Доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката

Во Собранието попладнево беше доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година за особено значајни остварувања во интерес на државата во областа на науката.

Добитници се професор доктор Роберт Хадсон и професор доктор Иван Додовски за делото „Долга транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“, како и доктор Ана Мартиноска и магистер Жарко Иванов за делото „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ - од архивските материјали на Васил Хаџиманов.

Пред присутните се обрати Елван Хасановиќ, раководителка на Секторот за наука и иновации при Министерството за образование и наука, која рече дека достигнувањата во науката и технологијата фундаментално го менуваат начинот на живот на луѓето.

- Креирањето соодветни политики и преземањето мерки за развој на науката, како и поголемото инвестирање во науката, се приоритет на нашата држава. Вложувањата во науката и научните истражувања треба да се зголемуваат во континуитет. Владата континуирано се залага за подобрување на националниот екосистем за научното истражување. Значајна сума од националниот буџет се издвојува за поттикнување на научното истражување. Државниот буџет за научно истражување во последните години, двојно е зголемен во споредба со претходните години. Најголемата распределба е насочена кон финансирање на научно-истражувачки проекти за поддршка на истражувачката инфраструктура во академијата и јавните истражувачки институции, нагласи Хасановиќ.

Таа рече дека со наградата „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на државата.

Една од добитниците, Ана Мартиноска рече дека иако различни по својот жанр, јазик, подрачје и идеја, двете наградени изданија имаат главна окосница во „два фундаментални и за нас секогаш актуелни поими, Македонија и меморија“.

- Уважувањето на овие дела со наградата „Гоце Делчев“, не е само потврда на нивните академски квалитети, туку и признание за трансформативното влијание што науката го има во обликувањето на разбирањето за Македонија дома и во светот. Таа не само што ги надополнува постојните празнини во објаснувањето на настаните и процесите во државава, туку поставува основа за понатамошни длабински и интердисциплинарни истражувања, подвлече Мартиноска.

Обраќање имаше и претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, академик професор доктор Љупчо Коцарев, кој им ги додели наградите на добитниците.

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управниот суд синоќа ги одби како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори 2024. 

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите беа оформени предмети и закажани во текот на вчерашниот ден.

Роналдо го собори рекордот на Саудиска Арабија во една сезона

 Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо постигна асистенција на натпреварот од 32. коло на шампионатот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:1).

Триесет и деветгодишниот Португалец го собори рекордот во една сезона на овој турнир. Тој има 33 гола и 11 асистенции.

Претходниот рекордер беше Абдеразак Хамдалу, кој постигна вкупно 43 поени (гол+асистенции) во сезоната 2018/19.

Ал-Наср со 78 поени и се наоѓа на второто место во поредокот. /МИА

Во поплавите во централен Авганистан загинаа најмалку 50 луѓе

Најмалку 50 луѓе загинаа во поплавите што го погодија централниот дел на Авганистан, соопштија локалните власти.

Претставникот на авганистанската провинција Гор, Мавлави Абдул Хаи Заем изјави дека сè уште нема податоци колку луѓе се повредени во надојдената вода.

Тој информираше дека во поплавите целосно се уништени 2.000 куќи, а двојно повеќе се делумно оштетени.

Под вода се над 2.000 продавници во главниот град на провинцијата Гор, Фероз Кох. /МИА

притисни ентер