Во македонски светилишта се уште се пее како што пееле првите христијани - Канал 5

Во македонски светилишта се уште се пее како што пееле првите христијани

 Духовното пеење отсекогаш било присутно во христијанството. 

Во македонски светилишта се уште се пее како што пееле првите христијани

Во Светото писмо е забележано сведоштво дека кога завршила Тајната вечера, Господ Исус Христос и апостолите испеале благодарствена песна, по што се искачиле на Маслиновата Гора. Впрочем, не само во овој случај Спасителот и апостолите со песна го слават Отецот. Духовното пеење останало и по Христовото воскресение. Апостолите ја продолжуваат таа традиција.

Првите христијани ја изразувале молитвата кон Бога со јазикот на музиката. Оваа традиција останала до ден денес. Но, како минувале годините и вековите, особено последните два века, духовното пеење во црквите се менувало најмногу под влијанието на новите трендови на Западот. Покрај новонастанатите мелодии кои биле создадени надвор од црквата и внесени во неа, од основањето на Христовата Црква до денес опстојува и автентичното црковно пеење, коешто своите форми ги развило во голем временски распон. Тоа во себе содржи и најдревни мелоси од времето на првите христијани, но и мелодии што се создале во православната екумена последните дваесет векови. Со текот на годините тоа пеење претрпувало промени, но основата останала иста.

Такво пеење, попознато како византиско, негуваат неколку македонски хорови, меѓу кои и „Хармониси", раководен од Ристо Солунчев, професор по современа филозофија на Филозофскиот Факултет од Скопје.

Музика настаната во Црква

Македонскиот византиски хор „Хармосини " е формиран во 2006 година како продолжение на певницата којашто е дел од црквата при манастирот „Св. великомаченик Георгиј", Криви Дол, во Скопје, од Ристо Солунчев како хороводец и група на ентузијасти и вљубеници во црковната музика.

– Хорот исклучиво се заснoва на традицијата на Источната црква, на нејзината музика. Најправилното име за оваа музика е Црковна музика, музика на Христовата Црква. За разлика од сите други световни музики што ги знаеме, како на пример, делата на големите композитори Чајковски, Рахмањинов кои настанале надвор од Црквата, оваа настанала во самата Црква. Нивните композиции се прекрасни, но реално не се црковна музика, тоа е световна музика со религиозна тематика. Византиското пеење не е нешто што настанало надвор од Црквата, па е внесено, туку е создадено во рамките на Црквата од црковни луѓе и содржи чиста црковна суштина. Исто како што и иконописот е создаден во Црквата како нејзина автентична уметност . Затоа, најдобриот назив за ваквата музика е црковна, а не византиска, затоа што таа почнала да се создава и развива и пред Источното Римско царство (Византија), и останала да постои и по неговото завршување. Оваа музика продолжува да се развива без разлика на тоа што Константинополската црква била под отоманска власт. Затоа велам дека најдобриот назив е црковна музика или музика на Источната црква, или синонимно да се користи византиско црковно пеење, притоа подразбирајќи ја токму музиката на Византиската црква, објаснува Солунчев.

Тој ваквото пеење почнал да го изучува сам, а подоцна и во еден манастир во Србија. Солунчев се запишал и на Академијата за византиска музика во Атина кај професорот Игор Зиројевиќ. Школувањето на оваа Академија трае пет години. Тој вели дека со тоа што ќе се образува ќе си помогне себе си, но и на другите членови на хорот кои византиско пеење го учеле од него.

– Тие ги прифатиле сите мои знаења и грешки. Ќе треба тоа се исправа во од, за да се засновува многу подобро оваа музика, вели Солунчев.

Инаку, хорот „Хармосини" нема фиксен број на членови. Во него членуваат од 10 до 20 хористи во зависност од потребите. Еден од членовите е монах од Бигорски, отец Анатолиј, кој во манастирот веќе ја реализира намерата за создавање сериозен византиски хор. На снимањата доаѓаат тројца од хорот „Калистрат Зографски" од Калишта, Струга, Димитри Кубароски, Александар Дејкоски и Теофан Санџакоски. А, еден од членовите на Хармосини, Марјан Ѓошев редовно пее во манастирот „Свети Наум" во скопско Радишани.

-Јас пеам во црквата „Св. Стефан" во Аеродром со уште двајца членови, а дел од „Хармосини" пеат во „Св. великомаченик Георгиј", Криви Дол, во Скопје. Користиме традиционален начин на пеење. Се пее унисоно со бордунска поддршка наречена исон, вели Солунчев.

Византиското пеење потиснато од Мокрањац

Во првите неколку векови по Христа, пеењето на првите христијани, односно на Евреите, се видоизменило, бидејќи кон Христовата Црква се приклучувале нови народи кои внесувале свои специфики во музиката. Кај нас ваквото пеење се практикувало за времето на Свети Климент, но и по потпаѓањето на Македонија под Отоманската Империја, иако во тие времиња сериозната школуваност на псалтите била доведена во прашање заради условите. Подоцна со потпаѓањето на Вардарска Македонија под јурисдикција на Српската Црква, ова пеење било целосно и благо-насилно истиснато од црквите и заменето со т.н српско народно појање или Мокрањчево пеење, според композиторот и реформатор на она што од старото пеење било останато во Србија, Стеван Мокрањац. Визнатиското пеење било сочувано од поединци, кои своето знаење го пренесувале на новите генерации. Низ вековите секогаш имало по некој кој го практикувал овој вид на пеење и така не се дозволило тоа целосно да изсчезне во Македонија. Еден од позаслужните за негување на автентичната музика создадена во Црквата е таткото на отец Стефан Санџаковски, отец Владимир. Потоа биле останати и други стари псалти во Струга, Охрид, Битола, Берово, раскажува нашиот соговорник.

– На нашиот Богословски Факултет и во средното Богословско училиште се учи мокранчевото пеење, кое се разликува од класичното осмогласно византиско пеење по тоа што во основата се базира на српскиот фолклоризиран стил на пеење од една страна, и на многу нови напеви директно внесени од Мокрањац . Скалите се симплифицирани и западнизирани, практично убиен е Осмогласникот, уништени се многу од богатите мелодиски формули на византиското пеење, комплетно е сменета модалната структура на црковното пеење, внесена е верикална хармонија, толку неприродна за суштината на црковната музика. Како што вели и самиот Мокрањац, целта е секој прост селски поп да се снајде. Ако ги земете теоретиконите од Константинопол и Света Гора ќе видите дека има спротивна тенденција, музиката е наука, а црквата треба да негува сериозен и возвишен стил на музика, и таа стреми кон совршен израз а не кон снаоѓање на прост селски поп. Веројатно, некој ќе рече не е битно пеењето, битна е молитвата, но сепак постои секогаш правилен израз, правилно славење на Бога, инаку тогаш православната Црква би требало да го прифати и госпелот и музиката на пентикосталците. Формата е сепак најбитна затоа што содржина без форма реално не постои. Ако има друга форма нештото тоа веќе ја изгубило автентичната суштина, обајснува Солунчев.

Тој смета дека е редно е да се тргне мокранчевото пеење од Богословскиот Факултет и од Богословското училиште затоа што е потполно неканонско и е апсолутно неприфатено од Христовата Црква. Но, како што вели, тоа не треба да се стори со декрет.

– Сепак мноштво луѓе цел живот пееле по Мокрањац и не треба да им се прави она што на „византијците" им го направила официјалната политика на Српската Црква. Нека си продолжат тие да го слават Бога како умеат и знаат. Но, на официјално ниво се знае што е иднината. Оти, реформата на Мокрањац се засновува на незнаење на традицијата на Источната Црква и се базира на понови мелодии што ги слушал од полуписмени свештеници па нека се тие и од Скопје. Тоа не би требало да биде сериозен критериум како треба да изгледа музиката, потенцира нашиот соговорник.

Мокрањац, како што објаснува Солунчев, зема неколку основни матрици од византиската музика која исто така упростено се пеела во негово време и во Србија, а тој ја реформира до непрепознавање.

-Кога не знаете нешто, се обидувате да го упростите. Човек кој не знае нешто, тој не може тоа нешто да го сочува за да биде како што треба. Прашање е колку Македонија, каде што секогаш се негувал сериозен стил може да го прифати тоа и со тоа да се идентификува. Нашиот народ има осет, вели Солунчев, додавајќи дека, сепак, Стеван Мокрањац е голем композитор, има мноштво прекрасни световни композиции, но, неговата реформа на црковната музика во Србија има многу недостатоци и виси во воздух.

-Тоа е неканонска музика, таа може само да биде толерирана од целата екумена, како што и поновата руска црковна музика е толерирана поради сентиментот на руската душа во неа. Просто нема насилно наложување во Црквата, оти не може една автокефална еклисија да и каже на друга како ќе пее. Но ние сме биле Византија секогаш а нашата култура дише со таа естетика, така што за нас прифаќањето на вистинската црковна музика е враќање на нас самите, кон изворот на нашата мелосна душа. Нашата традиционална македонската музика совршено кореспондира со црковната, со осмогласникот. Многу од старите чалгаџии биле и црковни псалти, појаснува Солунчев.

На Света Гора и во Цариград најсочувано автентичното пеење

Не е само Србија таа која, на некој начин, го отфрлила византиското пеење, иако и таму има сериозни хорови и псалти кои практикуваат црковна музика и се обидуваат да ја вратат традицијата. Ова пеење било истиснато и во Русија. Во Русија под влијание на Западот почнала да се менува и музиката веќе мошне јасно за време на Петар Велики.

-Таму се пеат некакви варијации на византиското пеење наречени Знамениј распев, како некаква фолклоризирана варијанта на црковната музика, но и дела на Чајковски и Рахмањинов, кои велам се дела по суштина настанати надвор од Црквата. А, најавтентично и најсочувано византиско пеење се практикува на Света Гора и во Цариград (Истанбул), поранешен Константинопол, но и во некои сириски области. Таму постои традиција на пренесување на знаење, вели Солунчев.

Во Романија исто така има луѓе кои се сериозно посветени на ваквиот начин на пеење.

Православието, на кое припаѓа и нашата Црква, се држи до корените на христијанството. Покрај другите работи, би требало да се држи и до коренот на црковната музика, онаква каква што настанала во Христовата Црква.

-Ако ја менувaме автентичната црковна музика ќе се претвориме во некаква протестанска секта која го релативизира преданието. Кога луѓето ќе кажат црковна музика тоа е тотално неодредено нешто. Духовна музика е и Харе кришна. Но, кога ќе кажеме Црковна музика се знае на што мислиме. Таа музика се дели на две струи источна и западна, секоја тргнува во историјата по свој пат. Нашата црковна музика е музиката што е создавана во рамките на Источната византиска црква, на која што припаѓала и нашата црква, Охридската архиепископија, вели Солунчев.

Тој се надева дека за четири или пет години „Хармосини" ќе бидат дел од некоја голема градска црква која ќе ги овозможи сите услови за работа. Неговата намера е да се направи една сериозна Академија за ваква црковна музика.

Инаку, „Хармосини", како хор учествуваше и во создавањето на албумот „Детето и белото море" на Мизар. А, како што вели Солунчев, во сочувувањето на интересирањето за византиското пеење, покрај визнатиските духовни хорови, придонесуваат и современите музички бендови и композитори, кои ги користат изворите на Црквата за да создадат своја световна музика. Црковната музика е едно, современото музицирање е нешто друго. Во голема мера „Анастасија" и „Мизар" беа бендовите кои го отворија овој хоризонт.

Нашиот соговорник изрази надеж дека за 20 или 30 години во сите македонските свети храмови ќе се врати византиското пеење, односно древното пеење настанато во Христовата Црква од Исток./МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дошол на погреб на пријател, па случајно пропаднал во гробот на татко му и починал (ВИДЕО)

Адилсон Марсаро (48) од Бразил го загуби животот во необична несреќа на гробиштата, кога пропаднал во гробот на сопствениот татко. 

Дошол на погреб на пријател, па случајно пропаднал во гробот на татко му и починал (ВИДЕО)

Трагедијата се случила додека тој престојувал на гробиштата на погреб на пријател, а бетонската конструкција на која седел наеднаш се урнела.

Несреќата се случила во средата, на 21 октомври, на градските гробишта Сао Хозе во Линхарес, во бразилската држава Еспирито Санто.

Марсаро дојде тој ден да присуствува на погребот на пријател кој загинал во сообраќајна несреќа претходниот ден.

Според гробарот Назаре Бравин, човекот пристигнал на гробиштата со мотор, ги поздравил присутните и прашал каде ќе биде погребан неговиот пријател.

После тоа, тој ги оставил моторот и кацигата, а потоа се упатил кон гробот на својот покоен татко, кој се наоѓал на истите гробишта.

Кога стигнал до гробот на својот татко, Адилсон седнал на бетонскиот надгробен камен.

Во тој момент структурата наеднаш попуштила под неговата тежина и човекот пропаднал во гробницата.

Силен тресок го привлече вниманието на луѓето во близина. Кога сфатиле што се случило, веднаш повикале брза помош.

На местото на настанот пристигнале припадници на противпожарната служба и брзата помош, но несреќниот човек не можел да се спаси.

Лекарите можеле само да констатираат смрт. Неговото тело е извлечено од урнатата гробница и пренесено на обдукција.

Како што пишува Њујорк Пост, Марсаро бил погребан веќе следниот ден, на истите гробишта каде што го загубил животот.

Градските власти на Линхарес изразија сочувство до семејството и пријателите на жртвата.

Во соопштението тие наведуваат дека вработените на гробиштата веднаш ги известиле надлежните органи, но дека обидите за спасување биле неуспешни.

Воедно, тие ги потсетија граѓаните да бидат особено внимателни при посетата на гробните места, особено во пресрет на празникот Денот на мртвите, кога се очекува поголем број посетители.

По трагедијата се отвори и прашањето за безбедноста на гробните градби.

Градската управа соопшти дека е надлежна за одржување на заедничките површини, патеките и другите јавни делови на гробиштата.

Сепак, одржувањето на поединечните гробови и надгробни споменици, според локалните правила, е обврска на семејството на починатиот.

Бразилската цивилна полиција покрена истрага за да се утврдат сите околности на несреќата.

Засега не е соопштено зошто попуштила бетонската конструкција или дали претходно имало знаци на нејзино оштетување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трамп: Мора да го запрам убивањето на иранските лидери

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека мора да престане да убива ирански лидери за да утврди со кого преговараат САД и го повтори својот став дека на Иран никогаш не смее да му биде дозволено да развива нуклеарно оружје.

Трамп: Мора да го запрам убивањето на иранските лидери

„Морам да престанам да убивам ирански лидери затоа што морам да сфатам со кого, по ѓаволите, преговараме“, рече Трамп на предизборен митинг во Џорџија, објави Дејли експрес. Трамп повтори дека Иран повеќе нема авиони, нема бродови и нема лидери.

„Лидерот од прво ниво го нема, лидерот од второ ниво го нема“, рече Трамп.

Тој, исто така, ја бранеше својата одлука од 2018 година да ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, постигнат под тогашниот американски претседател Барак Обама, велејќи дека ја донел одлуката во клучно време за да го спречи Техеран да добие нуклеарно оружје.

„Го раскинав еден од најлошите договори што некогаш биле склучени, Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) на Барак Хусеин Обама, познат и како нуклеарен договор со Иран, што доведе до тоа Иран да добие нуклеарно оружје. За среќа, го раскинав токму на време“, тврдеше Трамп.

Тој повтори дека САД го уништиле капацитетот за збогатување ураниум на Иран во воените операции спроведени оваа и минатата година.

„Ги победивме воено, финансиски и на други начини. Мора да се погрижиме тие никогаш, ама баш никогаш да не добијат нуклеарно оружје“, повтори Трамп.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пет илјади патници уплатиле крстарење на топлите Бахами, а завршиле во студената Канада (ВИДЕО)

Повеќе од 5.000 патници кои очекуваа еднонеделен одмор на сончевите Бахами завршија во студената Канада откако Ројал Карибиан мораше да го пренасочи своето крстарење поради бура. 

Пет илјади патници уплатиле крстарење на топлите Бахами, а завршиле во студената Канада (ВИДЕО)

Бродот „Оаза оф д Сис“ исплови од Њу Џерси на 18 октомври на планирано седумдневно патување, но патниците дури на половина пат дознаа дека пловат кон Халифакс, Нова Шкотска, наместо кон тропските острови, објави CTV.

Неочекуван пресврт

Ненадејниот пресврт значеше дека патниците се пакувале за сосема погрешни температури. Ситуацијата беше влошена од објавата дека нема да им биде дозволено да го напуштат бродот додека е закотвен во пристаништето.

„Мојот сопруг ме праша: „Ова е шега, нели?““, изјави Мари Дурнинг од Њу Џерси за CTV News. „Донесов зимска капа и грејачи за уши, но го заборавив шалот.“

Патниците кои пристигнаа на крстарењето од подалечни земји немаа зимска облека со себе, ниту пак имаа каде да ја земат пред да се качат.

@chelsea_davis21 Bahamas? Canada? Tomato, tomato 🤷🏼‍♀️ #royalcaribbean #Canada #oasisoftheseas #halifax #novascotia ♬ original sound - Chelsea Davis

Разочарување на социјалните мрежи

Актерката Микајла Ајверсон објави видео на Инстаграм снимено на аеродромот Њуарк кратко откако дозна за промената. Во него, таа се пожали на ситуацијата, а видеото стана вирално со 1,4 милиони прегледи.

„Ни беше кажано, по слетувањето во Њуарк, дека нашето семејно крстарење до Бахамите, кое тргнува за само 12 часа, сега оди во Нова Шкотска? И нема да ни биде дозволено да се симнеме од бродот цела недела. @royalcaribbean, немаме облека за тоа“, напиша таа во објавата.

Меѓу патниците имаше и Канаѓани, кои практично беа испратени дома поради промената на рутата. „Многу сум разочаран“, рече Николас Мели од Торонто. Тој и неговото семејство возеа седум часа до Њу Џерси за да се качат на бродот. „Јас сум од Канада и сакав да одам на Бахамите“.

@katymarie923 It was a not so perfect day at cococay. Now it’s just me and my bonine against the seas. #royalcarribean #utopiaoftheseas ♬ Hoist The Colours (A Cappella) - The Wellermen & Eric Hollaway & Big Brev & Ebucs & Luke G. Taylor & Bobby Bass & Jesse Elkins & Davide Dalmonte

Се обидоа да ги обештетат

И покрај сè, дел од патниците решија да го извлечат најдоброто од ситуацијата. „Бидејќи потрошивме многу пари на ова патување, им реков на сите да ги надминат своите фрустрации пред да се качиме на бродот. Откако ќе се качиме на бродот, не сакам повеќе да слушам за тоа“, рече Двејн Хикс од Филаделфија.

„Така се среди, но сум благодарен и ќе се обидам да го извлечам најдоброто од ситуацијата“, додаде Џим Метјуз од Њу Џерси. „Освен тоа, слушнав дека Халифакс е прекрасен град.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер