Зеленски: Русија ја нападна Украина со над 300 дронови и 37 ракети - Канал 5

Зеленски: Русија ја нападна Украина со над 300 дронови и 37 ракети

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска објави дека Русија во текот на изминатата ноќ употребила 300 дронови и 37 ракети за напади врз украинската инфраструктура.

Зеленски: Русија ја нападна Украина со над 300 дронови и 37 ракети

„Русите оваа есен го користат секој ден за да ја таргетираат нашата енергетска инфраструктура“, напиша тој на X.

Украинската приватна енергетска компанија ДТЕК претходно утринава објави дека по рускиот напад врз енергетската инфраструктура во текот на ноќта, работата на фабриката за производство на гас во регионот Полтава е запрена.

Извори од индустријата изјавија дека руските напади предизвикале „значителна“ штета на гасниот сектор на Украина.

Извршниот директор на украински „Нафтогас“ изјави дека нападите ја запреле работата во неколку објекти од критично значење.

Тој нагласи дека тие имаат директно влијание врз домашното производство на гас и дека Киев ќе мора да ги покрие загубите со увоз.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Државата напредува, бележи дипломатски успеси

Државата напредува, бележи дипломатски успеси, за прв пат е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации, а СДС и Филипче тоа не го гледаат.

ВМРО-ДПМНЕ: Државата напредува, бележи дипломатски успеси

На СДС му смета се што е во корист на државата.

Не сакаат Македонија да напредува и да успее, затоа и му пречи и дипломатскиот успех на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој во Скопје го потврди и претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.

Минатата недела од Македонија, Кошта испрати јасна порака дека државата има опиплив напредок во делот на исполнување на Реформската агенда, а дополнително тоа се потврди и со добивањето на 65,7 милиони евра од Планот за раст, што е за 50% повеќе од, како што ги нарекуваат, фронтранерите Црна Гора и Албанија.

Државата бележи и друг успех на меѓународен план, кој е постигнат благодарение на посветената и неуморна работа и активност на македонската дипломатија. За прв пат Македонија е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации – ЕКОСОК, за мандатниот период 2027-2029 година. Со ова Македонија ќе биде дел од едно од главните тела на системот на Обединетите нации.

Додека пак, нацрт-извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за Македонија за 2025 година, испраќа важна политичка порака и потврдува дека Македонија останува јасно препознаена како европска држава посветена на реформите, регионалната стабилност и стратешкото партнерство со ЕУ и НАТО.

Покрај тоа, имаме заедничка изјава со ЕУ во делот на одбраната и безбедносната политика, завршен е пост-мониторингот со Советот на Европа што е потврда дека ги исполнуваме сите демократски капацитети.

Македонската дипломатија посветено работеше и на полето за зацврстување на билатералните односи со државите и во тој правец се потпишаа стратешки договори со моќни европски и светски држави како САД, Обединетото Кралство, Хрватска, Унгарија.

Од друга страна, по долги години се стави крај на неработењето, коленичењето, понижувањето и потчинувањето на македонската дипломатија пред други држави, особено и во делот со Бугарија. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потпиша Ратификување на договор со Бугарија за реализација на Коридорот 8, што е од клучно значење за Европа, регионот и самиот Балкан.

Додека едните само се сликаа на автопатиштата со маички и си делеа провизии од анексите за работа на коридорите, додека потпишуваа бланко листови за да останат ден повеќе на власт на штета на македонските интереси, ВМРО-ДПМНЕ работи на достоинственото претставување на државата и со конкретни чекори кои даваат реални ефекти и резултати, посветено работи на евроинтегративниот процес.

Додека некои со предавнички однос кон државата и поданички кон странски држави, Владата на ВМРО-ДПМНЕ со државнички однос постигнува напредок кој денес го поздравуваат голем број претставници на земјите членки на ЕУ.

Сето ова е постигнато со многу труд, многу работа и голема посветеност Македонија достоинствено да се претставува на меѓународен план. Се работеше долго и напорно, без многу фалење, далеку од очите на јавноста и на крајот донесе конкретни и видливи позитивни резултати за Македонија.

Овој успех на македонската дипломатија и напредок на државата не го гледаат само СДС и Венко Филипче, кои под поимот успех и реформа, подразбираат само промена на Уставот и внесување на Бугарите, со крајна цел редефинирање на македонската историја по бугарски терк.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонските спортисти со поддршка за Плазма Спортски игри за млади

Кузманоски, Галевски и Проданоска со силни пораки од Плазма Спортските игри за млади.

Македонските спортисти со поддршка за Плазма Спортски игри за млади

Плазма Спортските игри за млади од оваа година за првпат се одржуваат во Македонија, носејќи со себе една исклучително важна мисија – бесплатен спорт за секое дете. Но, овие игри се многу повеќе од натпреварување и резултати. Тие се место каде што младите учат што значи да се биде дел од тим, како да се почитува противникот и како преку играта се градат вистинските животни вредности.

Преку спортот, децата растат не само како спортисти, туку и како личности, учат за почит, толеранција, пријателство и фер-плеј. Токму тие вредности се темелот на СИМ.

„Денот на спортот“, кој е во рамките на Плазма Спортските игри за млади, досега се одржа во Скопје, Куманово, Штип, Кочани, Струмица, Велес, Кавадарци, Прилеп и Битола, а ќе продолжи во Охрид и Тетово.

