КултураВојводите од орото „Комитско“ - традиција што зборува погласно од зборотФестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ и оваа година почнува со легендарното македонско оро „Комитско“ во кое настапуваат деветмина играорци, осум комити и еден војвода.Орото без звук, но полно со сила, симбол на борбата, истрајноста и тишината што зборува, на фестивалот во Битола, КУД „Илинден“ го изведува повеќе од пет децении, а во улога на „војводи“ низ историјата настапиле петнаесеттина играорци. Во оваа сторија за војводите од „Комитското“, пренесуваме сеќавања на „војводите“ кои во периодот од 1981 година до денеска настапувале и настапуваат на сцената на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. Во глувите времиња, кога ехото на песната можеше да значи крај, Комитите го создадоа „Комитското“ – оро без звук, но полно со сила. Родено во кочанскиот крај, ова глувонемо оро, изведувано без музика станало симбол на борбата, истрајноста и тишината што зборува - погласно од зборот. Според истражувањата на м-р Љупка Стефановска, кореограф-етнокореолог, во 1971 година, ова оро станува дел од репертоарот на КУД „Илинден“-Битола и е пренесено од ансамблот „Танец“ преку битолчанецот Дончо Ефремов. Од тогаш, се до денес, „Комитското“ станува нераскинлив белег на фестивалот „Илинденски денови“ и со ова оро почнува фестивалот. Валентин Соклевски во КУД „Илинден“-Битола се зачленува во 1976 година, низ богатата кариера, освен бројните настапи, добива одговорни задачи. Во еден период игра и го води детскиот фолклорен фестивал, а во 1990 година и професионално ја врши функцијата уметнички раководител на КУД „Илинден“-Битола. Во орото „Комитско“ прв настапува во 1979 година, а како „војвода“ во 1981 година. - Комитското е специфично оро, а за нас членовите на КУД „Илинден“ свечен настап. Секогаш кога ќе се правеше селекција, сите сакавме да играме во Комитското. Тоа беше, и е, голем предизвик, голема чест, големо задоволство... За ова оро секогаш имаше и има голема конкуренција, бидејќи претставува личен успех да се игра комитското оро, заштитен знак на друштвото. Всушност, КУД „Илинден“ е едно од ретките друштва во земјава што толку долго го одржува ова оро во својата програма. Со ова оро повеќе од пет децении се отвора фестивалот... Инаку, изборот на војводи се движи генерациски...досега имало околу 15 војводи. Во орото настапуваат девет играорци, од нив осум се комити, а еден е војвода. Војводата е тој што го носи орото, тој му дава ритам, војводата комуницира и командува со поглед. Војводата е симбол на водство, на храброст, стратегија...но и хуманост, човечност. Војводата ги подготвува комитите пред борбата, ги води комитите низ битката, и ако не загине за време на борбата, тогаш тој сам си го одзема својот живот за да не падне во рацете на непријателот. Во 1990 година, на последниот настап како војвода, за што како голобрадо момче посебно се подготвував, во сеќавање ќе ми останат многу детали од тој настап. Прво, затоа што во орото има театарски елементи, во битолскиот театар ми ставија мустаци, а мојата тогашна девојка, а денес сопруга Вера, ми соши специјална долама. Орото го игравме на дрвена фестивалска бина, со штици од борово дрво, но беа тенки. За време на орото има чести потскокнувања, и во еден момент јас како војвода скокнав, а при паѓањето ја скршив штицата од бината и пропаднав до подот, односно асфалтот. Веднаш станав, и продолжив да играм. Но, по тој настап завршив со играњето на фестивалот затоа што беше време да се отстапи местото на новата генерација, затоа што секоја генерација си има свој Илинден, секоја генерација треба да се мотивира. С'ржта на орото секогаш е запазена бидејќи од него произлегуваат пораките за голема битка на македонскиот народ за слобода, самостојност искажани низ песна, истакна Соклевски. Легендарното оро Комитско во изведба на КУД „Илинден“-Битола Соклевски го поставувал како кореограф на неколку наврати и се играло во Австралија, Америка и низ цела Европа. Негов прв наследник како војвода станува Александар Стефановски, денес и уметнички раководител на КУД „Илинден“-Битола. - Првпат во орото „Комитско“ настапив на 16-годишна возраст, а како војвода првпат играв во 1996 година. Улогата на војводата ја добив од мојот учител Валентин Соклевски и под негово водство јас научив и почнав да играм како војвода. Од тогаш десет години во континуитет играв како војвода, а во една прилика, во 2014 година го заменив тогашниот војвода Марјан Христовски затоа што се исели во Австралија. Статистички 11 пати како војвода го играв орото „Комитско“ кое има специфичен стил на играње, има специфична приказна, па и театарски елементи во самата игра. За да се игра комитското оро не е доволно само да си добар играорец, туку треба да имаш и способност за глума. Орото за два-три месеци може да се научи, но за да се знае стилот на изведба, потребни се повеќе години, посочи Стефановски. Во „Комитското“, сцената е бојното поле. Комитите и војводата играат, чекорат, подзастануваат... секој поглед и секое удирање на тапанот ја пренесува болката, пожртвуваноста и нескротливиот дух на македонската борба. Со такви чувства, како комита, а потоа и како војвода една деценија, од 2005 до 2015 година, настапувал Николче Ангелковски, и денес активен член на КУД „Илинден“-Битола. - Првпат како комита во орото „Комитско“ настапив во 2005 година и се до 2015 година, односно една цела деценија, а потоа и како војвода. Предлогот да бидам војвода беше од Александар Стефановски, на тој начин, преземајќи го неговото место. Кога Александар ме повика и ми рече дека ќе бидам војвода, јас бев збунет и опфатен со голем стрес. Тоа е одговорна задача. Да си еден од осумте комити една работа, но да си прв, војводата, тоа не е лесно. Веднаш помислив на големината, на „тежината“ на фестивалот. Знаејќи дека треба да ги пополниш чевлите на еден куп играорци што биле пред тебе, тогаш не е едноставно. Особено стресна беше првата година. Јас тогаш имав 25 години, првата година ја памтам, и не ја памтам (се потсмевнува), но знам дека добив долготраен аплауз од битолската публика, нагласи Ангелковски. Улогата на Војвода е голема чест за секој играорец затоа што неа ја доверуваат на најдобрите, но и највредните, најпосветените играорци. Тоа се играорци кои ја водат играта со срце, енергично и со душа, а таков во последниве три години е младиот Филип Јаковлевски, кој и годинава како Војвода со „Комитското“ го отвораат јубилејното 55. издание Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. - Јас како војвода во орото „Комитско“ првпат настапив во 2022 година и тој настап беше полн со трема, затоа што јас директно играв како војвода, без претходно да играм како комита. Мои наставници се Александар Стефановски и Никола Ангелковски, кои претходно настапувале како војводи во познатото македонско оро. Тие многу ми помогнаа со своето искуство. Беше напорно, две недели секојдневно се подготвував за настапот, и реално првата година ми беше најстресна, за разлика од следните настапи кога посигурно се чувствував. Јас за време на настап како играорец, обично гледам во публиката, но кога дебитирав како војвода, целосно бев сконцентриран на настапот и орото. Како и секој војвода, имав сериозен израз на лицето. И оваа година ќе дадам се од себе за впечатлив настап на фестивалот, истакна Јаковлевски. Војводите од „Комитското“ се овековечени во посебен фестивалски фото споменар кој на 21 фотографија, на посебна изложба ги презентира НУ Центар за култура-Битола, вреден чувар на културно историското наследство создадено на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. Фотографиите со избрани моменти од изведбите на „Комитско“ се документ за познатите чекори, замрзнати емоции од сцени во кои традицијата оживува, но и сведоштво за македонската колективна фолклорна меморија.Тагови: оро Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаОдбележан Денот на Инженерискиот баталјонДенес, со воена свеченост се одбележа 13 Ноември, Денот на Инженерискиот баталјон од составот на 1.пешадиска бригада.