ЕУ изрази загриженост поради ирачкиот Закон кој предвидува затворски казни за истополови односи

Европската Унија изрази загриженост поради усвојувањето на измените на ирачкиот Закон со кој се предвидува затворска казна во траење од 10 до 15 години за лицата кои се впуштаат во консензуални истополови односи. 

Во реакцијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се посочува дека со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, што Ирак го ратификуваше уште во 1971 година, предвидува дека со законите ќе се забранува каква било дискриминација и ќе се гарантираат еднаква и ефикасна заштита за сите лица од дискриминација по која било основа.

- ЕУ ги повикува ирачките законодавци да ги почитуваат меѓународните обврски на Ирак за човекови права и ефикасно да го имплементираат членот 14 од ирачкиот Устав, кој забранува дискриминација врз основа на потекло, религија, припадност на малцинска заедница и од други причини, се наведува во реакцијата.

ЕЕАС посочува и дека ЕУ ќе продолжи да презема активности на глобално ниво за да ги спречи и осуди сите форми на дискриминација, залагајќи се за почитување на принципите на различност, еднаквост и инклузивност како „основни принципи на праведните општества“.

Со новините во ирачкиот Закон против проституција од 1988 година, се предвидуваат затворски казни од 10 до 15 години за одржување хомосексуални односи, но и за размена на сексуални партнери во хетеросексуалните врски (свингинг). Казни се предвидени и за секој маж „чие однесување се смета за женствено“, како и седум години затвор за „промовирање на хомосексуални односи“.

Законот забранува „секоја организација која промовира хомосексуалност во Ирак“, како и „промена на биолошкиот пол врз основа на индивидуални желби или преференции“ и предвидува казна затвор од една до три години за секое лице или лекар што е вклучен во родова трансформација.

Инаку, овие законски измени се сметаат за „поблаги“, имајќи пред вид дека во првичниот предлог за хомосексуални односи се предвидуваше смртна казна.

На усвојувањето на измените на Законот уште вчера реагираше организацијата Амнести интернешанл, која го оцени како „кршење на основните човекови права“ со што „се загрозуваат Ирачаните, кои и онака секојдневно се малтретирани“.

Во Извештајот за состојбата со човековите права во Ирак за 2022 година на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч се посочува дека ирачкото општество „ја отфрла хомосексуалноста“, како и дека припадниците на ЛГБТ+ заедницата често се цел на „киднапирања, силувања, тортура и убиства“ од страна на вооружени групи кои остануваат неказнети за ваквите злосторства. /МИА

Анчелоти: Ова беше мојата најдобра сезона како тренер

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти даде оценка за сезоната која е во завршница.

Реал Мадрид синоќа во натпревар од 37. коло на Шпанското фудбалско првенство го победи Алавес со 5:0.

- Тимот има многу таленти, многу млади луѓе и многу квалитетен тим. Овој клуб може да одбележи ера во иднина со оглед на вредноста на младите играчи кои ги имаме во моментов. Ова беше мојата најдобра сезона како тренер. Тимот се претстави фантастично во Ла Лига, достојно и без никаков сомнеж ја освоивме титулата. Сите чекаа наш пад, но до тоа не дојде. Среќни сме и на седмо небо. Но, треба да продолжиме бидејќи сè уште не сме го одиграле најважниот натпревар, изјави Анчелоти за официјалниот сајт на клубот.

Реал Мадрид ја освои деветтата победа во низа во Ла Лига.

Тимот предводен од Карло Анчелоти, кој одамна ја обезбеди шампионската титула е лидер во поредокот со 93 освоени бодови.

Алавес е на 11. место со 42 бода.

Балетот „Заспаната убавица“ на фестивалот „Мајски оперски вечери“

На 52. „Мајски оперски вечери“ вечер од 20 часот на програмата е класичниот балет „Заспаната убавица“ на музика од Петар Илич Чајковски.

Диригент на претставата е Најер Нагуи - главен диригент на оркестарот на Операта во Каиро, кореограф е Виктор Јаременко од Украина, асистент-кореограф - неговата сонародничка Тетјана Белецка, а сценограф и костимограф на балетот е Миодраг Табачки од Србија.

Во главните улоги ќе настапат Марта Петкова и Никола Хаџитанев од Софиската опера и балет кои се добитници на голем број престижни награди и признанија. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

-Повеќе од 100 години оваа класична балетска бајка за вечната борба помеѓу доброто и злото ја одушевува публиката на најголемите светски сцени. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер, соопшти Националната опера и балет.

Стејт департментот му префрли на Конгресот една милијарда долари помош за Израел

Американскиот Стејт департмент го информирал Конгресот за пакет помош оружје за Израел во вредност од милијарда долари, јавија американски медиуми повикувајќи се на анонимни извори.

Според нив, пакетот ќе вклучува тенкови, минофрлачи и оклопни тактички возила. Претседавачите и водечките членови на Комитетот за надворешни односи на Сенатот и Комитетот за надворешни односи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД се оние кои ги разгледуваат главните договори за оружје со други земји.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека ја одложил испораката на бомби до Израел поради стравувањата дека тие би можеле да бидат употребени во голема офанзива против градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не започнува офанзива врз Рафа без да ја гарантира безбедноста на цивилите.

притисни ентер