Зголемен интензитет на сообраќајот надвор од градските средини

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата, информира Автомотосојузот на Македонија.

Забрана за движење на тешки товарни возила има на регионалниот пат Пробиштип - Кратово поради појава на свлечиште, на влез во Кратово, како и на патот Радовиш - Конче, исто така поради свлечиште. На патниот правец Кичево – Охрид во близина на Ботун поради изведување градежни работи на пат, сообраќајот се одвива наизменично регулиран со семафори за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

На магистралниот пат А2 од влезот до излезот на Кичево се изведува надградба на асфалтна подлога за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На патниот правец А-1 Гевгелија - Скопје од надвозникот кај клучка Велес до наплатната станица „Отовица“ се изведуваат работи на мостовите за што е поставена соодветна вертикална сообраќајна и светлосна сигнализација, а сообраќајот се одвива по една сообраќајна лента само по мостовите.

На патниот правец Фурка - Дојран, Р-1105, се изведуваат градежно-асфалтерски работи. Поставена е соодветна патна сигнализација. Во тек се и градежни работи за реконструкција и рехабилитација на патната секција Велес - Кадрифаково, фаза 2 од депонијата Велес до с.Лозово.

Сообраќајот на сите останати државни патишта во Македонија се одвива без забрани, по суви коловози.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово - Велес, Маврово – Дебар - Струга, Демир Капија - Удово, Кочани - Делчево и Берово - Виница, каде е можна почеста појава на одрони.

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер