Во Софија рекапитулар, не и конечно решение за името

Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се сретнат на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија на 17 мај.

Вниманието на јавноста во двете земји е фокусирано на претстојната средба, која како што најави македонскиот премиер на почетокот на минатиот месец во интервју за МИА ќе биде мошне важна во процесот на обновените преговори за решавање на спорот за името.

Заев, пак, вчера одговарајќи на новинарско прашање дали на 17 мај ќе има средба со Ципрас како датум на конечен договор рече дека таа средба не е од оние закажаните што ги чекавме.

- Јас се уште немам точен термин кога би била средбата, но знам дека грчката страна потврди дека на маргините ќе најдеме време да се видиме. Целта е да направиме еден рекапитулар на тоа што досега е разговарано, да го потврдиме и да знаеме дека сме го завршиле, а истовремено да им дадеме насоки и на министрите, додаде Заев.

Тој нагласи дека времето е кратко и дека се појавуваат информации дека се ќе се реши на 17 мај, но не е така, бидејќи суштински е делот што е останат за разговори.

- Јас верувам дека пред се треба да бидеме креативни и посветени и јас би сакал некаде пред Самитот на Советот на Европа, а потоа и Европскиот совет, тоа е 25, 26, па 28 и 29 јуни, да се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш да имаме некое решение, па дури треба да знаеме дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации. Затоа што, како што реков, процесот, ако е тоа можно, да биде поддржан од сите, додаде премиерот.

Премиерот Заев во интервјуто за МИА на почетокот на минатиот месец рече дека кога ќе биде закажана следната средба меѓу него и Ципрас всушност ќе значи дека преговорите се при крај и оти решението е на повидок.

- Верувам дека тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу мене и Ципрас. Тоа ќе значи дека напредокот во разговорите стинал до тоа ниво за да се премине и на ниво на премиери на државите. Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба меѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда, дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение, истакна Заев во интервјуто за МИА.

Воздржан оптимизам за можноста за решение во пресрет на средбата на двајцата премиери вчера изрази и грчкиот алтернативен министер за надворешн работи, Јоргос Катругалос.

- Направена е систематска работа, прашањата се стигнати до нивното јадро и сега е време да се разговараат на највисоко ниво. Имаме водржан оптимизам дека може да имаме договор, вели Катругалос и ги демантира информациите објавени во медиумите во Грција во текот на викендот, за одреден временски рок и преоден период за имплементација на договорот.

Тој вели дека договорот нема да наликува на Времената спогодба, ќе биде комплетен и нема да остава „опашки“, затоа што во спротивно нема да биде согласно со поставенте грчки предуслови.

- Може да има временски период за прашањата што не можат да се решат во моментот на потпишувањето, но во никој случај нема да биде Времена спогодба како претходно, објаснува Катругалос.

На средбата Заев-Ципрас и претходеше интензивна недела на преговори, во рамки на која се очекуваше да се отворат спорните прашања, пред се опсегот на употреба на името, но и барањето на Грција за измени во македонскиот Устав.

Меѓутоа по последната состанок на шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот на ОН Метју Нимиц, кој се одржа во Сунио викендов, а кој траеше речиси шест часа, не беа изнесени детали од разговараното.

- Средбата можам да ја карактеризирам како многу сериозна, работевме напорно, на моменти интензивно. Направивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат премиерите во подготовките за нивната средба во Софија следната седмица на 17 мај. Во основа ова е пораката што ја имам, рече Нимиц по средбата.

Тој не излезе со други детали, а изјави за медиумите не дадоа ниту министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржува во организација на бугарското Претседателство со ЕУ, ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и регионот.

Со Самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Поврзаност во смисла на транспорт, енергија и дигитална инфраструктура, образование и други аспектие темата на Самитот.

На Самитот ќе му претходи неформална вечера на шефовите на држави или влади на ЕУ, како дел од агендата на лидерите./МИА

Сиљановска-Давкова на фестивалотХид Бах Шен Фест во с. Чалакли, Валандово

Проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на фестивалотХид Бах Шен Фест по повод прославата на празникот на турската заедница, Хидрелез во с. Чалакли, Валандово.

Во рамките на активностите во кампањата за вториот избор круг од претседателските избори, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, присуствуваше на фестивалотХид Бах Шен Фест по повод прослава на празникот на турската заедница, Хидрелез во с. Чалакли, Валандово. Во прилог интегрален текст во кој професорката Гордана Сиљановска - Давкова ги сподели своите впечатоци:

На покана на турската заедница од Македонија, имав особена чест, заедно со амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, н.е. г-динот Фатих Улусој, поранешниот претседател на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничка листа во ИЕ4, г-динот Александар Николоски и граданочалникот на Општина Валандово, г-динот Перо Костадниов, да присуствувам на фестивалот Хид Бах Шен Фест (Bahar Şenlikleri HID BAH ŞEN FEST) кој се одржува во селото Чалакли Валандово, а по повод празникот Хидрелез. Хидрелез е празник кој го слави турското население, а го означува почетокот на пролетта. Во една подлабока смисла, празникот Хидрелез одразува силна симболика на будењето на природата, а со тоа и на новиот циклус на обновување, не само на природата, туку и на животот.

Со задоволство ги проследив богатите церемонии, убавите танци и особено предизвикувачкото пеливанско борење, сето одраз на една богата културна традиција која се негува тука, во Македонија, Она што за нас Македонците е познато како Ѓурѓовден, турската заедница го препознава како Хидрелез. Па оттука, културната идентификација е потполно иста што претставува своевидна апотеоза на природната хармонија помеѓу македонскиот и турскиот народ на овие простори. Во знак на ваквото единство, важно е да се спомене дека на заедничка иницијатива на Република Македонија и Република Турција, празникот Хидрелез во 2017 година беше прогласен за културно наследство на човештвото и истиот е запишан на листата на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.

Ако зборуваме за европски и цивилизациски вредности, тогаш токму апотеозата на Хидрелез и Ѓурѓовден и нашето културно единство како Македонци и Турци, се вредностите кои Македонија може да ги понуди на Европа. Среќна сум што овој шаренолик мозаик, наречен Македонија е јадрото кое не обединува сите нас кон подобра и горда иднина!, се наведува во соопштението на тимот на Сиљановска- Давкова.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Денеска се одбележува и 121 година од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев... По тој повод, државни, партиски делегаци, како и граѓани, положија цвеќе пред гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“... 

Македонија одбележува 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и борец за слобода Гоце Делчев. И годинава на улицата „Самоилова“ која води до црквата „Свети Спас“ каде што се наоѓа неговото вечно почивалиште беа поставени барикади, забележливо беше засиленото полициско присуство, а движењето беше строго определено. Пред саркофагот на великанот Делчев се поклонија и положија цвеќе претседателот на државата Стево Пендаровски, делегации од Владата, Собранието, Армијата, претставници на дипломатскиот кор, политички партии и повеќе здруженија на граѓани. Откако оддадоа почит, дел од политичарите дадоа изјави за медиумите. Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска порача дека аманетот на Делчев е и за сегашните и идните генерации, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посака национално и општествено обединување.

„Денеска оддаваме почит на ликот и делото на Гоце Делчев. Неговиот аманет е и за сегашните и за идните генерации. Делчев е симбол на единството и државотворноста, се борел за слободна и просперитетна држава. Ние сме тие коишто неговиот аманет ќе треба да го продолжиме во иднина“

„ Денеска се поклонуваме на ова место, за нас посебно, традиционално, на македонскиот великан Гоце Делчев со желба за национално обединување, општествено обединување. Нешто што ќе ни биде потребно после осми мај.“

Освен делегациите, почит на македонскиот херој Делчев му оддадоа и граѓани кои доаѓаа во црвката Свети Спас за да се поклонат пред гробот на учителот.

Иако беа присутни на одбележувањето, изјава за медиумите не дадоа претседателот Пендаровски и неговата противкандидатка Сиљановска Давкова, но на социјалните мрежи потсетија за идеалите на великанот. Пендаровски напиша дека Делчев за македонскиот народ претставува стожер врз кој денес ја градиме нашата државност и самобитност, а Сиљановска Давкова порача дека денот на смртта на Делчев не потсетува колкава е жртвата на нашите претци кои ги дале своите животи за ние да живееме во своја држава.

Доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката

Во Собранието попладнево беше доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година за особено значајни остварувања во интерес на државата во областа на науката.

Добитници се професор доктор Роберт Хадсон и професор доктор Иван Додовски за делото „Долга транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“, како и доктор Ана Мартиноска и магистер Жарко Иванов за делото „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ - од архивските материјали на Васил Хаџиманов.

Пред присутните се обрати Елван Хасановиќ, раководителка на Секторот за наука и иновации при Министерството за образование и наука, која рече дека достигнувањата во науката и технологијата фундаментално го менуваат начинот на живот на луѓето.

- Креирањето соодветни политики и преземањето мерки за развој на науката, како и поголемото инвестирање во науката, се приоритет на нашата држава. Вложувањата во науката и научните истражувања треба да се зголемуваат во континуитет. Владата континуирано се залага за подобрување на националниот екосистем за научното истражување. Значајна сума од националниот буџет се издвојува за поттикнување на научното истражување. Државниот буџет за научно истражување во последните години, двојно е зголемен во споредба со претходните години. Најголемата распределба е насочена кон финансирање на научно-истражувачки проекти за поддршка на истражувачката инфраструктура во академијата и јавните истражувачки институции, нагласи Хасановиќ.

Таа рече дека со наградата „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на државата.

Една од добитниците, Ана Мартиноска рече дека иако различни по својот жанр, јазик, подрачје и идеја, двете наградени изданија имаат главна окосница во „два фундаментални и за нас секогаш актуелни поими, Македонија и меморија“.

- Уважувањето на овие дела со наградата „Гоце Делчев“, не е само потврда на нивните академски квалитети, туку и признание за трансформативното влијание што науката го има во обликувањето на разбирањето за Македонија дома и во светот. Таа не само што ги надополнува постојните празнини во објаснувањето на настаните и процесите во државава, туку поставува основа за понатамошни длабински и интердисциплинарни истражувања, подвлече Мартиноска.

Обраќање имаше и претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, академик професор доктор Љупчо Коцарев, кој им ги додели наградите на добитниците.

притисни ентер