Ерменија (раст од 69 %), Романија (раст од 66 %), Албанија (раст од 33 %), Украина (раст 26 %), во Бугарија (раст од 15 %), Хрватска (раст од 13 %), Босна и Херцеговина (раст од 11 %), во Србија (раст од 9 %) итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 27 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 18 %, а козметика раст од 10 %.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2023 година изнесуваат 1.741.561.257 денари и во споредба со остварените во истиот период од 2022 година бележат раст од 18 %. Ваквото зголемување на инвестициите се должи на најголемиот инвестициски проект на АЛКАЛОИД во последните 20 години – новото производствено одделение за производство на цврсти форми 2 – со кој се зголемуваат капацитетите за производство на цврсти форми за повеќе од двапати.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.572.485.548 денари, бележи зголемување од околу 8 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.520.546.813 денари и е зголемена исто така за 8 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.750.020.561 денари и бележи раст од 8 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.576.864.006 денари е зголемена исто така за 8 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – декември 2023 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 232 нови вработувања во Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина на нето-износот од 36.500 денари. Во декември 2023 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, одобри исплата на новогодишен надоместок за вработените во нето-износ од 34.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.843 вработени, од кои 2.155 се во земјава, а 688 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2023 година се движеше од 17.199,00 до 18.500,00 денари или просечно 17.781,93 денари за една акција. На 31.12.2023 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.487 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше речиси 26 милијарди денари.

На 3 април 2023 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2022 година, во износ од 701.363 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2023 година започна исплатата на дивидендата во износ од 490 денари бруто, односно 441 денар нето за една акција. Исплатената дивиденда по акција за 2022 година е поголема за 11,36% во однос на исплатената дивиденда по акција за 2021 година.

Бизнис-план за 2024 година

Бизнис-планот за 2024 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 27.12.2023 година, предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2023 година.

Бизнис-планот за 2024 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2024 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови кои беа актуелни во изминатите неколку години сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2024 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки кои сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација а можеби и благо опаѓање. Секако безбедносните глобални кризи го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста што секогаш може да повлијае и на цените на енергенсите, да создаде потешкотии кај ланците на испораки но и да повлијае на достапноста на одредени материјали.

Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во новите производни капацитети и опреми и вложувањата во развојно-истражувачките проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и усовршување на нивото на знаења и вештини на нашите вработени и градење на таленти.

АЛКАЛОИД АД Скопје

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Урамнотежениот појадок е клучен за енергија во текот на денот

– Што е најдобро да се јаде наутро?

Урамнотежениот појадок е клучен за енергија во текот на денот

За појадокот да обезбеди доволно енергија за цел ден би требало да вклучува сложени јаглехидрати, протеини и здрави масти. Намирниците како овес, јајца и авокадо спречуваат ненадејни промени во нивото на шеќер во крвта, како и последичен замор, за разлика од појадокот што се сведува на кафе и печива.

Веројатно ви е познато чувството на краткотраен наплив на енергија после печиво од пекара, по кое набргу следува умор и повторно чувство на глас. За стабилно ниво на енергија, клучна е рамнотежата на макронутриенти кои гарантираат бавно и постепено ослободување на гликоза во крвотокот.

Сложените јаглехидрати се основа на енергијата

За појадокот да биде вистинско гориво за телото, тој мора да содржи избалансиран сооднос на сложени јаглехидрати, протеини и здрави масти. Комплексните јаглехидрати се клучни за утринската енергија бидејќи се варат побавно поради нивната висока содржина на влакна, за разлика од едноставните шеќери.

Кога го започнувате денот со овесна каша од цело зрно или интегрален леб со кисело тесто, на организмот му обезбедувате стабилен доток на гликоза без ненадејни скокови на шеќер. Хељдата и киноата имаат сличен ефект, а можат да се подготват и како топла утринска каша.

Протеини за долготрајна ситост

Само јаглехидратите не се доволни. За да се избегне пад на енергијата и да си обезбедите долготрајна ситост, важно е да се вклучат квалитетни протеини во оброкот. Јајцата се чест избор за појадок бидејќи содржат висококвалитетни протеини и витамини од групата Б, кои помагаат храната да се претвори во енергија.

Добри алтернативи се грчкиот јогурт и сирењето со малку маснотии, богати со казеин, протеин кој бавно се вари и на тој начин го продолжува чувството на ситост. За луѓето кои јадат храна базирана на растенија, тофуто е одличен извор на протеини и железо, чиј недостаток може да предизвика хроничен замор.

Улогата на здравите масти

Третиот важен елемент се здравите масти, кои обезбедуваат долготрајна издржливост. Авокадото, бадемите, оревите, чиа семето и ленено семе го забавуваат варењето на храната, го продолжуваат чувството на ситост и содржат магнезиум, минерал неопходен за производство на енергија во клетките. Лажица путер од кикирики или бадеми може да претвори обична чинија житарки во многу похранлив оброк.

Примери за избалансиран појадок

Сите горенаведени елементи можат лесно да се комбинираат. За солен појадок, можете да подготвите омлет од спанаќ и да го послужите со тост од цело зрно и малку авокадо. За оние кои сакаат слатки, овесната каша зготвена во вода или млеко може да се збогати со лажица протеини, шака боровинки и лажица семе од чиа за добар сооднос на влакна и антиоксиданси.

Кога немате многу време, решението е грчки јогурт измешан со шака бадеми и половина исечена банана. Таквиот оброк комбинира природни шеќери за брз почеток на денот и протеини кои обезбедуваат стабилност.

