Заев за BHTV!: Ако опозицијата за лични интереси ја спречува иднината на државата, ќе одиме на избори

Ние не сакаме избори, но ако опозицијата се обиде да ја спречи иднината на државата кон ЕУ и НАТО поради лични калкулантски односи, тогаш ние ќе бидеме принудени да одиме на избори, вели премиерот Зоран Заев во првото интервју дадено по референдумот.

Во интервјуто за „BHTV1“ Заев истакнува дека ќе сторат се што треба да се обезбеди потребното мнозинство во Парламентот за уставните измени, но доколку опозицијата се обидува да ја спречи иднината на Македонија поради лични интереси, тогаш ќе мора да се оди на избори. Уверен е дека ако оди на избори, ќе добие двотретинско мнозинство бидејќи, како што вели, над 80 проценти од граѓаните се за европска иднина на државата.

- Во суштина верувам дека и опозицијата е за ЕУ. Тие не се против. Но, тие пусти политички калкулации кои ги прават политичките кругови се причина за ова. Дури и лидерот на опозицијата, кој бојкотираше, ако го прашате дали е за ЕУ и НАТО, тој ќе ви рече „да“ и јас во суштина верувам дека тоа е точно, но тој сака да се врати на власт, а тогаш кога сака да се врати на власт, ја загрозува иднината на нашата земја, вели Заев, додавајќи дека доколку Македонија се движи напред кон евроатланската интеграција тогаш ќе се зголеми и БДП, ќе растат инвестициите и извозот, ќе се намалува невработеноста и ќе се обезбедат перспективи за младите да останат во државата.

Во интервјуто Заев нагласува дека одговорноста кај сите е голема бидејќи се работи за прашање кое е над него, над лидерот на опозицијата, надпартиско.

Во однос на формулацијата на референдумското прашање и дали тоа било причина за малата излезеност на 30 септември, Заев вели дека прашањето било така поставено бидејќи без договорот со Грција нема Еу и НАТО.

- Сите сме за ЕУ и НАТО, но исто така сите знаеме дека без Договорот со Грција нема ЕУ и НАТО. Затоа ова е единственото можно прашање. Договорот со Грција е направен за да го продолжиме нашиот пат кон ЕУ и НАТО. Едно без друго не може. Грција бараше да се разгранични регионот на Северна Грција, кој е Македонија, од нашата Република Македонија и најдовме правично решение, појаснува Заев, додавајќи дека е направен договор со кој се потврдуваат македонскиот идентитет и јазик.

Прашан како ја коментира излезноста во општините каде мнозинството е албанско население, премиерот Заев вели дека процентот на излезеност бил ист и кај Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците затоа што има голема миграција.

- Процентот на излезеност е нормален. Кога ќе ги видите бројките, ќе видите дека ние постигнавме излезеност од приближно 50 проценти од тоа што го имаме како гласачи во Македонија, затоа што во Македонија има околу 1,3 милион гласачи, појаснува Заев.

Во врска со реакциите на меѓународната заедница по референдумот, Заев рече дека меѓународниот фактор очекува Македонија да продолжи натаму и Парламентот да донесе одлука.

СБ: Постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените

Постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот.

Македонија може да се справи со растечкиот долг и да обезбеди макроекономска стабилност со подобрување на својата фискална состојба преку зајакнување на буџетската дисциплина, подобрување на ефикасноста на јавните расходи и подобрување на наплатата на даноците, се вели во новиот извештај на Светска банка „Преглед на јавни финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и зајакнување на отпорноста“.

Во извештајот се нагласува дека најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донела задоволителни резултати. Во последната деценија, земјата се соочува со повисоки фискални дефицити од земјите од Западен Балкан, со ниво на долгот што надминува 62 проценти од Бруто домашниот производ (БДП).

- За подобро да се подготви за иднината, сега е клучно Северна Македонија да почне да се справува со фискалните предизвици, изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија.

Според него, обезбедувањето на цврсти макроекономски основи може да придонесе за одржлив економски развој и намалување на сиромаштијата додека земјава се приближува кон членство во ЕУ.

Во однос на одржливоста на пензискиот систем во извештајот се посочува дека целта на повеќестолбната реформа на овој систем воведена во 2005 година била подобрување на среднорочната и долгорочната фискална одржливост со одржување на паритетот на правата низ генерации, но дека оваа цел е доведена во ризик поради подоцнежните ад-хок промени на политиките. Земјава и понатаму има пензиски дефицит и без реформа, како што оценија Светска банка, тој уште повеќе би се зголемил.

- За справување со овие предизвици се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее. Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (тн Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот. Комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики би можел да донесе поизбалансирани исходи и да го спречи понатамошното зголемување на пензиските расходи и дефицити, се наведува во Извештајот на СБ.

Во извештајот се вели дека има значителен потенцијал за подобрување на наплатата на даноците и за оптимизирање на расходите на јавниот сектор. Проценките на Светска банка укажуваат дека со спроведување мерки како што се намалување на ослободувањата од ДДВ, спроведување прогресивно оданочување на приходите и зголемување на даноците за животна средина и даноците на имот, даночните приходи би можеле да се зголемат за 3,5 процентни поени од БДП.

Според извештајот, со подобрување на наплатата на даноците и оптимизирање на расходите, Северна Македонија има можност да ги намали трошоците за задолжување и да распореди повеќе ресурси кон основните сектори клучни за нејзината иднина, како што се образованието и здравството.

Во делот на здравството се наведува дека справувањето со предизвиците на општеството што старее бара модел за извршување на услугите со кој се подобрува ефикасноста на јавните расходи и се проширува пристапот до висококвалитетни здравствени услуги, вклучувајќи и долготрајна нега. Ова меѓу другото подразбира, континуирани инвестиции во опрема, вработувања, знаења, вештини на давателите на негата. Обезбедувањето на рамноправен систем до здравствената заштита, се посочува, бара подобрување на пристапноста, особено на лековите и долготрајната нега.

-Подобрувањето на пристапноста до лековите и зголемување на пристапот до висококвалитетни лекови бара редовно ажурирање на позитивната листа на лекови и ревидирање на цените на лековите и на политиките за партиципација со фокус на подобра финансиска заштита на ранливите домаќинства, а во делот на услугите за долготрајната нега се препорачува развој на механизми за финансиска помош особено за сиромашните, стои во Извештајот.

Во извештајот се дадени низа препораки со цел насочување на земјата кон поодржлива фискална патека. Овие препораки опфаќаат конкретни мерки за зголемување на даночните приходи, реформи за подобрување на ефективноста на јавната администрација, ребалансирање на финансиите на локалните власти и напори за подобрување на ефикасноста на извршувањето на јавните услуги.

Групацијата Светска банка е партнер на Македонија во разни проекти за финансирање и знаење со цел подобрување на ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи, подобрување на ефективноста на даночната администрација и кои опфаќаат повеќе сектори, вклучувајќи ги образованието, социјалните услуги и земјоделството.

Милевски: Добивме група која ни носи надеж

На извлекување во Цирих, најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија ги дозна противниците во група за пласман на Светското првенство 2026 година во САД, Канада и Мексико. 

Нашата најдобра селекција е во група со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн. Селекторот на македонската рперезентација, Благоја Милевски смета дека групата носи надеж за неговиот тим и доколку ја задржиме енергијата и позитивниот дух од последните натпревари од Лига на нации, може да се надеваме на добри резултати.

“Извлекувањето во Цирих ни носи надеж.Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман. Белгија е голем фаворит. Една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција.Велс е одлична репрезентација, тим кој игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин. Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за условно, помалите репрезентации во групата. За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и да одново да се бориме за резултат кој може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување изјави на официјалниот сајт на ФФМ, селекторот Благоја Милевски .

Како Боки 13 со инвалидитет од прв степен заработува за егзистенција?

Боки 13 ја има целосната поддршка од државата, па зошто да не го поддржиме и сите ние?!

Медицинските власти го прогласија осуденикот Бојан Јовановски за инвалид од прв степен и му препорачаа што повеќе активности, за да „заработи за својата егзистенција“. Која, како што може да се забележи од неговите последни јавни настапи, е сериозно загрозена. Во меѓувреме, Боки 13 се враќа во игра, свесен дека веројатно никогаш веќе нема да се врати во „Идризово“.

Бојан Јовановски – Боки 13, осуден во аферата „Рекет“, најверојатно трајно ќе ја „издржува“ затворската казна на слобода.

Ова може да се заклучи од изјавата на началникот на Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“, лекарот-специјалист Стојанче Јованов. Тој тврди дека болеста на осудениот Јовановски не може да се третира во затвор, бидејќи таму немало ни терапија, а ниту услови за тоа.

– Да се знае еднаш засекогаш, пациентот има траен инвалидитет од прв степен! – категоричен е Јованов.

Одлуката за здравствената состојба на Боки 13 била донесена врз основа на медицинската документација, на која имало повеќе од десетина потписи на лекари-специјалисти, професори од Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“.

Дополнително, според началникот Јованов, на Боки 13 му се препорачува физичка активност.

– Oсобено не му е забрането да си ги обавува своите животни функции, за да си заработи за егзистенција. За да ги обавува овие функции, тој мора да биде на високи дози аналгетици, да прима ампуларна терапија против повраќање (антиемитици) и особено антиулкусна терапија против воспалување и појава на чирови во остаточниот дел од желудникот – објаснува начаникот Јованов.

И така, осуденикот Бојан Јовановски, сега и официјално инвалид од прв степен, продолжува со своите активности, „за да си заработи за егзистенција“, како што вели началникот.

Станува збор за „историскиот гивавеј“, во кој шоуменот Боки 13 доделува стан во Скопје, автомобили, ајфони и многу други подароци. Во некои други времиња, но според важечките закони во Македонија, ваквите активности се нарекуваа наградни игри, за кои се бараа посебни дозволи од Министерството за финансии. Со премолчана согласност на ресорот, Бојан Јовановски сега доделува скапи награди, под формата „гивавеј“.

Така, утре во 20 часот во „Cabaret Clique“ во Штип, ќе се одржи првото шоу, при што ќе бидат доделени автомобил, скутер и ајфон, како и повеќе од 100 други награди.

Боки 13 и пријателите Новата 2025 година ќе ја дочекаат во локалот „De Facto“ во Гевгелија, на посебен музичко-забавен настан и посебен „Новогодишен гивавеј“, на кој сите подароци ќе бидат доделени само на присутните на самата вечер. А подароците се автомобил Голф 6 ТДИ, мотор, ајфон 16, вредносни ваучери и пакети и патувања.

Навистина е убаво да се види како медицинските власти и правната држава се грижат не само за здравјето, туку и за натчовечките напори на инвалидот од прв степен Бојан Јовановски, формално осуденик на издржување на казната затвор во „Идризово“, да заработува за својата егзистенција. Која, како што може да се забележи и од неговиот стил и начин на живот и сега, во својство на затвореник, е претерано сериозно загрозена.

„Токму и затоа, како поддршка на поддршката што нашите власти му ја даваат на Бојан Јовановски, Плусинфо ги објави имињата на локалите, датумите и други детали за двата настана. Вобичаено, тоа се ПР информации, но кога станува збор за инвалид од прв степен кој мора да заработи за својата егзистенција, ете, правиме исклучок“, пишува Плусинфо.

Само напред, Боки 13!

Има се, може се!

Извор: Плусинфо

притисни ентер