Вучиќ најавува изработка и усвојување стратегија за роботизација во Војската на Србија - Канал 5

Вучиќ најавува изработка и усвојување стратегија за роботизација во Војската на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот со највисокото раководство на Министерството за одбрана и Војската на Србија, изјави дека предложил усвојување стратегија за роботизација и формирање единица опремена со роботизирани платформи.

Вучиќ најавува изработка и усвојување стратегија за роботизација во Војската на Србија

- Како врховен командант на Војската на Србија, предложив усвојување стратегија за роботизација, формирање единица на ниво на баталјон опремена со роботизирани платформи, спроведување организациски подготовки за формирање дивизија и баталјон што ќе управуваат дронови за напад со голем дострел, обука на специјални и извидувачки единици како и понатамошно опремување и обука за употреба на дронови во други единици“, изјави Вучиќ по состанокот.

Тој додаде дека безбедносната состојба е малку посложена отколку во јануари, првенствено поради акциите и понатамошните активности на воениот сојуз Загреб-Тирана-Приштина.

„Нашата посветеност на зачувување на мирот и стабилноста не се променила, а ние можеме да го зачуваме тоа само ако сме доволно силни, ако сме доволно моќни“.

Вучиќ најави во следните денови потпишување на големи договори за набавка на воена опрема.

Средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со највисокото раководство на МО и на Војската на Србија се одржа утрово во касарната „Бањица 2“ во Белград.

На состанокот присуствуваа министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ, началникот на ГШ на Вооружените сили на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ, како и членови на колегиумот на министерот за одбрана и началникот на Генералштабот. На состанокот присуствуваа и од раководството на Република Српска.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јанев по големата полициска операција во Прилеп: Митот за недопирливите конечно падна, работата продолжува

Јанев одржа работна средба со раководството на полицијата во Прилеп и со дел од полициските службеници кои повеќе од една година работеа на истрагата и реализацијата на операцијата.

Јанев по големата полициска операција во Прилеп: Митот за недопирливите конечно падна, работата продолжува

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска го посети Одделението за внатрешни работи Прилеп, по големата полициска операција спроведена пред два дена во која беше сузбиена организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога и економски криминал.

Јанев одржа работна средба со раководството на полицијата во Прилеп и со дел од полициските службеници кои повеќе од една година работеа на истрагата и реализацијата на операцијата. На средбата беа анализирани преземените активности и резултатите, но и следните чекори за одржување на безбедноста и спречување повторно создавање и зајакнување на криминални структури.

Во изјава за медиумите, директорот информираше дека во рамки на операцијата биле извршени претреси на 36 локации, а дополнителна активност била реализирана вчера во банкарски сеф, каде биле пронајдени над 50.000 евра. Од вкупно 37 локации, четири претреси биле извршени кај полициски службеници вработени во ОВР Прилеп. Во рамки на акцијата биле пронајдени и одземени и моторни возила.

„Сите сме сведоци дека беше спроведена голема, сложена и комплексна операција, којашто не беше ад хок операција којашто требаше да биде само спроведена и да си отидеме, туку операција и истрага којашто бараше многу посветена работа, којашто беше долгорочна, многу посветена, истрајна и пред сè чесна работа. Колегите коишто се до мене и позади мене имаат многу непроспиени ноќи во еден подолг временски период“, истакна Јанев.

Тој информираше дека до надлежното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против 21 лице, а судот во Скопје определил мерки за обезбедување за сите лица опфатени со пријавата.

Јанев посочи дека операцијата била резултат на долгорочна истрага, прибирање докази и анализи, а активностите биле спроведени не само во Прилеп, туку и во Скопје и Струга.

„Тоа што е најважно за мене како прв човек на Бирото за јавна безбедност и на сите колеги, граѓаните да знаат дека митот за недопирливите во Прилеп конечно падна. Тоа е тоа коешто е наша должност, наша мисија – дека никој не може да се затскрива зад одредени конекции, одредени врски, одредени познанства и да се прави недопирлив“, порача директорот на БЈБ.

Тој изрази благодарност до полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, СВР Битола, ОВР Прилеп, специјалните полициски служби при БЈБ, како и до сите институции кои учествувале во реализацијата на операцијата.

Јанев нагласи дека успешното завршување на операцијата не значи и крај на полициските активности во Прилеп. Истрагата продолжува, а посебен фокус ќе биде ставен на секојдневното и повидливо присуство на полицијата на терен и на зајакнување на соработката со граѓаните.

„Од денеска понатаму следува потешкиот дел. Тоа за што бевме овде го завршивме, го спроведовме. Меѓутоа, истрагата ќе продолжи секако и понатаму. Она што е најважно за локалната полиција е што понатаму. А понатаму значи – секојдневно ќе бидеме присутни со граѓаните, полицијата ќе биде уште повидлива“, истакна Јанев.

Директорот упати апел до граѓаните да не бидат неми сведоци на криминалот, туку да пријавуваат и да соработуваат со полицијата, потенцирајќи дека довербата се гради со секојдневна професионална работа, присуство и конкретни резултати.

„Кога институциите работиме заедно, кога споделуваме информации, кога ги градиме тимовите и кога работиме чесно, резултатите доаѓаат сами по себе“, порача Јанев.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Природен феномен или загадување?

Природен феномен или загадување- Обилните дождови и поплави поттикнале брз раст на планктони на познатиот остров.

Природен феномен или загадување?

Морето кај популарниот тајландски туристички остров Ко Лан оваа недела пдобило светло, интензивно зелена боја и непријатна миризба, откако обилните дождови и поплавите поттикнале цветање на планктонот.

Долж поголемиот дел од крајбрежјето можеа да се забележат густи наслаги со зелена боја и непријатна миризба, додека капачите главно се преместија на плажи што не се погодени од оваа природна појава.

„Она што всушност го гледаме со голо око е бојата што ја создава еден вид планктон наречен *Noctiluca*“, изјави високиот истражувач и раководител за истражување на морската животна средина, Арвут Мунхапон.

Тој наведе дека цветањето на планктоните е природна појава што се повторува, но дека состојбата се влошила на глобално ниво бидејќи климатските промени довеле до затоплување на морињата. „Преку испирање на почвата, земјоделските ѓубрива и отпадните води богати со хранливи материи навлегуваат во морето и го поттикнуваат брзиот раст на планктоните“, додаде Мунхапон.

YouTube video

Во изминатите недели Тајланд беше погоден од значителни поплави, вклучително и во централните провинции и во Бангкок, што ја зголеми количината на слатка вода што се влева во Тајландскиот Залив.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Стерјовски во Пустец со студенти по историја од Брисел: За положбата и предизвиците на Македонците во Албанија

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во Пустец оствари средба со група студенти по историја од Слободниот универзитет во Брисел (Université Libre de Bruxelles), кои престојуваат во Албанија.

Стерјовски во Пустец со студенти по историја од Брисел: За положбата и предизвиците на Македонците во Албанија

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во Пустец оствари средба со група студенти по историја од Слободниот универзитет во Брисел (Université Libre de Bruxelles), кои престојуваат во Албанија во рамки на својата студиска посета.

Целта на средбата беше студентите директно да се запознаат со историјата, положбата и современите предизвици со кои се соочува македонското национално малцинство во Албанија.

Стерјовски пред студентите го презентираше историскиот контекст на создавањето на албанската држава и развојот на статусот на македонското население во Албанија низ различните историски периоди. Посебен дел од разговорот беше посветен на современата положба на Македонците, остварувањето на нивните права и предизвиците поврзани со зачувувањето на македонскиот јазик, култура и национален идентитет.

Средбата продолжи со отворена дискусија во која студентите покажаа особен интерес за прашањата поврзани со правата на Македонците во Албанија, нивната политичка и општествена положба, како и механизмите за заштита и унапредување на правата на националните малцинства.

Една од темите на разговорот беше и прашањето за влијанието на Бугарија врз македонската заедница во Албанија. Стерјовски ги изнесе своите ставови за активностите и политиките преку кои, според него, Бугарија го зголемува своето влијание врз Македонците во Албанија, вклучително и преку можностите што ги создава нејзиното членство во Европската Унија. Според Стерјовски, овие активности отвораат сериозни прашања во однос на зачувувањето на македонскиот национален идентитет и спротивставувањето на процесите на асимилација.

Во разговорот било истакнато и значењето на директниот контакт меѓу студентите, истражувачите и претставниците на македонската заедница, особено во услови кога прашањата поврзани со националните малцинства често се разгледуваат од различни историски и политички перспективи.

„Ваквите средби со млади историчари се особено значајни затоа што им овозможуваат директно да се запознаат со историјата, реалноста и современите предизвици на македонската заедница во Албанија, надвор од стереотипите и едностраните толкувања“, истакна Стерјовски.

Средбата во Пустец претставуваше можност за студентите од Брисел одблизу да се запознаат со животот на македонската заедница во Албанија и со прашањата што се од значење за нејзиното зачувување и развој.

Стерјовски им се заблагодари на студентите за интересот и отворената дискусија, оценувајќи дека ваквите академски и непосредни средби придонесуваат за подобро разбирање на историјата и современата положба на Македонците во Албанија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер