Второ вето од Бугарија, Македонија ќе чека нова шанса за време на словенечкото претседателство

Засилениот дипломатски притисок врз Софија не даде резултат, Бугарија го потврди ветото, Македонија веројатно ќе чека нова шанса за време на словенечкото претседателство по 1 јули.

Неповолната вест која треба да ја официјализира и португалското претседателство на прес-конференција, ја објави бугарското МНР доцна попладнево. Цитирајќи го заменикот министер за надворешни работи, Румен Александров во Луксембург, Софија порачува дека не отстапува од декларацијата на бугарскиот парламент и оти останува отворена за дијалог со претстојното словенечко претседателство.

-Ова вклучува Македонија експлицитно да се откаже од територијалните, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/ споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Македонија, активирање на процес на рехабилитација на жртвите од југословенскиот комунизам. Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за добрососедство треба да е вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори на Скопје. , се вели во соопштението.

Во изјава за бугарската БТВ Александров изјави дека земјите членки ги разбрале барањата на Софија.

-Беше покажано разбирање кон чувствителноста на бугарската страна, кон аргументите кои ги искажавме и загриженоста која ја имаме. Во таа смисла, беше споделена неопходноста Македонија да направи напори за да стигнеме до взаемно прифатливо решение., изјави Румен Александров, заменик министер за надворешни работи на Бугарија

Денешниот совет за општи работи, според медиумските извештаи, мина во знакот на предупредувањата на поголем дел од министрите дека со бугарското вето се урива кредибилитетот на Унијата, а германскиот министер Рот повтори дека билтералните прашања не треба да го попречуваат процесот на проширување.

-Комитетот на федералната Влада смета дека Албанија и Македонија ги исполнија условите и конечно можат да започнат со преговори и мора да биде јасно дека ЕУ како целина, поддржана од 27 земји членки сега испраќа сигнал за имплементација на ветувањата кои државите ги дадоа, изјави Михаел Рот, германски државен секретар за Европа

На маса, неофицијално, била ставена и опцијата за раздвојување на Македонија и Албанија од преговарачкиот пакет и Тирана да добие зелено светло, но таквото сценарио било далеку од консензус.

До крајот на неделава жолто и портокалово ниво за опасност од високи температури

 Од утре до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината.

Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

- Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја утре ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од четврток насекаде ќе биде активно портокалово ниво, се додава во соопштението од УХМР.

Русија ги започнува воените маневри во Тихиот Океан

Русија започна со поморски маневри во Тихиот Океан, вклучувајќи вежби за борби против подморници и противвоздушни удари, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во вежбите учествуваат околу 40 пловни објекти и околу 20 хеликоптери и авиони. Маневрите „ќе продолжат до 28 јуни во водите на Тихиот Океан, Јапонското Море и Охотското Море“, се наведува во соопштението на министерството.

Во различни фази, морнарите ќе изведуваат ракетни напади врз бродски групи на конвенционален непријател, како и ќе одбиваат напади со беспилотни летала и чамци без екипаж, нагласува Министерството. /МИА

Герасимовски: Учениците до 10 години може да бидат згрижени во градинките и за летниот распуст

Општина Центар известува дека учениците до 10 години ќе може да бидат згрижени во градинките за време на летниот распуст до исполнување на капацитетите. 

Денеска Општина Центар потпиша Меморандум за соработка со основните училишта и градинките за меѓусебна поддршка и соработка на проекти и работилници во областа на образованието.

„Преку оваа соработка сакаме да им излеземе во пресрет на сите родители кои поради работните обврски имаат потреба од згрижување на нивните деца до 10 годишна возраст. За таа потреба ги отвораме градинките и за школските деца каде со наставнички од основните училишта ќе имаат едукативни работилници и други активности за време на летниот распуст. Слободните места за упис на дечињата секако зависи од капацитетите на детската градинка“, потенцираше Герасимовски.

Општина Центар информира дека ученици до 10 години ќе може да бидат згрижени во 5 објекти, а за сите дополнителни информации и критериуми родителите може да се информираат во градинките.

Со почит,

Општина Центар

притисни ентер