Водостојот на поголем дел од реките во земјава повисок или во рамки на јулскиот просек

Водостоите на поголем дел од реките во земјава се повисоки од просекот за јули, покажуваат податоците од мерењата што ги врши УХМР.

Нивото на Вардар е повисоко од просечното за овој период од годината на речиси сите мерни места. Намалување на водостојот се бележи кај реките Црн Дрим и Сатеска.

Кај водостоите на езерата во земјава нема поголеми отстапувања од просекот за јули.

Според податоците од УХМР, температурата на Охридското Езеро измерена утрово е 23,5 степени Целзиусови, на Дојранското 28,6 и на Преспанското 24 степени.

Преку донации обезбеден комплетно нов инвентар за реновираниот дел во болницата во Отешево

 Комплетен болнички инвентар, мебел, медицинска опрема и лекови се само дел од донациите на хуманитарната организација  LetzCare a.s.b.l. од Луксембург и фондацијата „Воздух за Преспа" од Холандија за болницата во Отешево.

Комплетен болнички инвентар, мебел, медицинска опрема и лекови се само дел од донациите на хуманитарната организација LetzCare a.s.b.l. од Луксембург и фондацијата „Воздух за Преспа" од Холандија за Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација - Отешево.

Директорката на установата Билјана Гошаревска за МИА информира дека преку донациите обезбеден е комплетно нов инвентар за реновираниот болнички објект.

- После 42 години од основањето, Болницата е реновирана прв пат и доби нов, современ лик и пристојни услови за лекување на пациентите. Благодарение на наште долгогодишни пријатели од Луксембург и Холандија преку донации целосно ја опремивме со нови кревети, плакари, шкафчиња и апарати за потребите во работењето, изјави Гошаревска.

Покрај донацијата од хуманитарната организација LetzCare a.s.b.l., Болницата примила и дел од 33-тата донација од лекови и медицинска опрема од фондацијата „Воздух за Преспа“ од Холандија.

- Стигна и првиот дел од 33-тата донација од нашите верни пријатели Јохана и Кеес Барс од Холандија, кои повеќе од 30 години донираат лекови и медицински апарати за потребите на Болницата. Последната донација покрај лекови, содржи и медицински апарати, дигитална центрифуга за потребите на биохемиската лабораторија и спирометар, појасни Гошаревска.

Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација - Отешево, е единствена од ваков вид во државата, а здравствените услуги ги користат пациентите од регионот и пошироко. По повеќе од четири децении беше целосно реновиран еден болнички објект преку проект на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој.

Мицкоски: Политиката овде е променета, соработката ја гледаме како двонасочна улица

Жалам што гледаат промена во политиката овде. Поминаа времињата кога ќе има кај нас, во македонската Влада, политичари со свиткана кичма, политичари кои се себепонижуваат, политичари кои се подготвени се да потпишат.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека има помало државничко искуство од бугарскиот претседател Румен Радев и од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, но дека тие треба да се навикнат на новата политика овде, која ги штити интересите на македонските граѓани. На двајцата им порача дека „ние сме малоброен и мирољубив народ подготвен да гради добрососедски односи со секого“, но дека „соработката ја гледаме како двонасочна, а не како еднонасочна улица“.

Неговата изјава при денешната работна посета на Гевгелија е коментар на изјавата на Радев за медиуми по средбата со Мицотакис во Атина дека „раководството на Република С.Македонија не е подготвено“ и „на властите во Скопје им недостига познавање по уставно право“.

-Жалам што гледаат промена во политиката овде. Поминаа времињата кога ќе има кај нас, во македонската Влада, политичари со свиткана кичма, политичари кои се себепонижуваат, политичари кои се подготвени се да потпишат само не да го заштитат интересот на македонските граѓани, а од друга страна, додека тоа го прават, мавтаат со македонското знаме и паралелно со тоа ја ограбуваат државата и граѓаните. Мора да се навикнат на политичари коишто се тука да ги штитат интересите на граѓаните, да работат за доброто на татковината, за иднината и подготвени сме со секого да градиме добрососедски односи. Мојата порака и до едниот и до другиот, сепак тие се поискусни од мене, подолго време се на своите позиции, едниот е претседател на држава, другиот е премиер, ние сме мирољубив, малоброен народ, еден од најмалобројните на Балканот, подготвени сме со секого да соработуваме и соработката ја гледаме како двонасочна улица. Не може да биде еднонасочна, и со 8 мај завршија времињата кога ја гледаа соработката со македонските политичари како еднонасочна улица, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Ги повика Радев и Мицотакис да соработуваат за економски развој на државите и зближување на народите, а во однос на коментарот за неразбирање политика, смета дека добрососедска политика не се гради „со омаловажување и со навреди“.

-Јас сум навикнат на омаловажување и навреди, целиот мој живот е така проследен, но некако па секогаш на крајот победувам. Ќе видиме како ќе биде во овој случај. Јас сакам ние како балкански држави да ги следиме примерите на друг тип држави, како што се балтичките, скандинавските, па сите заедно со изградени мостови, сложно, здружно, да настапуваме на трети пазари, пред официјалните лица во Европската Унија, насекаде во светот. Да градиме една добрососедска политика. Со омаловажување и со навреди, таа работа не бива. Ако тие одлучиле така да тераат, јас мислев дека таквото однесување сме го оставиле во средниот век, мислев дека сега, во 21 век, треба да зборуваме како заеднички да ја развиваме нашата заедничка економија, образование, туризам, луѓето да ги вмрежуваме, да ги зближуваме. Јас сум подготвен за тоа да зборувам и мислам дека моите соговорници од таа страна треба да ги преиспитаат тие свои изјави и начин на однесување, но јас не сум тој – кој сум јас да им солам ним памет што да прават тие, рече Мицкоски при посетата на Гевгелија.

Портпаролката на француската влада нападната во пресрет на вториот круг од изборите

 Портпаролката на француската влада Приска Тевено била нападната за време на кампањата, само неколку дена пред вториот круг од парламентарните избори, соопштија денеска официјални лица.

- Тевено, кандидат за пратеник од алијансата предводена од Макрон, нејзиниот заменик и партиски активист лепеле изборни плакати синоќа пред вториот круг од парламентарните избори закажан за 7 јули, кога биле нападнати од група млади мажи, изјави премиерот Габриел Атал.

Медиумите објавија дека Тевено не е повредена и дека ќе ја продолжи кампањата, но дека нејзиниот заменик и партиски активист се хоспитализирани. Засега нема информации за нивната здравствена состојба.

Обвинителството соопшти дека отворило истрага, но не прецизираше што бил мотивот на напаѓачот. Четири лица, меѓу кои три малолетни, се во притвор, соопшти Обвинителството.

притисни ентер