Втора инвестициска фаза во „Костал", 750 нови работни места

Неодамна потпишан е договор за државна помош за втората фаза од инвестицијата на „Костал" вредна над 40 милиони евра.

Германската компанија за производство на компоненти за автомобилската индустрија „Костал" во капацитетот во Охрид наредните пет години ќе вработи уште 750 лица, односно до крајот на 2025 година ќе достигне вкупно 1 150 вработени, со што ќе биде меѓу трите најголеми производствени капацитети на групацијата во Европа. Предвидено е „Костал Македонија", германска браунфилд инвестиција во рамки на порашените капацитети на охридски „ЕМО", да оствари извоз од околу 300 милиони евра на годишно ниво.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој денеска беше во посета на „Костал" истакна дека компанијата е странска инвестиција што значајно влијае врз стопанскиот развој на Охрид, истовремено и придонесува за зголемување на БДП во земјата.

-Неодамна потпишан е договор за државна помош за втората фаза од инвестицијата на „Костал" вредна над 40 милиони евра. Како држава ќе направиме се што е во наша моќ и натаму да привлекуваме странски инвестиции, да ја помогнеме нивната соработка со домашникомпании, но и такви инвеститори што ќе вработуваат високообразовен кадар со поголеми месечни примања, рече Анѓушев.

Тој посочи дека 42 отсто од вработените во „Костал" во Охрид се со високообразование и оти просечната бруто плата во компанијата е 820 евра што, според него, е дел од стратегијата на Владата во насока на подобрување на условите за работа во земјата и остварување повисоки примања.

– Точно тоа е она што ни е потребно и она што сакаме да го стимулираме во земјата…во моментов се градат околу 30 фабрики во земјата. Како резултат на тоа се и бројките за странски директни инвестиции кои минатата година достигнаа рекордни 624 милиони евра, кои се повеќе од 260 проценти повеќе од просекот претходните години. Очекувам позитивни бројки и во следниот период, рече вицепремиерот.

Извршниот директор на групацијата „Костал" Каи Кникман изрази задоволство од текот на реализацијата на нивната инвестициска програма во Охрид, како и од работењето на раководниот тим на компанијата во држвава.

– За кус временски период од една и пол година, овој капацитет е целосно оперативен и веќе брои 450 вработени, вклучени во високотехнолошки процес.Ова е само прв чекор од нашите заложби и планови, за кои би истакнал дека немаше да се реазлизираат без соработка со локалната заедница и поддршка од македонските власти, истакна Кникман.

Германскиот амбасадор Томас Герберих оцени дека „Костал" е исклучителен пример на успешна германска инвестиција во Македонија и истворемено потврда на одличните билатерални односи меѓу двете држави, особено во економската сфера.

– Во Македонија моментно има над 200 германски инвестиции, во кои се вработени над 15 илјади лица, со цел дополнително зголемување на нивниот број, со што придонесуваме за евроатлантските интеграции на земјата. Сакам да ве уверам дека германската Влада и натаму ќе го поддржува тој процес, истакна Геберих.

Во фабриката во Охрид „Костал" произведува модули за речиси сите светски автомобилски компании, односно комплексни производи за коишто се потребни квалификуван персонал и технолошки софистицирана опрема. Како што вели директорот на „Костал" Виктор Мизо, според комплексноста на производството, „Костал" е меѓу технолошки најсофистицираните фабрики во земјата, со автоматизирано производство со еден робот на двајца вработени. Со реализацијата на бизнис планот на компанијата, во погоните во „Костал" во процесот на производство ќе бидат вклучени 500 роботи.Речиси 99 отсто од вработените во производствениот процес во „Костал" се од Охрид и Струга. Високообразованиот обучен кадар го сочинуваат инженери од сите градови во земјата.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер