Во Шпанија уапсени четворица Колумбијци од подморница која превезувала кокаин

Шпанската полиција соопшти дека пресретнала уште една импровизирана подморница, со која најверојатно се транспортирал кокаин од Јужна Америка во Европа, при што се уапсени и четворица колумбиски државјани.

Тие се уапсени откако полицијата пред два дена пронашла импровизирана подморница, долга 20 метри, која пловела кон брегот на Шпанија.

Подморницата е слична на претходно пресретнатите подморници во претходните операции во северозападниот дел на Шпанија во 2019 година, кога се откриени и запленети три тони кокаин.

Слични пловни објекти се откриени во Атлантски Океан, посебно во близина на Централна и Јужна Америка. /МИА

Нема кој да ги управува „Ер тракторите“ на ДЗС

Плата во висина од 300.000 денари услов за враќање на двајцата обучени пилоти од пензија

Од тројца пилоти со кои располагаше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), оваа година остана само со еден, откако двајца исполнија услови за старосна пензија. Авио-одделението на Дирекцијата е сѐ уште нефункционално и покрај предупредувањата на директорот на ДЗС Беким Максути дека „дополнителен предизвик ова лето ќе биде справувањето со шумските пожари“.

Во разговор за МИА, Максути вели за да се вратат двајцата обучени пилоти, ДЗС бара од Министерството за финансии плата во висина од 300.000 денари. Според него, работното место пилот во ДЗС со плата од 72.000 денари е неатрактивно и затоа посочува дека потребно е порамнување на платите на државно ниво.

– За нив бараме дополнителни средства колку што се плаќаат пилотите на Владата, кои што го летаат владиниот авион, тоа значи 300.000 денари. Треба да има синхронизација, односно порамнување на платите на ниво на држава, затоа што тие навистина летаат многу помалку од нашиве и се многу побезбедни. Исто така и пилотите вработени во МВР, кои имаат максимум 50 часови на годишно ниво, доколку пилотите во ДЗС имаат од 150 до 300 часови, рече Максути.

За да може да извршува летови авио-одделението на ДЗС, потребни се минимум тројца пилоти. Максути вели Дирекцијата не смее да извршува задачи со еден пилот, односно мора да има уште минимум двајца пилоти. Како што појасни директорот на ДЗС, според правилата пропишани од Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА), пилотите пред секој лет вршат меѓусебна контрола за нивната психичка и физичка подготвеност.

– Дирекцијата не смее да лета со еден пилот, мора да има минимум уште двајца други пилоти. Едниот му е контролор, а другиот ги проверува сите постапки дали се како што треба. Ова се правила кои ги одредува ЕАСА. Едниот пилот не може самиот на себе си да потпише дека авионот е спремен и да потпише дека е физички и психички спремен, затоа што пред секој лет тие имаат меѓусебни контроли. Самиот на себе си не смее и нема право да си потпишува, појаснува Максути.

Во април годинава тој апелираше тогашната Влада сериозно да го сфати овој проблем, бидејќи се доведува до прашање постоењето на авио-одделението на ДЗС. Нагласи дека според критериумите на Агенцијата за цивилно воздухопловство, засновани врз регулативите на ЕАСА, постои можност ДЗС да ја изгуби лиценцата за пловидбеност.

Максути вели заклучокот на минатата Влада бил Дирекцијата да го реши овој проблем во рамките на нејзините законски надлежности.

– Законските надлежности се јасни. Јас не смеам да примам пилот со плата поголема од пропишаната, односно се што е над 60.000 денари мора да оди преку согласност од Министерство за финансии. Таквата согласност ние не можеме да ја добиеме, не поради тоа што немаше слух Владата, туку поради законските пречки, рече Максути.

Примањето на пилоти не значи дека тие по автоматизам ќе можат да управуваат со „Ер трактор“ авионите на ДЗС, туку истите треба да се упатат на дообучување во Шпанија или друга земја овластена од производителот. Авионите модел „Ер трактор“, што се користат во ДЗС, важат за најкомплицираните за управување, бидејќи потребни се вештини и дообука којашто има строги критериуми и затоа не може секој пилот да добие сертификат. Од пет пилоти кои биле примени изминативе неколку години во Дирекцијата, само еден успеал да ја заврши дообуката и да добие сертификат за управување со „Ер трактор“.

Во врска со справувањето со пожарите во летниот период, Максути вели Дирекцијата ги има направено сите подготовки.

– Другите подготовки ние ги имаме направено како што треба, во однос на тимови, доброволни друштва, во однос на дополнителна опрема која што е поделена. Оваа година ја имавме најголемата вежба за противпожари на отворени, каде што учествуваа 16 земји, значи вежбата беше организирана под покровителство на Европската унија, каде што добивме опрема да еден модул, за една екипа од 25 луѓе со целата опрема да можат да интервенираат во шумските пожари. Но, секако ни останува делот околу ангажманот на пилотите и да видиме, целосно да можеме да одговориме на сите можни предизвици, кои би ги имале во текот на сезоната. Како што гледате имаме веќе доста високи температури и можни се пожари, рече Максути.

ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги покачија пензиите на над 300.000 пензионери за 5000 денари

Премиерот Христијан Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат одговорност на дело кон највозрасната категорија на граѓани.

Во првата недела од мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ се донесе одлука за линеарно покачување на пензиите од 5000 денари на сите пензионери.

Над 300.000 граѓани ќе добијат повисоки пензии за 5000 денари, односно најниската пензија од септември ќе биде 15.600 денари, додека пак просечната пензија ќе ја надмине минималната плата во државата.

Првото покачување од 2500 денари пензионерите ќе го добијат веќе во септември, а другото покачување од истиот износ ќе го добијат во март следната година.

Животниот стандард и квалитетен живот на пензионерите и сите граѓани се приоритет на владата на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ вети, ВМРО-ДПМНЕ реализира.

Пензионерите заслужуваат мирен и достоинствен живот.

Исполнуваме. За тебе!

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

На денешен ден

30 јуни 2024

1859.- На ортома растегната над Нијагарините водопади Чарлс Блондин, пред 25.000 гледачи, преминал од САД во Канада.

1908.- Во источен Сибир паднал метеор, предизвикувајќи џиновска експлозија и земјотрес што се почувствувал и во централна Европа.

1913.- Со нападот на бугарските сили на позициите на српската и на грчката војска во Македонија почнала Втората балканска војна, што завршила со мирот склучен во Букурешт, на 10 август 1913 година.

1934.- Германскиот нацистички водач Адолф Хитлер ја започнал пресметката со политичарите и со воените личности од сопствената Национал-социјалистичка партија. Притоа биле убиени стотина негови приврзаници и други активисти, меѓу кои и Ернст Рем, еден од највлијателните личности.

1941.- Непосредно по капитулацијата на Полска (1939 г.), Германците го изградиле логорот за масовно уништување, познат според германизираното име „Аушвиц“, според градот Освенцим, западно од Краков.

1949.- Во Скопје била изведена првата балетска премиера „Валпургиска ноќ“ од францускиот композитор Шарл Гуно, а во кореографија на Ѓорѓи Македонски.

1960.- Белгија ја признала независноста на својата дотогашна африканска колонија - Конго.

1972.- Укината била смртната казна во САД.

1973.- Сенка на Месечината го прекрила целиот Африкански континент. Тоа било најдолгото замрачување на Месечината во поновата историја.

1974.- Алберта Кинг, мајката на убиениот американски свештеник, црнечки лидер и нобеловец Мартин Лутер Кинг, била убиена во текот на молитва во црква, шест години по атентатот врз нејзиниот син.

1974.- Рускиот балетан Михаил Николаевич Баришников емигрирал од СССР во Канада за време на турнејата со ансамблот на балетот на „Бољшој театарот“.

1993.- Битолскиот универзитет го добил името на еден од најистакнатите личности на словенската писменост „Свети Климент Охридски“.

1997.- Во Санта Барбара умрел Роберт Мичам, еден од најистакнатите американски филмски актери. Роден бил во Бриџпорт, на 6 август 1917 година.

2000.- Руското собрание го овластило претседателот Владимир Путин да ги сменува избраните функционери.

2005.- Шпанските пратеници го усвоиле законот за правата на хомосексуалците да стапуваат во брак и да посвојуваат деца, со што Шпанија, по Холандија, Белгија и Канада, станала четвртата земја во светот во која хомосексуалните бракови станале легални.

2019.- Поранешниот претседател на Црна Гора Момир Булатовиќ почина на 63 години. Булатовиќ беше претседател на Црна Гора од 1990 до 1998 година и претседател на Сојузната влада на СР Југославија од 1998 до 2000 година. Тој во 1989 година беше избран за претседател на Претседателството на Црна Гора, а за претседател во 1990 година, на првите повеќепартиски избори. По осум години, тој изгуби на претседателските избори од својот дотогашен соработник и премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. /МИА

###

притисни ентер