Мицкоски од Тетово: Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста

 Во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и во општините во западна Македонија.

„Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.

Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.

„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.

„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека на народот му е доста од удирање на гради зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.

„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.

Министерство за одбрана на Русија: Неутрализирани повеќе од 100 украински дронови

Министерство за одбрана на Русија: Неутрализирани повеќе од 100 украински беспилотни летала при ноќни напади.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека повеќе од 100 украински беспилотни летала се уништени или пресретнати ноќеска во напади на југозапад на руската територија и на полуостровот Крим.

Министерството соопшти дека армијата неутрализирала 51 дрон над Крим, 44 над регионот Краснодар, шест над регионот Белгород и еден над регионот Курск.

Во текот на ноќта, поморската противвоздушна одбрана и патролни бродови на Црноморската флота уништија шест поморски беспилотни летала во водите на Црното Море.

Руската армија редовно објавува дека одбила ноќни напади на украински беспилотни летала, но ретко се наведува толкава бројка, јавија западни медиуми.

Гувернерот на Белгородската област, која граничи со Украина, претходно денеска објави дека мајка и четиригодишно дете загинале при напад со беспилотно летало врз селото Октјабарски.

Во САД марихуаната ќе биде класифицирана како помалку опасна дрога

Американската Влада одлучи да ја категоризира марихуаната како помалку опасна дрога, што значи дека луѓето кои користат или ја поседуваат веројатно нема да одат во затвор во иднина.

- Премногу животи се превртени наопаку од нашиот неуспешен пристап кон марихуаната. Министерството за правда го прави следниот чекор за прекласификација на марихуаната од категорија еден во категорија три според федералниот закон, напиша американскиот претседател Џо Бајден на социјалната мрежа Икс.

Во САД наркотиците се класифицирани во пет различни категории. Досега марихуаната или канабисот беа во првата, а со тоа и најстрогата категорија, која вклучува хероин и ЛСД. Американската Влада сега побара марихуаната да биде вклучена во третата категорија. Како резултат на тоа, марихуаната ќе биде на исто ниво со стероиди или парацетамол.

Американските медиуми ја означија таа прекласификација како историска. Со прекласификацијата се признава медицинската употреба на канабисот, но целосна легализација низ државата за приватна употреба не е планирана. Марихуаната е веќе легална за рекреативни и медицински цели во повеќе од 20 американски држави, а само за медицински цели во повеќе од десетина други држави.

Од денеска пријавување за бесплатно подигнување кабаст отпад во сите населби во Кисел Вода

Од денеска почнува пријавувањето за бесплатно подигнување кабаст отпад во сите населби во Кисела Вода

Нова акција за собирање на кабаст отпад ќе се спроведе во општина Кисела Вода. Како дел од активностите за заштита на животната средина, во периодот од 27 мај до 07 јуни во сите месни и урбани заедници на територија на општината, ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници кои бесплатно ќе го подигаат кабастиот отпад од пред домаќинствата или колективните згради, информираат од Општина Кисела Вода.

Пријавувањето почнува денеска и ќе трае до 23 мај. Секој жител на општина Кисела Вода кој поседува кабаст отпад и сака тој да биде подигнат и депониран на соодветна локација, ќе може да закаже термин на телефонскиот број 02/2785-427, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

Од Општината појаснуваат дека кабастиот отпад треба да биде поставен пред објектот кој е претходно договорен, на безбедна локација со што не би се загрозила безбедноста на пешаците, велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот, кои ќе се движат во тој период.

-Само со одговорно однесување на секој поединец заеднички ќе можеме да ја одржуваме Кисела Вода чиста и уредна. Зачувувањето на природата и животната средина е наша заедничка обврска и одговорност, велат од Општина Кисела Вода.

Оттаму апелираме до сите граѓани да се приклучат на оваа акција, бидејќи, како што велат поддршката и заедничката ангажираност се од суштинско значење за заедницата.

притисни ентер