Тоа резултира со релаксација на строгите карантински мерки во главниот град Мелбурн до крајот на месецот.
Во последните 24 часа, во таа држава се регистрирани 21 нов случај на коронавирус, што е скоро половина помалку од претходниот ден и е најмал број на заразени од 24 јуни.
„Овие податоци се силен доказ за тоа што може да се постигне ако се придржувате до правилата, ако не ве заведат најгласните кои се противат на ограничувачките мерки“, рече на прес-конференција премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус.
„Сите би сакале да видиме укинување на ограничувачките мерки што е можно поскоро, но нема да успееме ако не ги намалиме високите бројки на пониско ниво.
Нов Јужен Велс, најголемата држава во Австралија, со најголемиот австралиски град Сиднеј, објави три нови случаи на инфекција. Денеска нема нови инфекции во шесте други држави и територии, но во последните неколку недели имало само едноцифрено зголемување на случаите со коронавирус.
Според австралиската влада, Викторија денеска пријавила седум нови смртни случаи од ефектите на ковид-19, со што вкупниот број достигнал 844 смртни случаи од почетокот на пандемијата. Во таа австралиска држава починале 90 проценти од вкупниот број смртни случаи поврзани со ковид-19 на национално ниво.
Во Австралија, досега, нешто помалку од 26.900 луѓе биле заразени со коронавирус. Земјата во голема мерка избегна голем број жртви во споредба со другите земји во светот, но за време на вториот бран на инфекција со коронавирус во Викторија, беа воведени строги ограничувачки мерки и повеќето други австралиски држави ги затворија своите внатрешни граници.
Главниот град Викторија, Мелбурн, беше под една од најострите блокади, вклучително и полициски час, но локалната власт објави дека ќе дозволи повторно отворање и работа на производствените капацитети, магацините, градилиштата и градинките на 28 септември, ако просечното дневно зголемување на инфекциите остане под 50.