Истрагата покажала дека 20.000 евра кои биле пронајдени кај помошникот на директорот биле само “капар„ за хоспитализацијата на лицето кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Побарувањата на директорот на болницата за да ја тргне пациентката од листата на чекање, биле 100 000 евра.
Поткупот го дала сведокот во постапката, кој била и давател на доживотна издршка на пациентот. Посредникот, лице од доверба на Арифи, на сведокот му закажал средба со директорот на 19 март во угостителски објект во Скопје.
-На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка, соопштуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во меѓувреме контактите продолжиле, а во петокот жената сведок се сретнала со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.
Согласно овој договор, вчера жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.
Од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, чиј член е Арифи, вчера ги повикаа надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности. Од Министерството за здравство соопштија дека се залагаат за што побрзо расветлување на случајот. Арифи претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци.