- Канал 5

Ана Брнабиќ во Киев: Србија ќе ја поддржи Украина на патот кон Европската Унија

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, денеска престојува во посета на Украина, каде се сретна со претседателот на Врховната рада, Руслан Стефанчук. 

Ана Брнабиќ во Киев: Србија ќе ја поддржи Украина на патот кон Европската Унија

По средбата, Брнабиќ изјави дека двете земји имаат повеќе области во кои успешно соработуваат, но дека постои простор таа соработка да биде „уште поинтензивна“.

Таа порача дека Србија ќе ѝ помогне на Украина во процесот на европските интеграции.

– Како што рече господинот Стефанчук, во Народното собрание на Србија формиравме парламентарна група за пријателство со Украина и во редовен контакт сме со колегите од украинската Рада. Се надеваме дека наскоро и нивната група за пријателство ќе ја посети Србија, рече Брнабиќ на заедничката прес-конференција.

Таа истакна дека европските интеграции се заеднички стратешки приоритет на Србија и Украина и дека Белград целосно ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија.

– Може да сметате на Србија и нашите експертски тимови. Нашиот министер за европски интеграции, Немања Старовиќ, веќе информираше дека Меморандумот за разбирање меѓу двете земји е финализиран и подготвен за потпишување. Се надевам дека следниот пат ќе учествуваме на церемонијата на потпишување, изјави таа.

Брнабиќ нагласи дека Србија ќе обезбеди стручна и техничка поддршка на Украина во процесот на европските реформи, во духот на пријателски и партнерски односи меѓу двете држави.

– Нашите претседатели, господинот Александар Вучиќ и господинот Володимир Зеленски, имаат одлична комуникација и се во редовен контакт. Последен пат разговараа на 5 ноември. Србија досега обезбеди значајна хуманитарна и финансиска поддршка за Украина, повеќе отколку целиот Западен Балкан заедно, изјави Брнабиќ.

Таа потсети и дека сопругата на претседателот Вучиќ често го посетува Киев, четири пати во изминатите две години, нагласувајќи дека „Украина е пријател на Србија“.

– Посебно ја цениме поддршката што Украина му ја дава на територијалниот интегритет на Србија, како што и Србија го почитува меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, рече Брнабиќ.

Таа оцени дека нејзината посета е знак на континуирано зајакнување на парламентарната и билатералната соработка меѓу Србија и Украина и го покани Стефанчук да ја посети Србија.

– Очекуваме наскоро да го потпишеме Меморандумот за разбирање и соработка во областа на европските интеграции меѓу нашите две влади, додаде Брнабиќ.

Посетата на Брнабиќ на Украина ја соопшти српскиот парламент, наведувајќи дека покрај средбата со Врховната рада, планирани се и други состаноци со највисоки украински државни претставници.

Софија и Букурешт во трка со времето: Можен прекин во работата на рафинериите на „Лукоил“ поради санкциите на Вашингтон

Романија и Бугарија се во трка со времето да спречат затворање на нивните клучни рафинерии за нафта, пред крајот на ноември да стапат во сила новите американски санкции насочени против нивните руски сопственици.

Софија и Букурешт во трка со времето: Можен прекин во работата на рафинериите на „Лукоил“ поради санкциите на Вашингтон

Одлуката на Вашингтон да ги стави на црната листа компаниите „Лукоил“ и „Росњефт“ ги погоди европските земји, кои сега се обидуваат да спречат прекин во снабдувањето со гориво пред санкциите да стапат во сила на 21 ноември, пишува денеска српски НИН.

Овие санкции доаѓаат во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп изразува сè поголема фрустрација поради застојот во обидите да се постигне прекин на огнот во Украина, додека ЕУ ги засилува напорите за намалување на зависноста од руските енергенти.

Во Софија, пратениците по брза постапка усвоија закон со кој ѝ се дава право на Владата да назначи управник на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, со целосни овластувања за преземање на оперативната контрола, одобрување продажба или, доколку е потребно, иницирање национализација.

