Заев: Договорот од Преспа стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот

Со Договорот, се стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот, порача денеска македонскиот премиер Зорав Заев.

Со Договотот од Преспа и неговото спроведување се отвори патот за подобра иднина на македонските граѓани, за бркање на сеништата од минатото и за Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, кој ќе биде место со поврзани соседи, зона на економски процут и модел за интеграција. Со Договорот, се стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот, порача денеска македонскиот премиер Зорав Заев.

Со прифаќањето и спроведувањето на одредбите од Договорот од Преспа, рече тој, победници се граѓаните на двете земји, но и од целиот наш регион. Победници се, додаде, и оние кои се противеа договорот, бидејќи и за нив доаѓа време на просперитет, мир и пријателство.

Премиерот Заев му честита на неговиот колега Алексис Ципрас, за како што рече, победничкото гласање во Парламентот за Преспанскиот договор, како и на членовите на парламентите и на двете земји, кои избрале да го дадат совој глас со кој победува иднината и со кој се стави крај на стравот кој се прикажувал како несовладлив.

– Разрешивме спор кој ни го прикажуваа како нерешлив. Јас и мојот пријател Ципрас минатото лето постигнавме Договор. Заедно нашите тимови предводени од министрите за надворешни работи дојдовме до откровение – секоја страна треба да даде нешто за да може секој да добие многу повеќе за возврат од тоа што го дала. Сега имаме верификувано суштинско пријателство. Од денеска тргнуваме со уште поголема сила да ги зближуваме граѓаните и народите на двете земји. Иднината нема веќе да ја гледаме како фатална судбина, туку како заеднички пат поплочен со пријателски намери и вредности кои произлегуваат од заедничкото европско смејство, истакна Заев на почетокот на трибината „Силна економија – шанса за сите" што се одржува во Велес.

Според него, постигнувањето на договор не било лесно, но беше повеќе од потребно за двете земји и за двата народи. Тоа, рече, беше нужен влог за децата и граѓаните да живеат подобро.

-Храбрите граѓани избраа да ги избркаат сеништата од минатото и на светот да му дадат Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, место со поврзани соседи, зона на економски процут, модел за интеграција. На Европа и на светот им треба стабилност и соработка за решавање на глобалните проблеми што се и наши проблеми, истакна македонскиот премиер.

По ова, додаде, на земјата и останува да работи на унапредување на економијата и обезбедување подобар живот за сите граѓани.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер