Според весникот, спорот меѓу двете држави би можел да предизвика пукнатина во југоисточното крило на НАТО, кое во моментов е клучно поради американско-рускиот конфликт на влијание во регионот.
Отворените прашања како што наведува весникот би можеле доколку не се решат во блиска иднина да создадат непријателство меѓу двете земји по примерот на Грција и Турција кои иако се дел од НАТО, со години се соперници.
-Приговорите на Бугарија за влез на Македонија во ЕУ не произлегуваат од критериумите за пристап, како што е потребата за зајакнување на демократијата и сузбивање на корупцијата. Наместо тоа, тие се поттикнати од историски тврдења што предизвикуваат национализам на обете страни и во одреден момент наскоро ќе имаат влијание врз НАТО, освен ако не се решат овие разлики.- Катимерини.
Анализата на Катимерини доаѓа на една недела од состанокот на советот на министри на ЕУ во Брисел каде се најавува можно ново вето од официјална Софија. Во пресрет на состанокот, сепак позитивна порака за евроинтегративниот процес на Македонија упати германската канцеларка Ангела Меркел, која порача дека иако се соочуваат со потешкотии, се уште има шанса до крајот на годината земјава да ги започне преговорите за членство.
-Уште еднаш, посветуваме големо внимание на Западен Балкан. Тука има тензии од сите видови, но има и напредок. Берлинскиот процес се покажа како добра иницијатива што дава резултати. Но, ние се бориме меѓувладината конференција со Македонија да се одржи. Албанија направи големи исчекори, но конкретно со Македонија, прашање е дали ќе успееме со тоа навреме, бидејќи има потреба од преговори меѓу Бугарија и Македонија, како што сите знаат,вели Ангела Меркел – Канцелар на Германија.
Со порака за евроинтегративните процеси на земјава се огласи и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Во обраќање на неформалниот состанок на советот на министри на Унијата, со која претседавал германскиот министер Михаил Рот, Османи како што информираат од МНР, порачал дека иднината на Европа не може да се замисли без интеграција на регионот посочувајќи дека процесот на проширување треба да биде силно вклучен во дебатата за иднината на Европа.