Во секој град дел од овој значаен спортски настан се сегашни и поранешни спортисти кои придонеле и сè уште придонесуваат за Македонија.

Во Прилеп гостин беше Горан Кузманоски, поранешен ракометен репрезентативец и актуелен селектор на македонската кадетска репрезентација. Токму тој, заедно со кадетите, го освои златниот медал на Светското училишно ракометно првенство кое се одржа во Скопје.

„Благодарност до Плазма Спортските игри за млади што го одбраа Прилеп за домаќин на „Денот на спортот“. Ова е градот каде што ги направив првите чекори, град од кој излегле многу спортисти и репрезентативци, не само во ракомет, туку и во други спортови. Преку Игрите младите ќе можат да се пронајдат себеси во спортот и да изградат дисциплина и култура. Се надевам дека Плазма Спортските игри за млади ќе станат традиција, бидејќи се веќе познати во Европа. Благодарност до градоначалникот и до претседателката Елена Мицковска за оваа прекрасна организација и за масовната посетеност.

Морам да напоменам дека пред еден месец во Скопје се одржа Светското училишно првенство во ракомет. Јас, како селектор, заедно со кадетите имавме амбиции да освоиме медал – и успеавме, ја освоивме шампионската титула, додека кадетките освоија сребрен медал. Тоа е одличен почеток на спортски план за Македонија во оваа 2026 година. Имавме одлични услови, нешто што јас кога почнав да тренирам ракомет го немав“, рече Кузманоски.

Иван Галевски е еден од нив. Македонскиот репрезентативен голман и член на РК Алкалоид беше дел од „Денот на спортот“ во Битола, каде заедно со Весна Дунимагловска и Оливера Бикова го донесоа факелот и симболично го означија стартот на СИМ.

Галевски, кој зад себе веќе има европска титула во ЕХФ Европскиот куп и Купот на Македонија со Алкалоид, вели дека неговите почетоци се токму од основно училиште и ги поздрави Игрите.

„Почнав со ракомет од мојата десетта година, во основно училиште. Плазма Спортските игри за млади се за секоја пофалба, бидејќи ги поттикнуваат младите да се занимаваат со спорт и да градат здрави навики.“

Важноста на Плазма Спортските игри за млади ја истакна и Даниела Проданоска, олимпијка во атлетика (Сиднеј 2000).

„Нешто слично на вакви Игри и јас ја започнав мојата кариера. Децата имаат можност да го почувствуваат спортскиот дух и дружењето. Спортот има големо влијание во формирањето на децата како личности и во градењето на нивните вредности, кои се многу важни во понатамошниот живот.“

Плазма Спортските игри за млади обединуваат илјадници деца низ цела Македонија. Победниците на Државното првенство ќе имаат можност да се дружат со најдобрите од Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина на големото финале кое од 17 до 22 август ќе се одржи во Сплит.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова свечено го отвори 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вечерва во Прилеп, го прогласи за отворено 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Сиљановска-Давкова свечено го отвори 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Јубилејниот фестивал започна со изложба „60 години Војдан Чернодрински – Прилеп“ во рамките на којашто на повеќе локации се поставени артефакти од неговата долгогодишна традиција. На свеченоста беа доделени награди за животно дело: на режисерот Сашо Миленковски, на театарскиот деец Љубомир Чадиковски, на актерот и пeдагог Атила Клинче и на Веби Ќерими актер, режисер и педагог.

Годинашното издание на „Војдан Чернодрински“, се одржува под покровителство на претседателката, на која во рамките на свеченото отворање ѝ беше врачена благодарница.

Во своето обраќање Сиљановска-Давкова посака овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувана директорке на фестивалот „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска,

Почитуван министер за култура, Зоран Љутков,

Почитуван градончалник, пратеници, уметници, љубители на театарската уметност,

Драги пријатели,

Шест децении сцената на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност. Прилеп видел генерации талентирани и расни актери, режисери, драматурзи и сценски творци, носители на улоги и претстави, коишто продолжуваат да живеат и по спуштањето на завесата.

Од античката аристотеловска катарза со која се соочува човештвото денеска, преку шекспировото драмско огледало, до чернодринскиот фестивал, театарот останува ретко место каде што човекот доброволно, вклучувајќи ме и мене, се соочува со вистината. Во трагедијата ја чувствуваме тежината на изборот, во комедијата се чудиме и се смееме на сопствените слабости, во драмата ги препознаваме човечките премрежиња, во гротеската се соочуваме со нашите, човекови парадокси.

Во овој дом, свет дом, се одвивале илјадници дијалози меѓу човекот и совеста на универзален театарски јазик. Тука, меѓу овие ѕидови е отелотворен уметничкиот дух, меморирана е актерската реч, вграден е вашиот говор на телото.

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели коишто инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат.

Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може.

Театарот изнедрува храбри луѓе, личности со достоинство, интегритет, ерудиција. И кога, ако не тука, ако не сега, каде што и воздухот мириса на театар, како што вели нашиот голем драмски автор, Јордан Плевнеш. Посакувам овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни.

Јас сум почестена, исто колку и лауреатите. Чест ми е да го прогласам за отворено, јубилејното, 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Вечен да е.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер