Во Солун средба на заедничката комисија за трговски марки и ознаки

Македонските компании да не смеат да го користат терминот „Македонија“, а придавката „македонско“ да може да ја употребуваат.

Но, со јасна назнака дека нивниот производ потекнува од Северна Македонија, ова е како што пренесоа медиумите во Атина, ставот на грчката страна од заедничката комисија за трговски марки и ознаки, кои вчера се сретнаа во Солун.

Според генералниот секретар за меѓународни осноси во грчкото МНР, Јанис Брахос, кој одржа пресконференција по средбата со македонските колеги, рече дека на пријателите од северот им објасниле дека насоката на разговорите е заснована на европското право, со кое би биле опфатени и географските ознаки.

-Ова прашање е важно за компаниите од Северна Грција и се надевам дека од овие разговори наскоро ќе има резултати. Во овој контекст, би сакал да нагласам дека терминот Македонија не може да се користи од страна на компании во соседната земја, туку само придавката македонско, изјави Јанис Брахос, генерален секретар за меѓународни односи во грчкото МНР

Од македонското МНР ниту ја потврдија, ниту ја отфрлија ваквата информација. Состанокот со грчките колеги во Солун го одбележаа само во форма на заедничка писмена изјава на државиот секретар во македонското МНР, Виктор Димовски и неговиот грчки колега Брахос.

„Ваквиот цврст чекор кој е неразделно поврзан со институционализираниот дијалог меѓу деловните заедници на нашите две земји претставува опиплив доказ за нашата целосна посветеност на Преспанскиот договор, стои во заедничката изјава по средбата во Солун.

Следниот состанок на ниво на меѓународна група експерти ќе се одржи кон почетокот на јуни. Проценките се дека околу 150 трговски марки во земјава во името го содржат зборот Македонија или неговата англиска верзија. Слично е и во Грција, каде името „Македонија“ е дел од 182 бренда на грчки компании.

Преговорите за трговските марки е едно од последните отворени прашања од Преспанскиот Договор, заедно со содржината на учебниците,чиј експертски тим, денеска и утре во Охрид ќе одржат својата четврта средба.

Еден потешко повреден во експлозија во зграда во Турција

Едно лице е тешко повредено во експлозија во станбена зграда во турскиот град Текирдаг, северозападна Турција.

Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата во станот на последниот кат од петкатницата, а како што неофицијално дознава телевизијата ТРТ најверојатно експлодирала плинска боца.

Од силината на експлозијата оштетени се ѕидовите во станот, а искршени се прозорците.

Скопјанец и двајца штипјани нападнати во угостителски објект во Кавадарци

Скопјанец рано утринава пријавил дека со двајца штипјани биле физички нападнати во угостителски објект во Кавадарци, информираат од СВР - Велес.

- Во 04.40 часот во ОВР Кавадарци, Т.Ц., 22-годишен скопјанец, пријавил дека пред и во угостителски објект во градот, тој и Н.Н., на возраст од 24 години и Ф.А., на 25-годишна возраст, двајцата од Штип, биле физички нападнати од неколку машки лица, појаснуваат од СВР - Велес.

За настанот бил известен јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Русија најави вежби на тактичките нуклеарни сили

Русија ќе спроведе вежба на своите тактички нуклеарни сили по наредба на претседателот Владимир Путин, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва.

Во соопштението не се наведува дали проектилите ќе бидат опремени со нуклеарни боеви глави. Русија претходно спроведуваше обука на нуклеарни сили без нуклеарни боеви глави, потсетува ДПА.

- Како дел од вежбата ќе бидат спроведени низа активности за вежбање на подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје, соопшти руското Министерство за одбрана.

Засега е нејасно кога и каде точно ќе почне вежбата во која се вклучени јужниот одбранбен округ и поморските сили.

Руската војска во октомври истрела две интерконтинентални ракети и неколку крстаречки ракети за обука и одвраќање. Вежбата, која ја најави, ја оправда со наводни „провокативни изјави и закани од поединечни западни функционери против Руската Федерација“.

Од почетокот на нејзината војна против Украина пред повеќе од две години, руските претставници постојано се обидуваа да ја тестираат меѓународната поддршка за Киев со поттикнување стравувања од нуклеарна војна.

притисни ентер