Заев: Виенскиот економски форум, добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката

Иницијативите и заедничките проекти на земјите од Западен Балкан се резултат на суштински реформи и на соработката на земјите од регионот, порача премиерот Зоран Заев на Виенскиот економски форум во Софија

Koj што се организираше како дел од Самитот за Западен Балкан на ЕУ на темата „Поврзување“.

Премиерот Заев во Софија беше придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев, и од министерот за економија Крешник Бектеши. Заев и Анѓушев и бугарскиот премиер Бојко Борисов присуствуваа на потпишувањето на Меморандумот за разбирање за спојување на пазарите на електрична енергија меѓу Република Македонија и Република Бугарија, што го потпишаа министерот Бектеши и Министерката за енергетика на Бугарија Теменушка Петкова.

Во работата на пленарната сесија на форумот, на која присуствуваа и премиерите од земјите од регионот, Заев истакна дека еден од главните приоритети на македонската Влада е да ги зајакне соседските односи, за да се зајакне капацитетот и подготвеност на регионот да ги оствари стандардите на ЕУ како заедничка цел на сите земји од Западен Балкан.

Премиерот Заев истакна дека Виенскиот економски форум, е добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката со заедничките иницијативи со што се создаваат партнерства меѓу владите и општествата на земјите од Западен Балкан за иднината на граѓаните од регионот.

- Дозволете ми да ви дадам еден пример: Со Бугарија, потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Без странска медијација. Сега ги жнееме резултатите: Трговијата меѓу двете земји порасна за 12 отсто. Ова е добар пример и поттикнување за подобрување на билатералните односи за другите во регионот, рече премиерот Заев.

Тој, како што информираше владината прес служба, информираше за заедничките меѓувладини сесии (Г2Г) со Бугарија и Албанија, како и за позитивниот развој на односите со Србија и Косово.

Премиерот Заев, во тој контекст, зборуваше и за разговорите со Грција и информираше дека на последните средби се презентирани повеќе опции за можни решенија, а една од нив најавува решение кое може да биде прифатливо и за двете страни.

- Во минатата година работевме напорно за да им покажеме на нашите соседи и пријатели дека Македонија е на вистинскиот пат, рече премиерот Заев, и ги запозна присутните со главните придобивки од реформските процеси во земјата опфатени со Планот 3-6-9, и потенцираше дека најголемото признание за напредокот на Македонија дојде од Европската комисија со препораката Советот на ЕУ да донесе одлука да отвори пристапни преговори со Република Македонија.

Премиерот истакна дека една од најважните мисии на лидерите и на политичките раководства од регионот на Самитот на ЕУ е да ги мотивираме и убедиме лидерите на ЕУ да го прифатат Западен Балкан во европската визија за Западен Балкан.

Вицепремиерот Анѓушев, пак, подвлече дека за економски раст и развој на земјава покрај имплементирање на економски мерки, од особено значење е да се обезбеди политичка стабилност и владеење на правото и додаде дека во таа насока Владата спроведува низа реформи во сите сектори.

- Република Македонија, како мала земја, треба да ја зголемува соработката со земјите од регионот и преку зголемена регионална соработка да се забрзаат европските интеграции. Зголемувањето на регионалната соработка е нешто кон кое сите влади во регионот треба да бидат посветени. Тоа подразбира активности во надминување на административните бариери кои сега постојат, но и реализација на капитални инфраструктруни проекти за наше меѓусебно поврзување, нагласи вицепремиерот Анѓушев

Тој посочи дека Владата ќе биде посветена на реализација на проекти со кои ќе се придонесе кон подобра регионална соработка, а особен фокус ќе биде ставен на реализација на патна и железничка инфраструктура на паневропскиот коридор осум.

