Во ЕУ жените се пообразовани од мажите

 Во земјите-членки на Европска Унија во 2022 година 42 отсто од младите на возраст од 25 до 34 години имале високо образование, објави денеска Евростат.

Овој удел е за еден процент поголем од 2021 година, но сепак е под зацртаната цел на ЕУ, која сака 45 отсто од младите на таа возрасна категорија да бидат високообразовани до 2030 година.

Според податоците на Евростат жените се значително пообразовани од мажите, односно во 2022 година 48 отсто од нив на возраст меѓу 25 и 34 години имале високо образование, а само 37 отсто од припадниците на „посилниот пол“.

Најобразовани Европејци на оваа возрасна категорија се Ирците со 62 отсто, потоа Луксембуржаните со 61 и Кипарците со 59 проценти. На дното на листата се Романците со 25 отсто високообразовани млади луѓе, потоа Италијанците со 29 проценти и Унгарците со 32 отсто.

Нетанјаху ќе се сретне со Бајден

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху во текот на неделата ќе се сретне со претседателот на САД, Џо Бајден во Белата куќа, изјави неименуван американски извор.

Средбата ќе се одржи како што е планирано и покрај повлекувањето на Бајден од претседателската трка, изјави анонимен американски функционер. Сè уште не е утврден точниот датум бидејќи Бајден заздравува од Ковид-19.

Нетанјаху на 24 јули треба да се обрати во Конгресот. Се очекува тој да се сретне и со потпретседателката Камала Харис.

Јанчев: Спроведено второ авионско прскање против комарци

Утринава беше спроведено второто авионско прскање против комарци, објави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. 

Со третирањето беше опфатено течението на реката Луда Мара од с. Марена, целото градско подрачје, с. Ваташа па се до брана Моклиште.

Изведувач на работата е фирмата Бониер од Куманово, напиша Јанчев на социјалните мрежи.

Радев ќе го врачи вториот мандат за формирање влада

Претседателот на Бугарија, Румен Радев ќе го врачи денеска вториот мандат за формирање влада.

Се очекува мандатот да биде доставен претпладнето и веднаш да го врати втората по големина пратеничка група во Народното собрание - „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).

Според одредбите од бугарскиот Устав, по враќањето на тој мандат за формирање влада, претседателот на државата во рок од седум денови и наложува на следната по бројност пратеничка група да предложи кандидат за премиер.

Во случај и тие да не успеат да формираат редовен кабинет, претседателот закажува нови избори и именува нов привремен кабинет.

притисни ентер