За средниот век и Гоце Делчев ќе се усогласуваат македонските и бугарските експерти

Периодот на средниот век и ликот и делото на Гоце Делчев ќе се најдат на маса денеска и утре на состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, која овој пат ќе заседава во Софија.

Како што имнформираа од Комисијата, нејзините членови ќе се разговараат за утврдување на препораки до владите и соодветните министерства на двете држави за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение според бугарскиот образовен систем и седмо одделение според македонскиот образовен систем, коишто ги опфаќаат средновековниот период од историјата, како и за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев.

Средбата е продолжение на претходната, која се одржа во Скопје во јуни. Ова е четврта средба на Комисијата оваа година, а до крајот на годината се предвидени уште две средби.

Од досегашните шест средби до владите на двете земји се препорачани заеднички чествувања на Св.Кирил и Методиј, Св.Климент, Св.Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

Препораките до двете влади за периодот на антиката за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем беа усвоени на последиот состанок, што се одржа на почетокот на јуни во Скопје.

Гоце Делчев беше тешкото прашање на последната средба во јуни, а тогаш претседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев и бугарскиот претседавач Ангел Димитров напоменаа дека за одредени работи експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Делчев, но за одредени, нивните мислења се спротивставувале.

Димитров изрази увереност дека доколку се продолжи со овој конструктивен пристап на состаноците на коишто се почитуваат фактите и се има правилен пристап кон историјата, со сигурност ќе се најде заеднички јазик за заедничко чествување на Гоце Делчев.

-Уверен сум дека има простор и основа да најдеме разбирање ако се однесуваме сериозно кон историските факти и документација, со почитување на позицијата на другиот. На тој начин ќе стигнеме до она што во моментов на некои им изгледа далечно, рече Димитров по јунскиот состанок.

Целта на состаноците, како што велат од Комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно со член 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава. /МИА

Полска ја зајакнува границата кон Русија и Белорусија

Премиерот на Полска, Доналд Туск денеска изјави дека почна осовременувањето и утврдувањето на источна граница со Белорусија и Русија, за што се наменети 2,3 милијарди евра.

- Тој план за одбрана и одвраќање го нарековме „Штит на Истокот“ … кој ќе нè брани од потенцијалните напади од исток, но пред сè ќе има за цел да го одврати непријателот. Системот на утврдувања, зајакнување, модернизирањето на 400 километри од границата со Русија и Белорусија ќе биде фактор на одвраќање, стратегија да се избрка војната од нашата граница, истакна Туск.

Тој најави дека следната недела ќе објави нови мерки за спречување провокации, саботажи и диверзии во рамките на хибридните напади од Русија и од Белорусија.

Зборуваме за потребата да се изгради силна држава, отпорна на саботажи и саботажи. Полска ќе биде отпорна држава и безмилосна до болка кон секој што ќе се обиде да ја дестабилизира ситуацијата во нашата земја, наведе Туск. Претходната влада на конзервативната партија Право и правда на границата подигна ограда висока повеќе од пет метри за да ги запре мигрантите.

Полска без оглед кој е на власт тоа го третира како руски и белоруски хибриден напад и обид за префрлање на десетици илјади бегалци во Полска со цел да се дестабилизира земјата но и другите членки на Европска Унија./МИА

Евакуирани околу 10.000 луѓе од украинската област Харков

По копнениот напад на руската армија приближно 10.000 луѓе се евакуирани од областа Харков, североисточна Украина.

Гувернерот на Харков, Олег Синегубов наведе дека украинската армија одбила два обиди за пробивање на одбраната во текот на ноќта, но оти ситуацијата е „под контрола“.

Руските сили нападнаа неколку градови, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.

Во периодот од 9 до 15 мај руските сили зазедоа 278 квадратни километри украинска територија, што е најголем напредок од крајот на 2022 година./МИА

Лидерите на ВЛЕН на средба со Курти во Приштина

Додека завршуваат разговорите за формирање на новата влада во Скопје, денеска во Приштина се одржува средба меѓу лидерите на коалицијата ВЛЕН и премиерот на Косово, Албин Курти, најавија партиски извори.

Според овие извори, Арбен Таравари, Изет Меџити, Африм Гаши, Билал Касами и Беким Ќоку денеска во Владата на Косово биле примени од премиерот Курти.

Тема на разговорите, ќе биде соработката меѓу владата на Косово и новата влада во Македонија.

Извор: Лидери.мк

притисни ентер