На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорот на Генералштабот бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, пензионирани генерали, поранешни команданти на единицата, претставници од Армијата и Министерството за одбрана и други гости. Министерот за одбрана Владо Мисајловски, упатувајќи честитки до сите припадници на Инженерискиот баталјон по повод Денот на единицата посочи дека денешниот празник се совпаѓа со Денот на ослободување на градот Скопје, што носи силна симболика – Ослободувањето го означува почетокот на изградбата на едно ново и слободно утре, а Инженерискиот баталјон со посветеноста и професионалноста е продолжение на таа визија, во насока на изградба на посилна Армија и побезбедна држава. „Вие, припадниците на оваа единица сте меѓу оние кои ги создаваат условите за успешна реализација на армиските задачи. Од изградба и одржување на инфраструктурата, обезбедување проодност на патните правци и поддршка на вежбовни активности, до помош на граѓаните и локалните заедници. Токму затоа, инженериската поддршка е еден од темелите на секоја функционална и подготвена Армија“. Министерот Мисајловски ги истакна и бројните активности на оваа единица ширум општините во државата, за подобро поврзување на населените места, пробивање, поправка и одржување на патната инфраструктура во руралните средини со цел полесен пристап и подобри услови за живот на локалното население со што уште еднаш покажаа дека Армијата е секогаш со граѓаните и подготвена да помогне таму каде што е најпотребно. Командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, во своето обраќање ја истакна важноста на одбележувањето на датумите кои нè потсетуваат како се сака и како се брани татковината и се нашата водилка во иднината. При тоа на припадниците на Инженерискиот баталјон им порача „Драги инженерци, бидете горди што сте дел од единствената инженериска единица во Армијата, продолжете да работите вредно и посветено и секогаш нека ве води вашето мото – “Секогаш напред“. Командантот на Инженерискиот баталјон, потполковник Ласте Георгиев со гордост ја истакна професионалноста, посветеноста и значајната улога на припадниците на единицата во поддршка на Армијата и граѓаните, осврнувајќи се на реализираните задачи, обуки и вежби во изминатата година. „Инженерискиот баталјон не гради само патишта, туку гради доверба, сигурност и иднина. Нашата најголема сила не е само во опремата, туку пред сè во нашиот персонал, неговото знаење, срце и посветеност, а патот на инженерецот е секогаш напред!“ рече потполковник Ласте Георгиев. По повод Денот на единицата, беа прочитани наредби за унапредување и стимулативни мерки за припадниците на баталјонот кои постигнале високи резултати во работата. Како најдобар вод од составот на Инженерискиот баталјон е избран Првиот инженериски вод од Четата за општа инженериска поддршка. За остварените резултати во повеќегодишната соработка, командантот на Инженерискиот баталјон им додели благодарници на претставниците од општините: Делчево, Јегуновце, Боговиње, Македонски Брод и Старо Нагоричане. Во рамки на свеченоста беше реализирано дефиле и тактичко-технички збор на опремата и средствата со кои располага единицата. Со одлука на претседателот и врховен командант на Вооружените сили, за ден на Инженерискиот баталјон е одреден 13 Ноември, како датум од историско значење на кој единицата е носител на традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЗдравјеСветски ден на дијабетесот: Над 121 илјада граѓани со дијагноза и растечки број млади пациентиКога во лабораториската анализа ќе видиме дека шеќерот ни е 6,2 или 6,8, тоа не е нешто што треба да се игнорира и граѓаните мора да водат повеќе сметка за себе, бидејќи не можеме да живееме нездраво, да внесуваме алкохол и да пушиме цигари,...