Али Ахмети повикан да сведочи во Специјалниот суд во Хаг

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во Хаг неофицијално ќе сведочи како дел од процесот за злосторства против човештвото, а кој се води против косовскиот претседател Хашим Тачи. 

Информацијата на социјалните мрежи ја потврди самиот Ахмети, но без притоа да прецизира кога и за што би сведочел. Ахмети сепак напиша дека со задоволство ја прифатил поканата да се појави во Хаг како еден од основачите на ОВК и дека е на располагање на судските власти. Ниту од судот во Хаг не сакаат да споделуваат информации поврзани со истраги.

-Специјалното обвинителство не споделува информации во врска со своите истраги. Согласно тоа, не можеме да дадеме одговор на прашањата кои ни ги испративте. Не можеме да потврдиме или негираме било што поврзано со случајот. - велат од Судот за Канал 5.

Дел од безбедносните аналитичари во земјава велат дека согласно договорот кој Македонија го има со судот во Хаг, Ахмети мора да замине доколку е повикан, а доколку во текот на процесот се утврди дека има некаква негова вмешаност во можни злосторства, може да му биде и променет статусот од сведок во осомничен, но за тоа би требало да биде покренато дополнително обвинение.

Во случајот што го води Хаг, покрај за косовскиот претседател Тачи, истрага се води и за поранешниот прв човек на информативната служба на Косово Кадри Весели и уште неколку други лица кои се обвинети за злосторства против човештвото, воени злосторства, убиства, присилно исчезнување, прогон и тортура. Ахмети е повикан како еден од основачите на ОВК.. Подоцна тој беше лидер на ОНА во Македонија и беше осоменичен во дел од случаите што беа префрлени во Хаг. Но тамошнто обвинителство не поведе процес и ги врати во земјава, но тие наместо да бидат процесуирани, беа затворени со автнтеично толкување на законот на амнестија во 2011 година..

Блинкен во посета на Саудиска Арабија, Јордан и Израел

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Ријад како дел од посетата на регионот.

Блинкен од денеска до среда ќе ги посети Саудиска Арабија, Јордан и Израел, соопшти Стејт департментот.

Како што е наведено, на средбите ќе се разговара за тековните напори за постигнување прекин на огнот во Газа што ќе обезбеди ослободување на заложниците.

Се додава дека ќе разговараат и за зголемување на хуманитарната помош испорачана во Газа.

„Секретарот, исто така, ќе ја нагласи важноста од спречување на ширење на конфликтот и ќе разговара за тековните напори за постигнување траен мир и безбедност во регионот“, соопшти Стејт департментот. /МИА

ЕУ изрази загриженост поради ирачкиот Закон кој предвидува затворски казни за истополови односи

Европската Унија изрази загриженост поради усвојувањето на измените на ирачкиот Закон со кој се предвидува затворска казна во траење од 10 до 15 години за лицата кои се впуштаат во консензуални истополови односи. 

Во реакцијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се посочува дека со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, што Ирак го ратификуваше уште во 1971 година, предвидува дека со законите ќе се забранува каква било дискриминација и ќе се гарантираат еднаква и ефикасна заштита за сите лица од дискриминација по која било основа.

- ЕУ ги повикува ирачките законодавци да ги почитуваат меѓународните обврски на Ирак за човекови права и ефикасно да го имплементираат членот 14 од ирачкиот Устав, кој забранува дискриминација врз основа на потекло, религија, припадност на малцинска заедница и од други причини, се наведува во реакцијата.

ЕЕАС посочува и дека ЕУ ќе продолжи да презема активности на глобално ниво за да ги спречи и осуди сите форми на дискриминација, залагајќи се за почитување на принципите на различност, еднаквост и инклузивност како „основни принципи на праведните општества“.

Со новините во ирачкиот Закон против проституција од 1988 година, се предвидуваат затворски казни од 10 до 15 години за одржување хомосексуални односи, но и за размена на сексуални партнери во хетеросексуалните врски (свингинг). Казни се предвидени и за секој маж „чие однесување се смета за женствено“, како и седум години затвор за „промовирање на хомосексуални односи“.

Законот забранува „секоја организација која промовира хомосексуалност во Ирак“, како и „промена на биолошкиот пол врз основа на индивидуални желби или преференции“ и предвидува казна затвор од една до три години за секое лице или лекар што е вклучен во родова трансформација.

Инаку, овие законски измени се сметаат за „поблаги“, имајќи пред вид дека во првичниот предлог за хомосексуални односи се предвидуваше смртна казна.

На усвојувањето на измените на Законот уште вчера реагираше организацијата Амнести интернешанл, која го оцени како „кршење на основните човекови права“ со што „се загрозуваат Ирачаните, кои и онака секојдневно се малтретирани“.

Во Извештајот за состојбата со човековите права во Ирак за 2022 година на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч се посочува дека ирачкото општество „ја отфрла хомосексуалноста“, како и дека припадниците на ЛГБТ+ заедницата често се цел на „киднапирања, силувања, тортура и убиства“ од страна на вооружени групи кои остануваат неказнети за ваквите злосторства. /МИА

Минесота го исфрли Феникс од НБА плеј-офот

Минесота рано утрово го совлада Феникс со 122:116 на гостински терен во четвртиот натпревар од серијата од првото коло на плејофот во НБА.

Тимбервулвс со максимални 4:0 ги совладаа Санс и обезбедија пласман во четвртфиналето во разигрувањето за шампионскиот трофеј.

Најефикасен играч на средбата беше Девин Букер со 49 поени, но и тоа не беше доволно домаќините да го избегнат поразот.

Следен противник на Минесота ќе биде победникот од мечот Денвер нагетс – Лос Анџелес лејкерс (резултатот во серијата е 3-1 во корист на Нагетс). /МИА

притисни ентер