Што да се избегнува

За да се избегне ментална магла и замор кон средината на утрото, се препорачува да се избегнуваат печива направени од бело брашно и житарки во форма на снегулки и мусли, кои често содржат скриени шеќери.

Исто така, пиењето кафе на празен стомак веднаш по будењето може да го наруши природниот ритам на кортизол. Подобро е да го започнете денот со чаша вода, да јадете квалитетен појадок и да го испиете првото кафе дури околу еден час подоцна.

Извор: ordinacija.vecernji.hr

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шефот на „Aston Martin“ за рачните менувачи: „Многу покомплицирано отколку што изгледа“

„Aston Martin Valiant“ беше претставен на саемот за автомобили во Монтереј оваа недела, а изјавата на извршниот директор на компанијата за инсталирање рачни менувачи во „Aston Martin“ привлече внимание.

Шефот на „Aston Martin“ за рачните менувачи: „Многу покомплицирано отколку што изгледа“

Извршниот директор на „Aston Martin“, Адриан Холмарк, објасни дека инсталирањето рачен менувач во модерен „Aston Martin“ е многу покомплицирано отколку што изгледа на прв поглед. Компанијата нудела рачни менувачи низ целата своја историја, но тие биле поврзани со постари архитектури на возила и електронски системи.

„Проблемот не е наоѓање рачен менувач, туку создавање електронски и адаптиран систем што може да работи со рачен менувач“, објасни Холмарк за „Road & Track“.

Голем дел од проблемот лежи токму во модерната електроника. Современите автомобили имаат сè поголем број системи за активна безбедност и помош на возачот, а некои од нив не се лесни за комбинирање со рачен менувач.

Холмарк особено ги издвои адаптивниот темпомат и системите за ублажување на последиците од судири. Според него, отстранувањето на овие функции или нивното прилагодување на рачниот менувач може да биде поскапо од развивањето на целосно нов рачен систем.

Сепак, примерите од други производители покажуваат дека не е технички невозможно да се комбинираат напредни системи за помош на возачот со рачен менувач. На пример, „Toyota GR86“ има адаптивен темпомат во сите верзии, додека „Honda Civic Type R“ исто така го има.

Затоа, останува уште едно важно прашање: дали развојот на таков систем е финансиски исплатлив?

Побарувачката за рачни менувачи повторно се зголеми меѓу ентузијастите, но тие сè уште претставуваат релативно мал дел од купувачите на скапи автомобили. Затоа, производителот мора да процени дали потенцијалната продажба ќе ги оправда трошоците за развој.

Холмарк, исто така, спомена интересно решение имплементирано од „Ferrari“ на „12Cilindri Manuale“. Иако автомобилот изгледа како да има класичен шестстепен мануелен менувач, тој всушност користи осумстепен менувач со двојна спојка, додека рачката на менувачот и педалата на спојката се дизајнирани да ја симулираат класичната конфигурација.

Според Холмарк, „Aston Martin“ потенцијално би можел да имплементира сличен концепт, но извршниот директор на компанијата досега одби да потврди дека такво решение е во фаза на изработка.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кинески роботи го срушија рекордот на Јусеин Болт: Трчаат 100 метри за помалку од 9,4 секунди (ВИДЕО)

Роботи се натпреваруваат на Светските игри за хуманоидни роботи во Пекинг, каде што веќе се соборени некои рекорди.

Кинески роботи го срушија рекордот на Јусеин Болт: Трчаат 100 метри за помалку од 9,4 секунди (ВИДЕО)

Кинески хуманоиден робот истрча 100 метри за 9,39 секунди во квалификациската трка на Светските игри за хуманоидни роботи во Пекинг, побрзо од светскиот рекорд за мажи што го држи легендарниот јамајкански спринтер Јусеин Болт.

Роботот „Тиангонг Ултра“, развиен од Центарот за иновации на хуманоидни роботи во Пекинг, ја освои квалификациската трка на отворањето на второто издание на игрите, соопштија организаторите.

Роботот го престигна роботот „Лајтнинг“ на производителот на паметни телефони „Хонор“ непосредно пред целта откако заостана на почетокот на трката. „Лајтнинг“ ја заврши трката за 9,47 секунди, исто така побрзо од рекордот од 9,58 секунди поставен од Болт на Светското првенство во атлетика во Берлин во 2009 година.

Двата роботи го немаа шармот на Болт; Тие се удриле челно во дебел душек дизајниран да ги запре, принудувајќи го „Тиангонг“ неконтролирано да се ниша во зоната за итни случаи, принудувајќи ги гледачите да се поместат. „Лајтнинг“ бил однесен на носилка откако се струполил на земја.

Резултатите, сепак, претставуваат огромно подобрување во однос на минатогодишните први Игри, кога „Тиангонг Ултра“ победи на 100 метри за 21,50 секунди. „Тиангонг“, исто така, победи на првиот полумаратон во светот со хуманоидни роботи, одржан во Пекинг минатата година.

Претходно, кинеските државни медиуми објавија дека „Лајтнинг“ ги истрчал 100 метри за 9,32 секунди во прелиминарниот тест, достигнувајќи максимална брзина од 14,5 метри во секунда.

„Лајтнинг“ го освои овогодинешниот хуманоиден полумаратон за време од 50 минути и 26 секунди, побрзо од светскиот рекорд за брзина на луѓето во елитните машки натпреварувања.

„Лајтнинг“ бил висок 1,69 метри за време на полумаратонот и имал нозе долги 95 сантиметри. Неговите истражувачи подоцна му ги продолжиле нозете за 10 сантиметри, на 1,05 метри, пред игрите.

Трката на 100 метри е една од 51 дисциплина на игрите, која вклучува и натпревари во фудбал, танц и индустриски задачи.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер