Заев доби признание за придонес за мир, благосостојба, развој и интеграција на Ромите

Премиерот Зоран Заев на средбата со делегација на здружението Национален Ромски Центар (НРЦ) доби признание за придонес во обезбедувањето мир, благосостојба, развој и интеграција на Ромите и сите останати граѓани во државата.

Признанието на премиерот Заев му го врачи извршниот директор на НРЦ Ашмет Елезовски.

Од Владата информираат дека на средбата, претставниците на Здружението НРЦ, во одделни излагања го запознале премиерот со својата работа и програмски цели, истакнувајќи дека тие работат на подобрување на правата, не само на припадниците на ромската заедница, туку на сите граѓани со различна социјална и етничка структура, особено на маргинализираните и социјално најранливи категории.

– Овој ден, 8 април – Меѓународниот ден на Ромите, е одлична можност да ви кажеме благодарам за сето она што го работите за децата, жените и општо за правата на Ромите, за подобрување на нивниот квалитет на живот и за останатите граѓани, бидејќи вашиот активизам е од непроценливо богатство и од помош и за напорите и мерките што ги презема Владата, истакна Заев, честитајќи го празникот и потенцирајќи дека од име на извршната власт и на сите граѓани изразува искрена благодарност за сиот активизам на граѓанските организации, со надеж дека Владата дополнително ќе ги мотивира во понатамошните заложби.

Тој подвлече дека Владата е насочена да работи на социјалните аспекти, за подобрување на инфраструктурата, условите за образование и за вработување на припадниците на ромската заедница.

– Искрена ни е намерата да постигнеме еднакво општество за сите граѓани, порача Заев, подвлекувајќи дека земјава создава услови за живот што одговараат на една земја-членка на Европската Унија.

Директорот Елезовски и претседателката на Управниот одбор на Здружението ,Нада Стојменова нагласија дека Националниот Ромски Центар ќе продолжи со мисијата за решавањето на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и оние најранливи групи на кои им е потребна социјална, здравствена и правна помош, со единствена цел, остварување социјална инклузија и вклучување правда и еднакви права за сите, се наведува во соопштението од Влада.

Драган Мијалковски ќе настапи на Свечена академија во Крива Паланка по повод 24 Мај

На годинашната Свечена академија по повод денот на Свети Јоаким Крчовски и 24 Мај , денот на Сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, во Крива Паланка ќе настапи македонската музичка легенда, Драган Мијалковски.

-Свеченоста ќе понуди несекојдневна можност кривопаланечката публика да ужива во најпопуларните песни и евергрини на бардот на македонската музика, Драган Мијалковски. Свечената академија ќе се одржи на 23 мај 2024 година, четврток, во Национална установа Центар за култура Крива Паланка, со почеток во 19 часот. На Академијата ќе бидат прогласени најдобрите просветни работници од одделенска и предметна настава во општината за изминатата година, ќе се доделат признанија за најдобрите ученици на генерација, а присутните ќе имаат ексклузивна можност во живо да ги проследат незаборавните: „Кажи ми", „223-3О5", „Кажи нешто драга", „Гитаро моја" и бројни други незаборавни евергрини, за една незаборавна вечер за сите генерации, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Свечената академија се одржува секоја година традиционално, а годинава е дел од манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата". /МИА

Пронајдена неиспукана артилериска граната покрај железничката пруга во атар на село Виничани

Пронајдена неиспукана артилериска граната покрај железничката пруга во атар на село Виничани, кај Градско.

Во СВР Велес вчера во 10,30 часот било пријавено дека при извршување земјоделски работи на нива покрај железничката пруга во атар на село Виничани, Општина Градско, била пронајдена една неиспукана артилериска граната калибар 100 мм.

Како што денеска информираат од СВР Велес, граната била безбедно подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

Усвоени реформите на европскиот Пакт за азил и миграција

Белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур оцени дека реформираниот Пакт за азил и миграција ќе обезбеди поправеден и посилен миграциски систем што ќе прави конкретна разлика на теренот.  

Советот на ЕУ усвои 10 законски акти со кои се реформира европската рамка за управување со азилот и миграцијата, со што се воспоставува збир на правила за прием на мигранти, се создаваат ефикасни и усогласени процедури за доделување азил и треба да се обезбеди правична прераспределба меѓу земјите членки на товарот од прифатените мигранти.

Белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур оцени дека реформираниот Пакт за азил и миграција ќе обезбеди поправеден и посилен миграциски систем што ќе прави конкретна разлика на теренот.

- Овие нови правила ќе го направат европскиот систем за азил поефикасен и ќе ја зголемат солидарноста меѓу земјите членки, истакна Де Мур, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Таа најави дека Европската Унија ќе ја продолжи својата соработка со трети земји за справување со, како што нагласи, главните причини за појавата на илегалната миграција.

- Само заеднички можеме да најдеме одговори за глобалниот миграциски предизвик, потенцира Де Мур.

Со измените земјите членки ќе може да ги упатуваат илегалните мигранти и барателите на азил на надворешните граници на ЕУ, каде преку процедурата за скрининг би се извршила нивна идентификација и здравствена проценка и би се провериле нивниот безбедносен ризик и ранливост.

Реформите предвидуваат систем за ажурирање на Европската дактилоскопија (Евродак), базата на податоци за отпечатоци на ЕУ за идентификација на барателите на азил и илегалните мигранти, со цел да се приберат попрецизни и поцелосни податоци, вклучително и биометриски, за сите категории мигранти, вклучувајќи ги лицата кои бараат меѓународна заштита. Унијата очекува да помогне за креирање миграциски политики и да ја подобри контролата на илегалната миграција и неовластеното преминување на границите.

Дополнително се поедноставува европската процедура за доделување азил и се утврдува постапката за враќање на лицата чии барања за азил се одбиени. Новите правила исто така одредуваат која земја е одговорна за проверка на барањата за доделување меѓународна заштита и воспоставува единствен европски систем на критериуми за добивање на статусот „лица под меѓународна заштита“.

Со правилата првпат се воведува систем за правична распределба во прифаќањето на мигрантите меѓу членките на ЕУ и се воспоставуваат стандарди за прием на баратели на азил.

Како еден од начините за справување со илегалните миграциски текови со реформите се предвидува воспоставување заеднички европски правила за преселување и хуманитарен прием, со цел обезбедување легални и сигурни патишта до ЕУ.

Новина во Пактот е воспоставувањето задолжителна гранична процедура за проверка на одредени категории азиланти, како на пример оние што доаѓаат од држави кои имаат ниски стапки на одобрување на барањата за азил, со што уште на самата граница не би им се дозволил влез на територијата на ЕУ.

Во случај на кризни ситуации, како на пример масовни пристигнувања на мигранти, членките имаат право да отстапат од одредени правила од Пактот, како роковите за регистрирање на барателите на азил или времетраењето на граничната процедура, но и да побараат засилена солидарност од другите земји на ЕУ. Тој кризен механизам може да се користи само во исклучителни околности и за строго определено време.

Сега по усвојувањето на реформите, земјите членки имаат рок од две години да ги имплементираат во националните законодавства, за што се очекува Европската комисија да изработи заеднички план за нивна имплементација.

притисни ентер