Заев: Да се обединиме за подобра иднина на нашите деца и генерациите по нас

Делегација предводена од премиерот Зоран Заев синоќа беше во официјална посета на Белата куќа каде имаше средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс. Премиерот даде кратко интервју за МИА веднаш по средбата со Пенс.

Господине Заев, знаеме дека Белата куќа дава политичка поддршка за референдумот и за влезот на Македонија во НАТО. Дали САД даваат и конкретна поддршка во економијата, одбраната и безбедноста на нашата земја.

- На средбата со потпретесдателот Мајк Пенс бевме сериозно охрабрени за успех на претстоечкиот референдум. САД беа со нас во текот на целиот процес на изнаоѓање решение на спорот со името со Грција, кој се реши билатерално, но тие беа тука да охрабрат и да мотивираат. Од нашата независност досега САД имаат дадено преку 1,25 милијарди долари поддршка на Македонија во сите области. Поддршата доаѓаше и во одбраната и во образованието, правосудството и во други области. За одбраната, она што го очекуваме е поддршка преку зголемување на интероперабилноста на армијата со НАТО. Америка е најголемиот партнер во нашето ново партнерсто со Алијансата и верувам дека оваа поддршка ќе продолжи и во иднидна, затоа што тоа го докажавме и кога не бевме членка на НАТО, но сега кога ќе станеме дел од Алијансата, поддршката ќе биде уште поголема.

Кој е Вашиот впечаток од македонската дијаспора во Северна Америка за референдумот? Знаеме дека има поделеност околу прашањето за влезот на Македонија во НАТО и ЕУ.

- Јас жалам што поделеноста во дијаспората е поголема отколку во Македонија во однос на референдумот. Во Македонија граѓаните со во огромно мнозинство „за“, но верувам и голем дел од опозицијата ќе бидат „за“ и ќе успее референдумот. Нашата дијаспора ни е исто толку важна како и дома. Во суштина не гледам зошто би морало да има ваква поделеност. Јас би сакал да апелирам до сите сите наши сограѓани кои живеат во Америка, но и насекаде во нашата дијаспора, дека Македоија ја исполнува вековно очекуваната аспирација на нашите татковци и дедовци. Тоа е конечно да добиеме земја што е признаена од целиот свет, во која живее македонски народ признаен од сите, со потврден идентитет кој никој повеќе нема да го спори и со потврден и признаен од целиот свет македонски јазик. Никој повеќе нема да го спори македонскиот идентитет! Сите треба да бидеме горди на тоа.

Го споделувам немирот со нашите од дијаспората дека додавката „северна“ во името не се прима лесно. Но нема друга Македонија освен нашата. Северниот дел од Грција е Грција, западниот дел од Бугарија е Бугарија. Ова е само наша Македонија и нема да има друга во светот. А знаејќи каква преспектива и иднина обезбедуваме за државата, но пред се за нашите деца и за генерациите после нас, верувам дека ова е навистина сериозна причина да се обединиме. Со овие зборови сакам да ги мотивирам сите. Без разлика дали сме пријавени и дали сакаме да гласаме или не, сметам дека на Македонија и е насушно потребна поддршката од дијаспората. Но, овојпат е важно сите, без разлика кај и да сме, дома или во Австралија, Канада, Америка или Европа – сите да дадеме поддршка на она што значи единствена алтернатива за нашата Македонија.

Господине Заев, дали Македонија добива помош од САД за борба против руские хакерски упади во социјалните мрежи преку кампањата за бојкот на референдумот?

- Русија јавно истакнува дека е против членство на Македонија во НАТО и тоа е нивно легитимно право. Ние насекаде укажуваме дека за нас нема друга алтернатива освен полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Да има би ја разгледале. Сакаме да градиме пријателство со Руската Федерација, и да ги унапредуваме односите, но дефинитивно повеќе од 80 отсто од граѓаните се за членство во НАТО и во ЕУ. Можеби има одредени активности кои се одвиваат на социјалите мрежи. Но, неможам да кажам дека тоа е непријателство кон Македонија. Ние сме демократска земја, имаме пријатели од целиот свет и како демократија логично е да имаме граѓани кои се определни по сите основи, и кон исток и кон запад. Иако повеќе од 82 отсто се за западот. Сите имаат можност да излезат и да гласат на референдумот, да ја изрази својата волја и со тоа да го дадат патоказот, правецот кон кој ќе се движи Македонија.

Од САД не добиваме никаква конкретна поддршка за борба против руската пропаганда. САД принципелно не поддржуваат. Додека со лажните вести ние дома сами се справуваме. Ги користиме сите наши алатки кои ни стојат на располагање, како здруженијата на новинари, асоцијациите за етички стандарди во новинарството, и ние како Влада, со нашите сектори за односи со јавноста, ги поддржуваме тие напори, преку споделување на вистински вести и сузбивање на лажните. Лажните вести ги има насекаде, не само во Македонија, и тоа е глобален тренд. Гледам дека постојат некои алатки за максимално споделување лажни вести и тие алатки се употребуваат од поединци и групи, најверојатно надвор од Македонија. Немаме докази дека тоа се плаќа од кај нас, сигурно доаѓа од надворешни играчи, но граѓаните се доволно мудри да препознаат што се вистински, а што се лажни вести. Ние се обидуваме да ги сузбиеме тие дезинфоремации, за да може вистинските и проверените информации да допрат до граѓаните, бидејќи врз основа на точни и проверени информации, граѓаните ќе донесат исправна одлука и за референдумот, но и за процесите кои следуваат после него.

Чола „тежи“ 25 милиони евра, a носи часовник вреден 2.000 евра

Според познатиот американски сајт „Celebritynetworth“, Здравко Чолиќ е еден од најбогатите пејачи на Балканот. Според податоците од 2021 година, неговото богатство се проценува на 25 милиони евра.

Иако има толку милиони, Чола отсекогаш бил скромен, а сега тоа го докажа уште еднаш - со изборот на својот часовник. Така, пејачот на зглобот носи часовник вреден „само“ 2.000 евра . Како што стои на Инстаграм профилот „Sat na ruci“, се работи за часовник од брендот „TAG Heuer Carrera“ со челично куќиште и функција хронограф.

Здравко отсекогаш нагласувал дека финансиите отсекогаш му биле слаба страна, иако по професија е економист.

- Човекот не може да го смени темпераментот, не мислам на начинот на трошење и начинот на живеење, но тоа ми беше малку претерано и така е и денес - изјави тогаш Здравко.

Тој откри на што најмногу ги трошел хонорарите.

- Никогаш не сме имале толку високи хонорари. Патувањето и гардеробата беа фетиш во седумдесеттите и осумдесеттите. Никогаш немав големи материјални желби. Моето беше да одам некаде, на море или да направам некоја забава и да потрошам таму, но никогаш немав желба да купам часовник. Не страдав од тоа – скромно вели пејчачот.

Извор: Аваз

Најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер

Внесувањето шеќер во големи количини е штетно за човековото тело и тоа ја зголемува опасноста од дијабетес и многу други болести. 

Дополнителен проблем е што шеќерот се наоѓа и во намирници коишто не се благи, па затоа е важно да се внимава на составот на секојдневните хранливи производи. Нутриционистката Брук Алперт и лекарката Ребека Казин предупредуваат на најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер коишто ги испраќа самото тело.

Постојано копнеење за слатки

Шеќерот предизвикува зависност. Ова е затоа што сензорите за вкус се адаптирале на благото и на тој човек му треба сѐ повеќе благо, за да го добиете истиот вкус, но и истото задоволство како и првиот пат, слично како дрога. Поради сѐ тоа, докторите советуваат навремена контрола на внесувањето шеќер.

- Со тоа што јадете многу шеќер, предизвикувате хормонален одговор во Вашето тело што е како бран. Ве крева, а потоа Ве треснува од земја, и тоа го поттикнува Вашето тело да бара повеќе шеќер, појаснува Алперт.

Промени во расположението

Премногу внесен шеќер може да значи моментна „еуфорија“. И обратно... Падот на шеќерот во крвта може да предизвика пад и во расположението и поголема нервоза и вознемиреност.

Тромавост

Откако шеќерот ќе го предизвика почетниот скок на енергијата, тој предизвикува и пад. Енергијата е најстабилна кога шеќерот во крвта е стабилен, така што кога се консумира премногу шеќер, има и падови во енергијата. Премногу шеќер честопати значи и недоволен внос на протеини и влакна.

Пукање на кожата

Д-р Ребека Казин смета дека некои луѓе се чувствителни на напливи на инсулин поради прекумерно внесување на шеќер. Тоа може да предизвика нарушување на хормоните, што води, на пр., до сува кожа, ранички, акни и сл.

Дебелеење

Вишокот шеќер значи - вишок калории, а во недостиг на протеини или влакна, шеќерот нема никаква хранлива вредност. Сѐ тоа, заедно со ослободувањето инсулин, ја покачува телесната тежина, но и ја зголемува опасноста од појава на дијабетес.

Кога се јаде премногу шеќер, на телото „му се кажува“ да лачи повеќе инсулин, а подоцна, тоа прекумерно лачење може да доведе до отпорност кон инсулин. Отпорноста пак, значи дека телото нема да може правилно да реагира на нормални количини инсулин и правилно да го користи шеќерот.

Премногу кариес

Кога бактериите ги разјадуваат честичките храна меѓу забите, се создава киселина што постепено предизвикува расипување на забите. Плунката сама по себе одржува здрава рамнотежа на бактерии, но шеќерот може да влијае на пе-ха вредноста и да го наруши тој природен сооднос. Неправилното размножување на бактериите, всушност, води кон расипување на забите и кариес.

Мозочна магла

Деконцентрацијата што обично се јавува после оброк е симптом на низок шеќер во крвта. Кога се јаде многу благо, пак, нивото шеќер во крвта се зголемува и опаѓа, наименично и брзо. Тоа, според стручњаците, ја зголемува расеаноста, и укажува на задолжителна контрола на внесот на шеќер.

Ништо не е така слатко како порано

Премногу шеќер предизвикува сензорите за вкус да се навикнат на слатките вкусови, па затоа човекот бара сѐ повеќе шеќер за да ја задоволи својата глад за слатко. Меѓутоа, тука се препорачува свесно намалување на благото и самоконтрола. На тој начин, по извесно време, телото повторно ќе се навикне и ќе се задоволува со малку шеќер. /МИА

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

притисни ентер