Земјотрес во Мостар -Се тресеа врати и прозорци

Земјотрес со јачина од 3,2 степени по Рихтер попладнево во 17.25 часа го стресе Мостар.

Земјотресот е почуствуван во Херцеговина и во дел од Далмација. Во епицентасрот земјотресот бил со јачина од 3,2 степени по Рихтер . Длабочината на потресот бил на пет километри.

Освен мала материјална штета и вознемиреност кај жителите , земјотресот не предизвикал други проблеми.

Движењето низ регионот само со негативен ПЦР-тест, освен за Албанија, Косово и Турција

Негативен ПЦР – тест стана услов за патување во земјите низ регионот, со исклучок на Албанија и на Турција.

Условот не важи за транзит низ земјите при влез на граничен премин за воздужен сообраќај, како и на копнен граничен премин, но потребно да се потпише изјава за транзит и да се напушти односната земја во рок од три часа.

Србија овој услов го воведува од денеска, за сите граѓани на Македонија, Хрватска, Бугарија и на Романија. Црна Гора, пак, ја укина забрзаната за влез во земјата, но најверојатно со приложување на негативен ПЦР – тест.

Имено, според одлуката на Кризниот штаб на Србија донесена вчера, за влез во земјата државјаните на Северна Македонија, Хрватска, Бугарија и на Романија треба да имаат негативен ПЦР-тест, кој нема да биде постар од 48 часа, при што рестрикциите нема да важат за граѓаните на Црна Гора.

– Таа одлука ќе важи од 15 август, и нема да се однесува на српските државјани кои доаѓаат од територијата на тие земји, изјави епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ по седницата на Кризниот штаб.

Пропишаниот период од 48 часа, според Кисиќ Тепавчевиќ, започнува да тече од моментот на издавање на сертификатите од страна на лабораториите, а одлука е донесена врз основа на проценка на епидемиолошката состојба, како и врз основа на трендот на заболување од коронавирусот.

Црна Гора исто така од денеска ќе ги отвори границите за граѓаните на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и за Косово. Како што изјави директорот на Институтот за јавно здравје, Бобан Мугоша, за влез во Црна Гора најверојатно ќе биде потребен негативен ПЦР-тест или серолошки тест ЕЛЕСА.

Според него, одлуката за отворање на границите е донесена по барање од туристичката заедница, а начините за влез во земјата треба да ги одреди денеска на седница Националното координативно тело.

Дел од приштинските медиуми јавија дека Владата на Косово на вчерашната седница одлучила „да ги отвори државните граници на Република Косово" со Македонија, Албанија и Србија, оценувајќи дека тоа значи оти граѓаните на трите соседни држави нема да имаат потреба да приложуваат тест со кој ќе докажат дека не се заболени од Ковид-19.

Меѓутоа, членот на косовската Влада, Халил Матоши во изјави за МИА прецизира дека одлуката на Владата „да ги отвори државните граници на Република Косово со Македонија, Албанија и Србија" се однесува на олеснување на одредени царински процедури со тие три земји и не значи дека се укинува обврската за приложување ПЦР-тест за македонските граѓани при влез во земјата.

Тој изјави дека станува збор за „погрешно толкување од страна на некои медиуми" на дел од соопштението од седницата на владиниот Кабинет.

– Оваа одлука се однесува единствено на отворањето на одредени гранични премини со тие земји, со цел да се олесни движењето на граѓаните, но тоа не значи дека се укинати досегашните мерки и протоколи против пандемијата на Ковид-19. Значи, остануваат на сила сите мерки кои Владата ги има усвоено порано, а кои се однесува на влегувањето во земјата на граѓаните од странство, појасни Матоши.

Нашата земја, пак, меѓу првите го воведе условот за негативен ПЦР-тест за влез во државава. Според одлуката објавнеа на 10 јули државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и на Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на нашата држава задолжително треба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влез во земјава. Воедно треба да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот. Доколку само транзитираат можат да ја поминат границата без ПЦР-тест.

Одлуката на Владата беше донесена по предлог на Комисијата за заразни болести по разгледување на актуелната епидемиолошка состојба во четирите земји согласно информациите добиени од медицинските власти во тие земји.

Забраната за влез во земјите од ЕУ Брисел ја воведе на 1 јули и се уште е во сила. Бугарската Влада одлучи делумно да ги олесни мерките за влез во земјата за пет држави, меѓу кои и Македонија, при што од 28 јули македонските државјани можат да влезат во Бугарија само со негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Според бугарската Влада, одлуката за овие олеснувања е на барање на туристичкиот сектор во земјата.

За разлика од Бугарија, Грција ја продолжи забраната за влез на македонски државјани до 31 август, поради коронавирусот. /МИА

Продолжуваат консултациите за формирање Влада

онсултациите за формирање Влада, по изборите на 15 јули продолжуваат, откако во четвртокот претседателот на државата Стево Пендаровски му го довери мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. 

Сега Заев има рок од дваесет дена од добивањето на мандатот за консултации за формирање нов состав на Влада.

ДУИ соопшти дека разговорите за формирање владина коалиција со СДСМ се одвиваат на различни партиски нивоа.

– Потврдени се принципите врз кои ќе се заснова следната влада, и тие и беа соопштени на јавноста неколку пати. Се подготвуваме за следните чекори, како што се изработката за детална програма за работа и дефинирање предлози со соодветни, подготвени, чесни и способни кадри, посочија од ДУИ.

Нивните уверувања, како што се наведува, се дека овој пристап ќе доведе до конечен договор и Влада со целосен четиригодишен мандат, која ќе биде изгласана во Собранието, ќе им служи на сите граѓани подеднакво и ќе продолжи партнерството со евроатлантските сојузници.

Тричасовна средба во четвртокот попладне, по врачувањето на мандатот, имаа лидерите на двете партии Али Ахмети и на СДСМ Заев, која беше оценета во заедничкото соопштение како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основи за напредок кој води до коалиционен договор за нова, европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото. На средбата присуствувале и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.

Во соопштението беше најавено дека разговорите меѓу двете партии ќе продолжат во текот на викендот на ниво на генерални секретари.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ги замрзна односите со шефот на државата откако тој реши да му го даде мандатот за формирање Влада на Заев без да прикаже доказ за мнозинство во Парламентот, најави дека во наредниот период сите опции се отворени и дека ќе го следат периодот на преговори кој што ќе го предводат партиите.

– Точно е, вчера имавме конкретна изјава и од страна на претседателот Мицкоски но, тоа го говорат и експертите, тоа го пишува и во Уставот, дека противуставно, Стево Пендаровски го даде мандатот на пратеникот, односно го узурпираше во рацете на пратеникот Зоран Заев, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Според него, Заев или од СДСМ неколкупати кажале дека имаат мнозинство, но потоа самите се демантирале.

– Во однос на тоа ќе треба да почекаме, да видиме како се развиваат преговорите, сепак тие преговори ги водат две други политички партии и ќе треба таму да ги бараме одговорите во однос на се она што се разговара таму. Во однос на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ морам да истакнам дека веќе е јасно кој го узурпираше мандатот во раце и кој го има мандатот за да се обиде како што велеа да состави нова Влада, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива соопшти дека нивни претставници немале средби за учество во новата влада и дека нема да да преговараат додека ДУИ не го исцрпи правото да биде дел од идната влада, односно да стане опозиција. За нив ДУИ е легален, но не легитимен победник на изборите кај партиите на Албанците.

– Иако ние сме легитимни победници на изборите на 15 јули во албанскиот политички камп, ние нема да влеземе во преговори, се додека ДУИ не го исполни предизборното ветување за премиер да биде Насер Зибери. Дури, како што кажавме, ако во Собранието доајде предлог Насер Зибери да биде премиер, ние со нашите 12 пратеници ќе гласаме за него. Но, ако ДУИ не успее да го реализира ова ветување, за што има легалитет, таа партија нема право да биде дел од идната влада и нејзиното место е во опозиција, истакна на прес-конференцијата Скендер Зеид Реџепи, генерален секретар на Алтернатива.

Вчера со реакција за барањето на ДУИ премиер да биде Албанец, излезе и партијата ДОМ, која е во коалиција со СДСМ.

Во соопштението тие посочуваат дека за нив барањето на ДУИ за премиер по етнички клуч е неприфатливо затоа што води кон поделеност на македонското општество, подем на национализмот и претставува закана за општествениот систем и современиот граѓански концепт-едно општество за сите.

– Премиерската функција не смее да се претвори во "весела математика", од типот 1+3, 2+2, 3+1. Дополнително, ротацијата на премиерската позиција би можела во иднина да стане пракса и за други политички функции што би довело до нефункционалност на институциите, се посочува во соопштението./МИА

„Еуростандард банка" под стечај, сопственикот Костовски најави тужби

 Народната банка во средата соопшти дека ја затворила „Еуростандард банка" АД Скопје, поради неисполнување минимални законски услови за работење, достави предлог до надлежниот суд за отворање стечајна постака. 

Главниот акционер во „Еуростандард банката", Трифун Костовски, од своја страна, најави дека правдата за случајот ќе ја бара надвор од земјава, истакнувајќи оти за тоа има легитимно право, бидејќи објективно станува збор за странска инвестиција.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска информира дека затворањето на „Еуростандард банката" воопшто нема да ја доведе во прашање стабилноста на банкарскиот систем, а сите депозити на штедачите ќе бидат исплатени во рамки на законските рокови.

Согласно состојбата до 31 јули 2020 година, најавено е обесштетување на 136.619 депоненти или 99,4 отсто од вкупниот број, со 4,4 милијарди денари. Останатите 780 депоненти нема да бидат обесштетени или нема да бидат обесштетни во целост зашто ќе се покриваат само сумите во банката до 30.000 евра.

НБ информира дека во изминатиот период заради ризици во работењето „Еуростандард банката" била под засилен супервизорски надзор и постојано и и биле изрекувани мерки и била засилувана супервизијата за отстранување на слабостите.

Според Ангеловска-Бежоска, клучните проблеми на банката биле одраз на слабостите од минитиот период, а не на тековните состојби. Една од најголемите слабости на работењето на банката било поголемото преземање кредитен ризик или помалото обезбедување на кредитите што се давани, а тоа резултира со кредитни загуби. Кредитите учествувале со 50 проценти од вкупната актива на банката, односно со 3,6 милијарди денари.

Вината за стечајот, Трифун Костовски ја лоцира во Управниот одбор на банката, кого го обвини за злоупотреба на капиталот и на сметките и на физачките и на правните лица во банката, но и во Народната банка, на која, според него „и се брзало" за затворање на „Еуростандард" и не сакала да и помогне.

Тој нагласи дека станувало збор за „долго планиран атак врз „Еуростандард бнаката", за што причините не му се познати.

Според него, имало потенцијален партнер за спас на банката, но Народната банка „не одвоила ниту пет минути да му пружи шанса на тој инвеститор".

Се огласи и Комитетот за финансиска стабилност, кој соопшти дека и по стечајот на „Еуростандард банка" банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен и стабилни и сигурни се сите други банки и штедилници.

– Укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка" АД Скопје е влог во натамошно одржување на стабилноста на банкарскиот систем и на финансиската стабилност во целина. „Еуростандард банка" АД Скопје имаше исклучително ниско учество во најзначајните активности на банкарскиот систем (1,3 тосто од вкупната актива, 1,7 проценти од вкупните депозити и 1,6 отсто од вкупните кредити), а истовремено остваруваше значајно влијание врз нефункционалните кредити на системот.

Фондот за осигурување на депозити ги информира физичките лица – депоненти на „Еуростандард банка" дека обесштетувањето по основ на вкупни депозити кои ги имаат во Банката ќе започне во рок од 20 дена и ќе се изврши во согласност со законските прописи.

– Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020 година, информираа од Фондот.

По одлуката на Народната банка, и Комисијата за хартии од вредност во четвртокот трајно и ја одзема дозволата за работа за вршење услуги со хартии од вредност на „Еуродстандард банката", укажувајќи дека трговските трансакции со хартии од вредност кои биле склучени со банката до одземањето на дозволата ќе се реализираат во целост согласно важечките законски прописи и правила. Комисијата информира и дека пазарот на хартии од вредност останува стабилен, функционален и целосно ефикасен.

Македонската банкарска асоцијација (МБА) соопшти дека со стечајот на „Еуростандард", ниту една друга банка не е изложена на ризик што може да се одрази на нарушување на нејзината стабилност и солвентност, потенцирајќи дека банкарскиот систем се одликува со исклучително прудентно работење и отпорност на шокови.

Според МБА, утврдените слабости во работењето на „Еуростандард банка" не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем кој е сигурен, стабилен и солвентен.

– Банкарскиот систем е во одлична кондиција, способен да одговори на потребите на населението и компаниите, а таа стабилност се согледува преку тоа што располага со високо ниво на ликвидност, при што ликвидната актива покрива близу 60 отсто од депозитите на домаќинствата, квалитетот на сопствените средства е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90 проценти се од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на системот, а солвентноста на системот континуирано е двојно повисока од законскиот минимум од осум отсто, при што според првичните расположливи податоци со состојба на 30 јуни 2020 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17 проценти, наведе МБА, посочувајќи дека депозитите во сите банки и штедилници се сигурни.

Управата за јавни приходи (УЈП) апелираше до граѓаните, кои во апликацијата МојДДВ имаат внесено трансакциска сметка од „Еуростандард Банка", да извршат промена со внесување на валидна трансaкциска сметка, со цел исплата на средства од поврат на ДДВ за физички лица, а Фондот за пензиско и инавалидско осигурување информира дека сите корисници на пензија на кои исплатата им се вршиеше преку трансакциски сметки во оваа банка, најдоцна до 21 месецов треба да достават известување до друга банка преку која што би сакале во иднина да им се врши исплата на пензијата.

На случувањата во „Еуростандард банката" реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека тоа е огромен скандал и неуспех на македонската влада, наведувајќи дека станува збор за „втор ТАТ" и дека „20-тина милиона евра ќе останат необештетени" и ќе има „нов бран на отпуштања од работа и стечај на фирми и клиенти поврзани со банката".

На ваквите тврдења на ВМРО-ДПМНЕ, возврати СДСМ повикувајќи ја опозициската партија да престане со ширењето лажни вести и паника кај граѓаните и да дозволи институциите да ја работат работата за која што се надлежни и посочувајќи дека банкарскиот систем е стабилен, а одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка" е согласно Законот за банки и за заштита на интересите на граѓаните.

Во врска со случајот со „Евростандард банка", претседателот Стево Пендаровски вчера имаше средба со гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што побара сите надлежни институции да вложат максимални напори за обесштетување на депонентите.

Пендаровски изрази очекување дека банкарскиот систем и понатаму ќе биде стабилен, напоменувајќи дека е особено важно Народната банка и натаму да продолжи со успешно остварување на своите законски цели и задачи, давајќи клучен влог за успешна монетарна политика, за финансиската и макроекономската стабилност на земјава. /МИА

притисни ентер