„Друштво Преспа” од Тирана: Албанската Влада легитимира пописен фалсификат за Македонците

Албанската Влада легитимира пописен фалсификат за Македонците, дозволувајќи грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи.

Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа”, денеска соопшти дека како најстара македонска организација во Албанија формирана во 1991 година, ги отфрла прелиминарните пописни резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври, па продолжен до 16 ноември, за бројот на Македонците и “Бугарите“ и ги смета за груб пописен фалсификат.

-Друштво Преспа изразува загриженост од објавата на Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) дека во Албанија живеат 2.281 “Северномакедонци”, иако на пописот во 2011 година биле регистрирани (ни тогаш прифатливи) 5.512 Македонци. Потсетуваме дека не станува збор за доселеници во Албанија од државата “С. Македонија”, која во спротивност со меѓународното право под тоа име постои од 11 јануари 2019 година според Договорот Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, туку за домородно македонско население кое со векови живее во свои домови и на своја автохтона територија, стои во реакцијата на Друштвото.

Тие, како што наведуваат, за груб пописен фалсификат ја сметаат објавената бројка од 7.957 “Бугари” во Албанија, повеќе од пописот во Македонија во 2021 година - 3.504. Опстојуваат на тврдењето дека „во Албанија “етнички Бугари“ нема, во ниту еден попис од 1912 до 2023 година, не постои макар еден “Бугарин” на целата територија на Албанија“.

Воедно, од Друшвото упатуваат протест до Претседателот, Собранието и Владата на Албанија, бидејќи, како што посочуваат, подлегнале на бугарските закани за пристапувањето на Албанија во Европската Унија, доколку Тирана не впиши “Бугари” во Законот за националните малцинства и доколку не декларира “Бугари” на последниот попис на населението.

Од Друштво Преспа со остри критики и кон општинската управа на Пустец, чиј градоначалник, се наведува понатаму, во последниот и актуелниот мандат беше сервилен кон бугарската пропаганда и бројни посети на бугарски претставници со материјална помош за општината Пустец, иако се знаеше дека тоа Софија го прави само за да ги прикаже Македонците за Бугари во Албанија.

Друштвото Преспа, стои понатаму, за несоодветна ја сметааат реакцијата и на единствената македонска партија во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција, која, како дел од коалицијата на општинската власт, за повеќето настани со “Бугарите”, партиципира со свои вработени во општинската администрација и советници во Советот на општината Пустец: Имено, не го одвратија градоначалникот од прием на гости од бугарската амбасада во Тирана, бугарската фондација “Бугарска памет“ и владата во Софија и прифаќањето на материјална помош за општината, иако се знаеше дека тоа Бугарија го прави за да покаже пред светот дека Македонците во Пустец се “Бугари”.

Во реакцијата од Друшвото се бара Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која, се наведува, врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се “Бугари по потекло”.

Друштво Преспа најавува дека ќе организира неформален попис на Македонците во Албанија, како што тоа од поодамна го сторила Грчката заедница во Албанија и бара од властите во земјава да изразат протест поради пописниот фалсификат.

-Друштво Преспа бара Македонската Влада да протестира поради фалсификуваниот попис во Албанија, отфрлен дури и од албанската опозиција и да превземе конкретни мерки според уставната грижа за Македонците во соседните држави на државата Македонија! Друштво Преспа бара одговорност од Владата на Албанија, затоа што овозможи бугарската амбасада во Тирана и бугарската влада во Софија грубо да се мешаат во внатрешните работи на Албанија за време на одржувањето на пописот со поткуп и делење бугарски пасоши во населените места каде живеат Македонци во Албанија, стои во соопштението од Друштвото Преспа од Тирана.

Претставникот на македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу и членот на Комитетот за малцинства, Марјана Косотофски, вчера на презентирањето на пописните резултати од ИНСТАТ, демонстративно ја напуштиле салата откако не им бил даден одговор на прашањето зошто на прегледот за бројот на малцинствата за сите стои она што се, само за македонското стоело име на државата С. Македонија, на албански јазик и „Северно Македонци“ на англиски јазик./МИА

Албански планинари го отстранија македонското и го закачија албанското знаме на врвот на Кораб

Албански планинари го отстранија македонското и го закачија албанското знаме на врвот на Кораб.

Видео од чинот е објавено на социјалните мрежи од извесен Изет Шулку кој се претставува како албански државјанин.

„Кораб е на Албанија и таму нема место за македонското знаме“, напиша Шулку на својот фејсбук-профил и го објави видеото.

Настанот се случил пред два дена, а на видеото може да се забележи дека Шулку кој го отстранува македонското знаме, е придружуван од уште неколку други лица...

Мицкоски: По 60 години Бутел 2 добива нова градинка

По 60 години Бутел 2 добива нова градинка, над 200 дечиња ќе добијат пристојни услови за живот.

Во продолжение интегралниот текст од денешното обраќање на премиерот Мицкоски при посетата и поставувањето на камен темелник на нова детска градинка во скопската општина Бутел:

„Почитувани граѓани на Општината Бутел,

Почитуван градоначалник Дарко Костовски,

Почитуван министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани,

Почитувана министерке за образование и наука преофесор Весна Јаневска,

Драги пријатели, браќа и сестри,

Навистина ми преставува особена чест што имам можност да го означам почетокот на градбата на новата градинка овде во Бутел 2, каде што пред изборите ветивме решавање на хаосот кој што постоеше со згрижување на дечињата во предшколската возраст.

По 60 години Бутел 2 добива нова градинка, а стариот и дотраен објект ќе биде срушен. Над 200 дечиња ќе добијат пристојни услови да го поминуваат своето детство.

1800 метри квадратни ќе бидат доволни да ги задоволат барањата на оваа населба, а инвестицијата е над 100 милиони денари. Има и одредена симболика за овој објект.

Тука е мешана етничка средина, има дечиња и од македонска и од албанска национална припадност. Инвестициите во ваквата инфраструктура мора да бидат подеднакви затоа што подеднакво треба да се грижиме за решенија на проблемите кои ги засегаат сите граѓани.

Ова е време кога државата треба да прави за народот, затоа што долго време народот правеше за државата.

Македонија треба да припадне во рацете на граѓаните.

Оваа градинка ви ја ветив пред изборите и еве ме на 8миот ден од новата Влада редиме камен темелник на оваа градинка. Дарко, министерот, министрите и јас остваруваме уште едно ветување. На овој начин создаваме и си стоиме на зборот.

Образот нема цена. Исполнуваме за тебе, за сите граѓани. Нека е честито и да се сведочиме на уште многу убави работи.“, истакна премиерот Мицкоски при поставувањето камен темелник на нова детска градинка во општината Бутел.

Моделот „плати или гледај“ на „Мета“ не е во согласност со Законот за дигитални пазари,оцени ЕУ

Комисијата оцени дека моделот на „Мета“ ги принудува корисниците да се согласат на користење на нивните лични податоци преку „нивните услуги и услуги од трети страни за да обезбеди онлајн рекламирање“.  

Европската комисија соопшти дека ја информирала „Мета“ оти според нејзините прелиминарни наоди во рамки на истрагата започната на 25 март годинава, моделот за рекламирање „плаќај или гледај“ што го практикува компанијата не е во согласност со Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА).

Комисијата оцени дека моделот на „Мета“ ги принудува корисниците да се согласат на користење на нивните лични податоци преку „нивните услуги и услуги од трети страни за да обезбеди онлајн рекламирање“.

Според ЕК, моделот „плаќај или гледај“ ги принудува корисниците да бираат меѓу две опции – да плаќаат месечна претплата за користење на верзија без реклами на социјалните мрежи на „Мета“ или да имаат бесплатен пристап до верзија на социјалните мрежи со персонализирани реклами.

Согласно член 5 став 2 од ДМА, големите онлајн компании, кои имаат статус на „чуварите на портата“, меѓу кои е и „Мета“, мора да бараат согласност од корисниците за користење на нивните лични податоци за да може да ги користат услугите на основната платформа, а доколку корисникот одбие да даде таква согласност треба да има пристап до помалку персонализирана, но еквивалентна алтернатива.

Комисијата смета дека моделот „плати или гледај“ на „Мета“ не е во согласност со овој член од Законот, бидејќи не им дозволува на корисниците да се одлучат за услуга што користи помалку од нивните лични податоци, која би била еквивалентна на услугата базирана на „персонализирани реклами“ и им оневозможува да го остварат своето право на слободна согласност за користење на нивните лични податоци.

За да се обезбеди усогласеност со ДМА, според Комисијата, „Мета“ треба да им овозможи на корисниците кои не се согласуваат со користење на нивните лични податоци, сепак да имаат пристап до еквивалентна услуга која користи помалку лични податоци за персонализација на рекламирањето.

„Мета“ сега има право да достави писмен одговор на наводите од прелиминарните наоди на Комисијата. ЕК, пак, треба да ја заврши истрагата во рок од 12 месеци од нејзиното отворање, односно до март следната година.

Доколку истрагата ги потврди прелиминарните наоди за неусогласеност на моделот со член 5 став 2 од ДМА, Еврокомисијата може да и изрече парична казна на „Мета“ во износ до 10 отсто од нејзиниот вкупен промет на глобално ниво. Доколку, прекршокот се повтори таа казна може да достигнат и до 20 отсто од глобалниот промет, а во случај на систематска неусогласеност, ЕК е овластена да изрече дополнителни правни лекови, меѓу кои и обврска за компанијата да го продаде својот бизнис или делови од него или да и забрани воведување дополнителни услуги.

притисни ентер