Заев: Процедурите треба да бидат исти за сите пратеници

 Премиерот Зоран Заев вели дека Собранието вчера требало да ја следи досегашната пракса во однос на одлучувањето за одземање на имунитетот на пратеникот и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

Со тоа, смета, ќе се покажело дека сите пратеници се еднакви, а ќе се оставело и можност на судот да одлучува.

-Процедурите и правилата мора да важат за секој пратеник подеднакво без разлика дали е тоа поранешен претседател на Собрание или не, затоа што сакаме на граѓаните да им испратиме порака дека сите се еднакви пред законот, а останатото е работа е на правосудните органи. Парламентот треба да ја примени досегашната пракса. Во однос на тоа што се случи изразуваме големо незадоволство и револт, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање пред презентацијата на Оперативниот план за вработување за 2019 година.

За повеќе детали премиерот Заев упати на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски. Во меѓувреме, СДСМ преку изјава на Митревски побара одговор од претседателот на Собранието Талат Џафери зошто синоќа ја прекинал пленарната седница на која се одлучуваше за одземање на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељановски.

На прес-конференција во Собранието, Митревски рече дека имало кворум за гласање и пратениците од мнозинството биле подготвени да донесат одлука со која ќе му се овозможи на судот да ги продолжи непречено своите процеси.

– Пратениците беа подготвени да овозможат правдата за 27 април да се тера до крај, но претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина седницата и не дозволи да има гласање за одземање на имунитетот на обвинетиот пратеник Трајко Вељаноски. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, должи одговор на јавноста, на граѓаните, зошто ја прекина седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски и зошто дозволи да настане неред на синоќешната седница, истакна Митревски.

Додаде дека за Велјановски мора да важат истите процедури и правила како и за секој друг пратеник и оти Собранието мора да постапува како што постапувало секогаш за сите други пратеници кои биле обвинети и за кои се барало одлука за нивна одговорност.

– Поради ова, во Собранието денеска нема услови да продолжат останатите активности, рече Митревски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа ја прекина пленарната седница по забелешките на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски дека е прекршен Деловникот, бидејќи на неговата пратеничка група не и е дадена пауза од еден час

Зеленски: Русија нема сила повторно да го нападне Киев

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.

Тие (Русите) можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право, наведе Зеленски.

Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

Изложбата „Пикасо, можеби јас“ на Фидановски гостува во Вараждин

 Уметникот Филип Фидановски ќе ја претстави својата изложба „Пикасо, можеби јас“ во Вараждин, во организација на Друштвото на керамичари на Хрватска.

Оваа изложба на Фидановски досега беше поставена во Скопје, Кичево, Охрид, Битола и Куманово, а за гостувањето во Хрватска е надополнета со нови дела на авторот изработени во 2024 година.

-Хрватската јавност ќе има можност да погледне 13 керамички скулптури инспирирани од делата на големиот Пабло Пикасо, наведува Фидановски за изложбата во Вараждин каде што ќе биде отворена до 5 јуни 2024.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи. /МИА

Младите и пчеларството во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на пчелата

Светскиот ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. 

Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- „Младите ангажирани во заштита на пчелите“ ја истакнува важноста од вклучување на младите во активности за промовирање на пчелите и пчеларството, и воопшто, во зачувување на опрашувачите, препознавајќи ги како идни чувари на нашата животна средина. Истовремено, ја нагласува глобалната потреба од соработка за ангажирање на младите во заштитата на овие инсекти од витално значење. Со тоа ја штитиме безбедноста на храната и овозможуваме стабилен земјоделскиот сектор и се бориме за зачувување на биолошката разновидност, се вели во соопштението од АДРА Македонија.

Предвидена е богата програма во која акцент е ставен на учеството на младите, ќе биде проверено нивното знаење за пчелите и пчелните производи, ќе биде одржана ликовна колонија на теми посветени на пчелите, ќе бидат засадени медоносни растенија во „Паркот на пчелата“. Ќе бидат поставени богати штандови со пчелни производи, сѐ со цел пошироката јавност да се запознае со огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата, како и во производството на пчелните производи.

Меѓународниот ден на пчелата се слави на 20 мај, роденденот на Словенецот Антон Јанша, основоположникот на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот на Словенија за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија со своите партнери се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја започна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“. /МИА

притисни ентер