Истовремено, Бугарија размислува да побара од Вашингтон изземање од санкциите. Според Мартин Владимиров од Центарот за проучување на демократијата, најлошото сценарио – престанок на работата на рафинеријата – би имало сериозни последици за Бугарија. Бидејќи руската рафинерија обезбедува до 80 отсто од потребите за гориво, земјата би можела да остане без залихи до крајот на годината.

Во меѓувреме, опозицискиот пратеник Ивојло Мирчев од „Демократска Бугарија“ предупреди дека брзањето во усвојувањето на законот за заплена на рафинеријата во бугарскиот Парламент носи ризик од сериозни грешки, посочувајќи на опасноста „Лукоил“ да ја тужи Бугарија и парите на крајот да завршат во Русија.

Романија, каде што „Лукоил“ ја поседува рафинеријата „Петротел“, сè уште нема донесено формална одлука, но Букурешт подготвува барање за „продолжување на рокот на санкциите“.

Висок владин претставник, кој побарал да не биде именуван, изјави за „Политико“ дека национализацијата се гледа како крајна мерка. Министерот за енергетика, Богдан-Груја Иван, изјави дека Романија е подготвена за сите сценарија и дека владиниот план ќе има за цел да ја зачува економската активност, но и да го прекине финансирањето на Руската Федерација.

Рафинеријата „Петротел“ покрива околу една петтина од романскиот пазар, па аналитичарката Ана Отилија Нуцу од организацијата „Експерт Форум“ проценува дека затворањето би довело само до благ раст на цените во текот на неколку месеци.

Сепак, проблем би настанал во снабдувањето на Молдавија, која дел од горивото го увезува од Романија. Нуцу предупредува дека „ако Молдавија биде сериозно погодена, тоа ќе биде нова пропагандна можност за Русија“. Молдавската Влада веќе предложи сама да го откупи имотот на „Лукоил“ во земјата, вклучувајќи го и складиштето за авионско гориво, и побара одложување на санкциите.

Германија веќе доби шестмесечно изземање за рафинеријата Шведт, во сопственост на „Росњефт“, која е под државна управа од 2022 година. Унгарскиот премиер Виктор Орбан отпатува за Вашингтон во обид да обезбеди ослободување од санкциите за увоз на руска нафта преку нафтовод, што би се однесувало и на Словачка.

Голем проблем ќе биде продажбата и идното сопствеништво на рафинериите. Иако поранешен менаџер на „Лукоил“ тврди дека двете рафинерии се „добро водени“, малку е веројатно дека брзо ќе се најде компанија подготвена да ги преземе ризиците поврзани со санкциите, скапото осигурување и постојаните инвестиции, пишува Политико Јуроп.

Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ ја повлече понудата за купување на меѓународниот имот на „Лукоил“ по острата реакција од американското Министерство за финансии.

Аналитичарката Нуцу оценува дека за продажба на рафинериите мора да се одлучува на ниво на Европската Унија, за да се спречи заобиколување на американските санкции. Поранешниот литвански министер за енергетика, Жигимантас Вајчиунас, предупредува дека Европската комисија мора внимателно да го провери секој потенцијален купувач поради ризикот од прикриено руско влијание.

Француски суд го ослободи Никола Саркози додека чека одлука по жалбата

Суд во Париз денеска донесе одлука за предвремено ослободување од затвор на поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, додека го чека исходот од неговата жалба.

Француски суд го ослободи Никола Саркози додека чека одлука по жалбата

Оваа одлука следува само неколку недели откако 70-годишниот конзервативен политичар почна да ја издржува петгодишната затворска казна поради заговор за прибирање нелегални средства за претседателската кампања од Либија.

Саркози беше осуден на 21 октомври, откако во септември Судот го прогласи за виновен за криминален заговор поврзан со обиди на негови блиски соработници да обезбедат финансирање за кампањата за претседателските избори во 2007 година од покојниот либиски лидер Моамер ел Гадафи.

Тој беше ослободен од сите останати обвиненија, меѓу кои и за корупција и незаконско финансирање на изборната кампања.

притисни ентер