Во Хрватска се преврте трактор со приколка кој превезуваше 16 матуранти

Полицијата во Хрватска соопшти дека синоќа  при превртување на трактор со приколка се повредени 16 матуранти во Истра. 

Превртениот трактор со приколка во која се превезувале матурантите го управувал малолетник.

Во несреќата во Пртлог Хрватска се повредени 16 лица.

Полициски службеници извршиле увид на местото на несреќата и утврдиле дека до несреќата дошло кога малолетник пред да се стекне со право на управување моторно возило управувал трактор.

Откако стигнал до остра кривина и удолнина, возачот од засега непознати причини го префрлил тракторот на спротивната страна од коловозот, потоа го напуштил коловозот и продолжил да се движи напред, по што ја пробил заштитната ограда и слетал по косината. Притоа, приколката се одвоила од тракторот и се превртела, а 15 патници испаднале од приколката и се здобиле со повреди.

ХРТ утринава извести дека осуммина матуранти се уште се во болница.

Тројца ученици се тешко повредени. Ученичката која имаше рани во градниот кош беше оперирана и се чувствува добро. Ученик со скршен скочен зглоб и рака ќе биде опериран во текот на денот. На третото повредено лице најверојатно нема да му треба никаква операција.

Куќен притвор од 48 часа за две лица поради убиството на лекарот во Железара

Куќен притвор во траење од 48 часа е определен за две од лицата кои беа задржани за убиството на докторот во скопската населба Железара, соопшти утринава Јавното обвинителство. 

Оттаму информираат дека ваква мерка е побарана со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази.

- Јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство, синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор, во траење од 48 часа, за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара. Тоа, со оглед на тоа што сѐ уште се преземаат дејствија за обезбедување докази. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена, се вели во информацијата од Јавното обвинителство.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека се приведени вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот.

- Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, изјави Тошковски, при посетата на општина Босилово.

Шеесет и седумгодишниот лекар, минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил. Според првичните информации, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата.

Лек за слабеење кој ја зголемува плодноста кај жената

Лекот за дијабетес „Оземпик“ (Ozempik), којшто многу жени го користат и за губење килограми, има уште еден „неочекуван ефект“ - бременост, објави „Пипл“ (People).

Дека сè ова не е случајност, се чини, укажува тоа што на интернет сè почесто се појавуваат приказни за жени кои забремениле поради „Оземпик“... Се покажа дека тој лек некако „ги неутрализира“ контрацептивните средства коишто корисничката ги зема во истовреме... А пак, други си се сметале за неплодни, па бременоста ги изненадила. Така, една жена раскажува дека не можела да забремени неколку години, па со партнерот им успеало откако таа два месеци редовно земала „Оземпик“ заради слабеење. И, родила здраво дете.

Се испостави дека самото губењето тежина, всушност, влијае врз плодноста и општото хормонално ниво.

- Дури и ако се работи за само неколку килограми, тоа веќе може да доведе до продолжување на овулацијата кај жената и таа ќе може да забремени. Нашите масни клетки произведуваат естроген, којшто може да има негативен ефект врз нашите јајници и овулацијата. Тоа може негативно да влијае и на слузницата на ендометриумот, вели акушер-гинекологот Иман Салех.

Покрај тоа, „Оземпик“ со својата формула го намалува и ефектот на контрацептивни лекови, што бара дополнително внимавање додека се зема овој лек.

Сепак, лекарите забрануваат земање на лекот само заради бременост - тоа е премногу опасно и за мајката, а потоа и за детето.

„Испитувањата на стаорци, зајаци и мајмуни покажуваат дека лековите за слабеење може да предизвикаат и спонтан абортус и вродени деформитети ако се земаат за време на бременоста. Сè уште нема студии за луѓе. Жената, исто така, треба да престане да зема лек за слабеење најмалку две недели пред бременоста“, препорачува компанијата-производител на лекови, „Ново Нордиск“.

Опасностите се, сепак, преголеми за да се експериментира на себе, според лекарите. /МИА

Објавен Конкурсот за запишување во јавните средни училишта за учебната 2024/2025

Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/2025 година.

Во Конкурсот се наведени слободни места во училиштата во Град Скопје и општините низ државава за гимназиско, стручно и уметничко образование, за Математичко-информатичката гимназија, Спортската академија и за училиштата за настава на ученици со посебни образовни потреби.

Пријавувањето на учениците ќе биде електронско преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку нивните кориснички сметки на Schools.mk.

Во јунскиот уписен рок има две електронски пријавувања – првото ќе биде од 20 јуни до 25 јуни, кога ќе се доставува и потребната документација до училиштата. Конечната ранг-листа од првото пријавување ќе биде на 26 јуни.

Второто електронско пријавување ќе биде на 1 и 2 јули 2024 кога воедно ќе се доставуваат и документите до училиштата, а конечната ранг листа со резултатите од запишувањето и слободните места секое училиште ќе ја објави на 3 јули 2024.

Во августовскиот уписен рок пријавувањето ќе се врши на 21 август 2024.

Во Конкурсот се содржани условите и критериумите за запишување, насоки за спроведување на конкурсот, роковите за запишување со детали за полагање на квалификациските тестирања и за објавување на резултатите.

притисни ентер