Кога во лабораториската анализа ќе видиме дека шеќерот ни е 6,2 или 6,8, тоа не е нешто што треба да се игнорира и граѓаните мора да водат повеќе сметка за себе, бидејќи не можеме да живееме нездраво, да внесуваме алкохол и да пушиме цигари, а да бараме одговорност од државата или здравството да ги санира последиците од лошите навики. Ова е пораката на Министерот за здравство Сашо Клековски по повод Светскиот ден на дијабетесот. Раното откривање е клучно, вели Министерот. -Сметам дека за превенција на дијабет имаме една едноставна мерка, се вика вага и чини 600 денари,-министерот за здравство Сашо Клековски. Ендокринолозите велат дека бројот на пациенти кои се дијагностицираат од година во година расте, меѓу нив неколку стотина се деца, а илјадници граѓани живеат со болеста без да знаат дека ја имаат. Лекарите алармираат дека и откако ќе се дијагностицира дијабетот за секој пациент треба да има индивудуален пристап на третман. За девет години, или од 2015 заклучно со јули 2024 бројот на евидентирани пациенти пораснал за повеќе од 37 илјади, а над 121 илјада граѓани во Македонија имаат дијагностициран дијабетес, покажува национална студија објавена годинава во меѓународното научно списание на Американското здружение за клиничка ендокринологија. Загрижува порастот на преваленцата кај помладите, особено во возрасната група од 20 до 39 години. Од вкупно 121.750 дијагностицирани, над 66 000 се жени, а без малку 1500 се помлади од 20 години. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаВМРО-ДПМНЕ: Има три големи несреќи Скопје Пиколомини, земјотресот во 1963 и СДССДС нема кредибилитет да зборува за состојбите во Скопје, откако со години го остави градот во хаос. Орце Ѓорѓиевски гради капитални проекти за кои СДС лажеше дека ќе ги изгради.Најголеми несреќи кои му се имаат случено на Градот Скопје е палењето од страна на Пиколомини, земјотресот во 1963 и владеењето на СДС во изминатите години каде потрошија милионски буџети, а не направија ниту еден проект значаен за граѓаните на Скопје. СДС повторно се обидува преку политички прес-конференции да ја замени реалноста со празни обвинувања. СДС е партијата која со години имаше можност да го развива Скопје, а наместо тоа остави зад себе нефункционален систем. Граѓаните многу добро паметат во каква состојба беше градот по годините на управување на СДС. Немаше реализирани проекти, Скопје доби блокади, неисполнети ветувања, проблеми во јавните претпријатија и наталожени инфраструктурни проблеми. Особено лицемерно е СДС да зборува за транспарентност и јавни набавки, без притоа да даде одговор за сопственото управување и за состојбите што ги остави зад себе. Ако имаат конкретни докази за незаконитости, нека ги достават до надлежните институции, наместо да шират сомнежи преку политички обвинувања. Денес, кога се преземаат чекори за надминување на наследените проблеми и за реализација на нови проекти, СДС повторно шири само демагогија. Денес Скопје го менува ликот со капитални инвестиции во сообраќајот, екологијата и јавниот простор. Изградбата на булеварот „Борис Трајковски“ во општина Кисела Вода, на преостанатата делница од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, влегува во својата завршница – до крајот на оваа година, а може и пред зададениот рок, 100.000 наши граѓани ќе возат по целосно проширен, модерен и безбеден булевар на чија изградба се чекаше повеќе од 30 години. Привршува изградбата и на сложената клучка на Момин поток, проект од особено значење за развој на три општини. Забрзано се работи на ставањето во функција на булеварот Македонија, првата подземна сообраќајница во Скопје, улиците што ќе се слеваат кон подземната сообраќајница се прошируваат и се адаптираат за очекуваниот зголемен интензитет на сообраќај, а се продолжува со градежните работи на другите фази од проектот. Во Карпош, се поврзува улицата „Љубљанска“ со улицата „Скупи“ преку новиот мост на реката Вардар, која ќе биде готова до крајот на оваа календарска година. Се расчистува и трасата на булеварот АСНОМ низ населбата Ќерамидница, со цел конечно ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“. На Скопје му требаат решенија, а не политичко лицемерие од СДС кои со години имаа можност да работат, а не испорачаа резултати. ВМРО-ДПМНЕТагови: ВМРО-ДПМНЕ Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter