Вселенската Патријаршија ја призна за канонска нашата Црква- Охридската Архиепископија

Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма .

Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значи дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.

Во официјалното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија меѓу другото се вели:

„Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново:

Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј" врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт.

Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.

Како име на оваа Црква го признава „Охридска" (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Македонија".

По повеќедеценискиот спор на нашата Црква со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид и според јавното соопштение од мај истата година Вселенската Патријаршија, Мајка Црква на сите православни „одлучи да се заземе за ова (т.е. за решавање на канонското прашање на нашата Црква) и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија".

Оттогаш и државниот врв на Македонија упати неколку писма и молби до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација. Денеска, откако уште еднаш биле разгледани сите црковно-правни елементи, Патријархот Вартоломеј и неговиот Синод ја уважија молбата на нашата Црква и ја донесоа конечната одлука.

Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека повеќе не сме во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нашите свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

Ваквиот чекор на Патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи конечно се исправа долгата неправда нанесена врз нашата Црква. Признавањето на каноничноста од страна на Мајката Црква, првопрестолната Вселенската Патријаршија ѝ стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.

Шведска треба да го зголеми воениот буџет за 4,6 милијарди евра до 2030 година

Шведска треба да го зголеми воениот буџет за речиси 54 милијарди круни (4,6 милијарди евра) до 2030 година за да ја зајакне противвоздушната одбрана и да го зголеми бројот на регрути, препорача Комитетот за одбрана на шведскиот Парламент.

Комитетот, составен од претставници на осум парламентарни партии, наведува дека членството во НАТО и сериозната безбедносна состојба бараат поголеми амбиции. Шведска стана членка на НАТО минатиот месец, напуштајќи ја децениската политика на воена неутралност по руската инвазија врз Украина.

Напад врз Шведска или врз нашите сојузници не може да се исклучи, истакна Комитетот во денеска објавениот извештај.

Во документот, иста така се истакнува дека шведската противвоздушна одбрана мора да се прошири за да одговори на заканите со беспилотни летала, оти треба да се набават повеќе крстосувачки ракети, а морнарицата треба да добие повеќе персонал. Исто така, се предлага постепено зголемување на бројот на регрути од сегашните 8.000 на 12.000 до 2032 година. /МИА

Пет клучни донатори вложија повеќе од 50 милиони долари во претседателската кампања на Трамп

Пет клучни донатори инвестирале повеќе од 50 милиони долари во претседателската кампања на Доналд Трамп.

Тимоти Мелон, наследник на банкарското семејство Мелон, од 2022 година инвестираше најмалку 16,5 милиони долари во организацијата „Мага“ блиска до Трамп. Тој исто така има инвестирано најмалку 20 милиони долари во организацијата за време на претседателските избори во САД во 2020 година.

„Форбс“ го проценува богатството на Мелон на 14,1 милијарди долари, а познато е дека тој инвестирал и најмалку 20 милиони долари во кандидатурата на Роберт Кенеди за претседател на САД.

„Форбс“ го проценува богатството на Мелон на 14,1 милијарди долари, а познато е дека тој инвестирал и најмалку 20 милиони долари во кандидатурата на Роберт Кенеди за претседател на САД.

Брачниот пар Исак и Лара Перлмутер во актуелната кампања на Трамп инвестирале повеќе од 10 милиони долари, а во 2020 година во неговата кандидатура вложиле 21 милион долари.

Трета на листата е претприемачката Линда Мекмахон, која донираше повеќе од 10 милиони долари на Трамп овој изборен циклус, а во 2019 и 2020 година инвестираше повеќе од 15 милиони долари.

Успешниот хотелиер Роберт Бигелоу во овој изборен циклус вложил девет милиони долари во организацијата „Мага“, а вети дека ќе вложи вкупно 20 милиони долари.

Додека Патриша Дуган во сегашната кандидатура на Трамп инвестираше повеќе од пет милиони долари, а претходно таа и нејзиниот поранешен сопруг Роберт веќе инвестираа во кампањата на Трамп во 2020 година. /МИА

Анализа: Вештачката интелигенција силно ќе влијае на 65 отсто од работните места во Белгија

Вештачката интелигенција (ВИ) во голема мера ќе влијае на 65 отсто од работните места во Белгија, според проценката на една од најголемите банки во земјата, објавена во локалните медиуми. 

Во текстот се наведува дека денес 3,3 милиони белгиски вработени работат во области директно поврзани со развојот на вештачката интелигенција.

Секој трет работник во Белгија има позитивни очекувања од распространувањето на вештачката интелигенција за подобрување на економијата во следните пет години, но 42 отсто стравуваат дека тоа ќе доведе до губење на работни места. Проценката покажува дека во една третина од работните места (1,6 милиони) денес, имплементацијата на вештачката интелигенција ќе помогне да се зголеми продуктивноста, но во 34 проценти (1,7 милиони) може да биде потребна целосна автоматизација.

Најпогодени се очекува да бидат вработени во администрацијата, каде најверојатно ќе има отпуштања, додека вештачката интелигенција ќе може да им помогне на директорите на компаниите, хирурзите и судиите без да ги смени. Досега, само 3 отсто од работниците во Белгија стравуваат дека ќе бидат погодени поради вештачката интелигенција во следните пет години, а најрелаксирани се хонорарците, покажуваат податоците. Според проценките, може да се очекува дека воведувањето на вештачката интелигенција ќе ја зголеми економијата за 0,1-0,5 отсто годишно.

Цитираните експерти прецизираат дека европското законодавство за вештачка интелигенција не и дава предност на ЕУ во однос на САД. Според нив, промените на европскиот пазар на труд ќе бидат постепени и може да се очекува појава на нови професии. /МИА

притисни ентер