- Добивме позитивни сигнали од меѓународните финансиски институции за поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти. Тие средства ќе бидат наменети за изградба на патишта, железница, како и за гасоводна мрежа и конектирање со Транс Јадранскиот гасовод (ТАП) и терминалите за природен гас во соседна Грција. Работиме и на зацврстување на инфраструктурата во електро-енергетскиот пренос и во таа насока се инвестира во изградба на 400 киловолтен далекувод кој ќе ги поврзе Македонија и Албанија, посочи Анѓушев.

Министерот Бектеши посочи дека потпишувањето на меморандумот е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика во Република Македонија и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

- Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности за прекугранична трговија за постигнување ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги, рече Бектеши.

Покрај приклучувањето на нашата земја на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, додаде, операторите на системот за пренос ќе ги зголемат капацитетите за прекуграничен пренос во регионот со изградба на нови водови, а националните регулаторни органи ќе ја хармонизираат регулаторната рамка за интеграција на пазарот.

- Како резултат на сето ова да се зголеми сигурноста во снабдувањето со електрична енергија како клучно прашање за успешното функционирање на електричната мрежа во случај на оперативни ситуации кои тешко може да се предвидат, потенцира Бектеши.

Според него и Петкова, двете страни во наредниов период ќе ги финализираат сите потребни договори за навремено спроведување на пазарно спојување меѓу Македонија и Бугарија во предложената временска рамка, во вториот квартал од 2019 година.

Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих во Кан, облечена во фустан со бисери

Актерката Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал. Лонгорија присуствуваше на премиерата на „Kinds Of Kindness“, со Ема Стоун и Џо Алвин во главните улоги.

Таа носеше блескав фустан со бисери и кристали создаден од модниот дизајнер Ели Сааб. Голиот грб и деколтето го истакна со фустанот. Заедно со оваа модна комбинација, Лонгорија реши да ја обликува косата во светли бранови. Таа со својот изглед ги привлече сите погледи и внимание на фотографите.

Лонгорија на премиерата на филмот „Kinds of Kindness“ пристигна во друштво на нејзината колешка, актерката Ајшварија Раи Бачан, која исто така воодушеви од модната комбинација.

Ева привремено се сели во Шпанија со нејзиниот сопруг Хозе Бастон и синот Сантијаго, неодамна објави „ Page Six“.

„Таа ќе поминува многу време таму бидејќи има проекти за целата втора половина од годината“, изјави извор за „Page Six“.

Ева има шпанско државјанство и куќа во Марбела. Нејзиниот сопруг и таа купија викендица таму на почетокот на 2023 година. „Тоа е мојата оаза, мојот рај“, изјави актерката за време на интервјуто за „Hello!“ во јануари 2024.

„Кога не сум тука, работам без престан“, додаде таа.

Извор: Индекс.хр

Ројс го постигна својот 100-ти гол за Борусија на домашен терен во неговиот последен настап

Фудбалерот од средниот ред на Борусија, Марко Ројс постигна гол на денешниот натпревар од 34. коло од Бундеслигата со Дармштад, кој се играше на стадионот „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд.

Триесет и четиригодишниот фудбалер упати прецизен удар во противничкиот гол во 38. минута од натпреварот. Ова е негов јубилеен, 100. гол на домашните натпревари на Борусија.

Ројс имаше и асистенција на овој натпревар.

Германскиот играч за врска го одигра последниот натпревар со Борусија во Бундеслигата. Тој ќе го напушти тимот како слободен играч во јули. /МИА

Баер го победи Аугсбург и ја заврши сезоната во Бундеслигата без пораз

Баер попладнево оствари домашна победа над Аугсбург (2:1) во натпреварот од 34. коло на германскиот фудбалски шампионат.

За домаќините погодија Виктор Бонифас и Роберт Андрич, голот за Аугсбург беше дело на Мерт Комура.

Избраниците на Чаби Алонсо, кои рано станаа германски шампиони, Бундеслигата ја завршија непоразени, освојувајќи 90 бода. Серијата без пораз на Леверкузен во сите натпреварувања достигна 51 натпревар.

Аугсбург заврши 11-ти со 39 бодови./МИА

притисни ентер